Дада-шансона

18.07.2014 09:09
Дада-шансона

I

Песната на еден дадаист
кој носеше врз срцето смоквин лист
го заморуваше неговиот мотор-солист
кој се криеше под смоквиниот лист

со лифтот се искачуваше еден крал
тежок лесно кршлив апсолутист
си ја исече десната рака со мошне свечен гест
и во Рим на папата му ја прати експрес

никогаш повеќе лифтот не беше таков ист
зашто сега го немаше
својот дада под смоквиниот лист

јадете чоколада
мијте го својот мозок в када
дада
дада
пијте вода ладна

II

ова е песна за еден дадаист
со карактер ни валкан ни чист
и кој се вљуби во една женска-велосипедист
со карактер ни валкан ни чист

но мажот на нова година провали в стан
нивните тела насилно ги скрати
и двата во три куфера ги прати
право кај папата во Ватикан

оттогаш ни љубовникот дадаист
ни женската-велосипедист
немаат повеќе карактер ни валкан ни чист

јадете мозоци со салата млада
мијте го својот војник пред парада
дада
дада
пијте вода ладна

III

ова е песна за еден велосипедист
кој за дада беше специјалист
кој значи беше дадаист
како сите што го имаат дада под смоквиниот лист

една змија носеше ракавици елегантни
а тој набрзина го затвори сигурносниот вентил
си купи од змиска кожа ракавици и мантил
и појде да го бакне папата украсен со ленти

тоа е трогателно
со стомак во облик на бела рада
тој го немаше повеќе својот дада

пијте птичјо млеко од славеј или ут
мијте ја својата чоколада
дада
дада
јадете телешки бут

Препев: Влада Урошевиќ
Слика: Оливија Кнап

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото