Бутан: земјата која сака целосно да премине на електрични автомобили

18.07.2014 08:39
Бутан: земјата која сака целосно да премине на електрични автомобили

На патиштата на кралството Бутан нема многу автомобили, а најголемиот град, престолнината Тимпу, го населуваат само 80 илјади жители.

Во овој град освен кралското семејство живеат и многу владини чиновници и други вработени во јавната администрација, кои ја претставуваат малубројната, но растечка средна класа.

Владата во Бутан веќе изрази желба електричните возила да влезат во широка употреба, но до сега не отиде многу подалеку од идеја. Планот подразбира и забрана за продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Во меѓувреме, властите во Бутан побараа помош од јапонските производители на автомобили Нисан и Мицубиши, кои имаат големо искуство во производство на електромобили.

Првиот човек на Нисан, Карлос Госн, во февруари беше гостин во Бутан, а премиерот на земјата, Черинг Тобгај, неодамна ја посети Јапонија.

Деталите за евентуалната соработка со јапонските автомобилски компании за сега не се обелоденети, а Тобгај изјави дека бензинот како гориво е скап и еколошки неприфатлив.

„Целта ни е да имаме сообраќај со одржлив развој, бидејќи тоа ќе им донесе среќа на нашите граѓани во иднина. Нашите извори на електрична енергија се чисти и обновливи, а струјата која ја добиваме од хидроелектраните е евтина“, вели премиерот на Бутан.

Оваа земја во моментов извезува поголем дел од електричната енергија која ја произведуваат хидроелектраните, а дел од заработените пари ги троши на увоз на бензин и други фосилни горива. Планот за преминување на електрични возила има смисла, со оглед на тоа дека на тој начин би се намалила зависноста од увоз на нафтени деривати, но би се избегнало и загадувањето на животната средина во оваа земја чијашто територија со 80% се наоѓа на повеќе од 2.000 метри надморска височина.

Извор: B92