Борба, победа, одговорност

16.07.2014 10:02
Борба, победа, одговорност

Фудбалот повеќе не е игра. На стадионите се водат епски битки. Играчите стануваат херои, нови германски херои. „Fack ju Göhte“ е насловот на еден успешен филм од кој луѓето умираат од смеење. „Fack ju, Schweinsteiger“ би бил голем неуспех на кино благајните. Што е еден поет во споредба со фудбалскиот крал? Последната линија наместо поетот и мислителот. 2006, 2010, 2014 - Германија се пронајде во фудбалот, тука е распален огнот во кој се кали челикот на новата национална свест. Но, што ќе правиме сега со неа?

Море, каква постхеројска доба! Фудбалските преноси ја побиваат тезата за крајот на обожувањето на хероите. Фудбалскиот натпревар е историска битка. Рио, како битката кај Садова, Марио Геце се појавува, како некогаш третата армија, за да ја сврти воената среќа во корист на Германија.

Преносите донесуваат уште нешто. Гротескно искривени машки тела летаат низ воздухот како погодени од минофрлачка граната, како некогаш во филмовите на Сем Пакинпах, се удираат и паѓаат во агонија. Бастијан Швајнштајгер крвав го напушта теренот, но ништо не може да го спречи да се врати во игра. Назад да им помогне на другарите од фудбалскиот фронт. Триесет и пет милиони Германци ја гледаа спортската верзија на „Железниот крст“, а коментаторот додава: „Никогаш нема толку да се поклонуваме како денес пред Швајнштајгер.“

Последиците по народот и нацијата се колосални. Фудбалот за Германците стана нов втемелувачки мит. Новиот број на Шпигел е одушевен од фудбалските Германци: „Сè до 2006 бевме нација која постојано се преиспитуваше. Но потоа во сопствената земја го славевме светското првенство. Во 2010 почнавме да сфаќаме колку сме важни како нација, што се отсликуваше и на фудбалскиот терен. Во Јужна Африка игравме лесно и инспирирано. Германија на светот му подари моменти на убавина, а светот се одушевуваше и радуваше поради овие Германци.“ Изгледа дека овде станува збор за нешто многу поважно од головите.

Не е случајно што токму сега имаме претседател кој нè опоменува: „дека порано сме ја имале германската оправдана воздржаност, која сега би требало да ја отфрлиме поради поголемата одговорност“.

Непрестајните говори на Гаук за поранешната германска воздржаност и денешното неопходно ангажирање покренаа дебата која укажува само на едно - од историјата не сме научиле ништо, а воопшто не сме свесни за тоа. Имено, не станува збор за духовното минато. Стварноста е сосема доволна. Дирк Курбјувајт неодамна напиша дека повеќе не живееме во германскиот Рајх и дека команданти на германската војска не се Лудендорф или Хитлер, туку фон дер Лаен и Меркел. Но со тоа само е речено дека нема да ги повторуваме грешките од минатото, а што е со оние кои ги правиме денес? Урсула фон ден Лаен и понатаму слуша сè што Америка наредува и нарачува дронови за германската војска - едно од најлошите оружја на модерното војување кое овозможува безбедно убивање од дистанца.

Историјата не се повторува, но тоа не е доволна утеха. Германците се светски шампиони, брановите од одушевување се закануваат дека ќе нè преплават. Што ќе прават сега шампионите од Германија со новата самодоверба?

Би требало сериозно да ги сфатат зборовите на својот претседател - одговорност. Но што таа подразбира и каде завршува? Изгледа дека тоа сè уште не е јасно. Дебатата штотуку почна, но Германија не треба да бега од одговорност - особено во средоземјето каде луѓето се дават, на сириските граници каде има бегалски логори, во германските депортациски притвори каде луѓето очекуваат враќање во Романија и Бугарија и каде што ги чека омраза и насилство.

Германија конечно би можела да ја поништи застрашувачката промена на Уставот од 1993 кога една јасна реченица „изложените на политички прогон имаат право на азил“ е претворена во - како што Навид Кермани правилно го нарекува тоа - „монструозна нардба“ со која имаше обид да се прикрие дека всушност е укинато правото на азил.

За овој вид одговорност на Германија не и’ се потребни дроновите кои фон дер Лаен ги нарачува, и другото оружје, за кое Гаук неодамна зборуваше. Малку повеќе срце би било доволно. Можеби големо колку фудбал.

Извор: Spiegel, 14.07.2014.

ОкоБоли главаВицФото