Хрватска го усвои Законот за животно партнерство

17.07.2014 09:08
Хрватска го усвои Законот за животно партнерство

Хрватска во вторник го доби Законот за животно партнерство на лица од ист пол, според кој хомосексуалните двојки ќе уживаат исти права како и брачните партнери, освен правото на посвојување деца.

Собранието го донесе законот со 89 гласови за и 16 против, а усвојувањето беше проследено со аплауз од галеријата, од каде седницата ја следеа активистите за права на ЛГБТ лицата.

По усвојувањето на законот, во Хрватска бракот, вонбрачната заедница, животното партнерство и неформалното животно партнерство се признати како заедници кои го претставуваат семејниот живот, соопшти здружението Загреб Прајд и наведе дека семејниот живот на истополовите парови, од сега па натаму животни партнери, во Хрватска го штитат Уставот, Европската конвенција за човекови права и Уставниот суд.

Тоа долго чекано законско признавање на нашите семејства, јасно порачува дека сите семејства се еднакви, деа сите заслужуваат да живеат безбедно и среќно и дека човечкото достоинство е неотуѓиво, независно од нечија сексуална ориентација или родов идентитет, укажува Здружението.

Токму затоа истополовите партнери ќе го склучуваат животното партнерство на јавен и свечен начин, пред матичар, со што Хрватска и на симболичен начин ќе ги третира еднакво двете семејни заедници.

Законот за животно партнерство ќе стапи на сила осум денови по објавата во Народниот весник, а првите истополови венчавки ќе можат да се одржат кон средината на август.

Извор: e-novine