1021 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 14:59
за деценија-две или две години порано
ќе биде неважно дали е црвено на семафорот црвено на календарот или престапна година
за деценија-две или два часа потоа
ќе биде неважно дали Исус е во црква или во менувачница
градот ќе Стане како шума која го пробива таванот на трговскиот центар
градот ќе Прооди како корењата кои ги креваат тротоарите
и ја гризаат изолацијата на атомските засолништа
градот ќе Мириса како second hand во зоолошка градина
градот ќе Издивне како кремирано породилиште
и ќе остане
само маста на дното од гласачката кутија
и коските од избирачките списоци да испратат разгледница
за преостанатите претседатели и нивните радиоактивни внуци
додека ги продаваат вселенските акции и озрачените сандаци
да ги испратат преостанатите новороденчиња
да растат и да се лулаат
под нафтените платформи на месечината
еден понеделник или вторник наутро
ќе остане само жиро-сметката на дното на морето
и Потомците на берзата да ги купат базените
тобоганите и арматурата за хотелите на Меркур
и ќе преживеат само барутот и потерниците
најгладните беспилотни летала
илјадниците споменици на обезглавените идоли
милијардите лајкови и бубашваби
во заедничката гробница
бар-кодовите и безбедносните камери
ќе преживее само
дивото цвеќе кое расте на депонијата на андроидите
еден четврток после ручек
на портирницата на градската општина
паркинг местото за инвалиди под огласот за слободни работни места
на терасата на собранието во ходниците на градската куќа во бањата на градоначалникот
ќе спиеме мирно и надоени како Демографска бомба
зад блиндираното стакло во писоарите на подвижните ленти на фабриките за кабли
на прагот на полицијата во канцелариите на комуналното претпријатие
под крпите за бришење раце во јавните тоалети на полиците во супермаркетите
на послужавниците на експрес рестораните во количките за санитет
на завесите на универзитетите на рецепцијата на психијатриските болници на црвениот тепих
болничките кревети пожарникарските гаражи
реновираните шалтери на поштата и дистрибуцијата
пекарските ламинати зад отворените трезори и вратите од автоматите за кафе
ќе спијат
најубавите инсекти невработените мрзливи глодари заљубените скорпии
крвожедните овци питомите волци и армии
птиците грабливци
ќе спијат мирно и надоени
а ти драга
ти ќе бидеш последниот оброк со долга црна коса во виолетов сомот
ќе го шеташ твојот километарски фустан по брановите на земјата која голта билборди
низ зеленилото кое го гризе асфалтот и ги надраснува семафорите
ќе шеташ низ честакот кој ги соборува и џвака
празните бенседини и светлечките реклами на фармацијата
во превртеното комбе на брзата помош
ќе ги сокриеш клучевите од своите големи
порти на Машинската индустрија зараснати во кората на дрвото
клучевите кои ќе ги добијат тие
кои стојат на стрмната карпа на хотелот Амбасадор мирни
како лавови од камен
храбри како големото и рането срце
на Исусовата потерница...
Превод: Иван Шопов
Слика: Jack and Dinos Chapman