Социјален џихад

18.07.2014 10:48
Социјален џихад

Како што забележал секој што не ги прескокнува вестите од светот, стискајќи го копчето на далечинскиот управувач или навлажнувајќи го прстот со јазикот додека ги врти страниците од весникот: во моментов, во Ирак има ново зло и ситуацијата е сериозна. Нешто што себеси се нарекува Исламска држава на Ирак и Левант (ИСИЛ) и од неодамна, само „Исламска држава“, а всушност е група радикални, вооружени исламисти кои се подготвени да го употребат тоа вооружување, од почетокот на годината и особено забрзано од јуни освојува големи делови од територијата на Ирак.

И на тие територии ја воведува својата теократска и, всушност, клерофашистичка власт (според јазикот на ИСИЛ: калифат). Под нивна управа влегоа или „беа ослободени“ сите оние топоними кои им се познати на гореспоменатите поединци со трпеливи прсти во случајот на белосветските вести: Фалуџа, Мосул (втор најголем град во Ирак), Тикрит (родниот град на Садам Хусеин) итн, а заземаат и села по границата со Турција и ги контролираат сите најголеми нафтени полиња во Сирија. Во своевидниот мозочен излив, заради кој пресериозно се сфаќаат самите себеси, лидерите на споменатата банда ги повикаа сите муслимани да се обединат и да го освојат Рим. Не за да уживаат во делата на ренесансните мајстори или за да се искапат во Фонтаната ди Треви, туку на тој начин да завладеат со светот. Изгледа дека и буквално и фигуративно никој не ги известил дека средниот век одамна заврши, како и дека денес некои други градови се поважни од Рим, кога веќе нè возбудува светската доминација.

Патем, Исламската држава на Ирак и Левант (при што Левант се интерпретира како своевидна „Голема Сирија“) е создадена како локална ќелија на Ал Каеда, но израсна и се „осамостои“ во февруари оваа година. Истовремено, тогаш Ал Каеда ги прекина сите врски со ИСИЛ, наведувајќи дека оваа група, едноставно, е премногу крволочна и брутална, дури и според стандардите на нивниот „11 септември“. И навистина, пред минатиот труд на споменатите бандити, Ал Каеда делува како „Гринпис“ или слична НВО секта на професионални подигнувачи на свеста посветена на интеркултурниот дијалог. Имено, на териториите што ги контролира ИСИЛ, воведено е владеење на стравот во кое на крадците им се сечат раце, непослушните ги распнуваат на крст, а на останатите граѓани (со смртни закани) им се забранува дрога, алкохол, цигари, оружје и истакнување други знамиња. Жените мораат „да се облекуваат скромно“ (а тоа значи: да носат никаб, односно облека која го покрива целото тело и лицето), а се уништуваат и храмови и гробишта затоа што оваа верзија на исламот ги смета за многубожни или невернички.

Како се случи овој ужас на верски фундаментализам, кој не брои повеќе од 7 000 „војници“, во краток рок да завладее со речиси половина Ирак, како и речиси со сите нафтени полиња во регионот? Концвенционалната анализа покажува дека ИСИЛ зајакнал за време на граѓанската војна во Сирија, кога организацијата се стекнала со значителна количина оружје. Потоа, војската во Ирак, како и ирачката демократија, се премногу невешти и несигурни. Според едноставниот западен поглед на нештата, се истакнува дека припадниците на ИСИЛ се сунити, а дека моменталната власт во Ирак е одлучно и дискриминаторски прошиитска, што создава незадоволство и фрустрации и ги прави милитантните сунити атрактивни во борбата за верско и социјално достоинство. И, сето ова колку што е вистинито толку е и парцијално, односно претставува само еден дел од причините и објаснувањата. Она другото е многу понепријатно за да му се погледне во очите под бурката, но истовремено е и голема лекција во одговорот на важното прашање кое гласи: како клерофашистичките бандити добиваат поддршка и доаѓаат на власт?

Имено, како што забележаа луѓето кои одблиску ја следеа целата работа, Исламската држава на Ирак и Левант на локалното население му обезбедува: медицинска нега, образование, социјална заштита и социјална помош. Ефикасни судови и ефикасна полиција. Воведуваат струја и ги поправаат патиштата. Како што сведочат новинарите од „Атлантик“, ИСИЛ на граѓаните им обезбедува дури и заштита на потрошувачите – затворајќи аптеки, супермаркетии ќебапчилници кои продаваат стока, храна и лекови со слаб или сомнителен квалитет. Дури и девојчињата ги носат во училишта, додуша верски (во кои Куранот се учи напамет), но: што и да е, на крајот ќе има диплома. Исто така, ИСИЛ организира игранки за децата, со тобогани и сладоледи. Самата себеси се финансира со строг даночен систем воведен на териториите што ги контролира, не потпирајќи се веќе на приватните донации од блискоисточните нафтени богати луѓе кои одеднаш ги открија исламот и светата војна. Да нема забуна: ИСИЛ и понатаму е крвожеден збир верски фанатици и убијци кои на тие територии спроведуваат терор и диктатура, додека во походот кон Багдад убиваат сè пред себе. Но, затоа на послушните жители од својата новопрогласена држава им обезбедува илузија на социјална стабилност и сигурност. Што значат покривањето на женското лице, забраната за пушење и инстант светата војна во споредба со струјата, водата за пиење, лековите и леб за најзагрозените? Судовите се строги, полицијата брутална, но барем се ефикасни и некорумпирани, зарем не? Па, доста беше крадење, а и што ќе им се раце, на крајот на краиштата, мајката нивна крадачка? Логиката на овој успех меѓу населението најверојатно гласи: ќе се молиме петпати дневно пред смртните закани, нема проблем, само ако силната „Исламска држава“ – за разлика од премногу слабата ирачка демократија – обезбеди поредок и стабилност по повеќегодишниот хаос. Најпосле, таа милитантна теократија не е толку лоша работа.

Со други зборови, клерофашистичките бандити и злосторници повеќе не доаѓаат на власт марширајќи во црни, кафени или хавајски кошули. Не, тие доаѓаат на власт водејќи ги со себе своите учители, лекари и социјални работници. Особено ако споменатите се хроничен недостаток. И дури тогаш можат на населението да му „продаваат“ секакво ѕверство, фанатизам и фашизам. Меѓу другото, и оној австриски собен сликар дојде на власт преку партија која се нарекуваше (национално) социјалистичка и работничка. И затоа од лекцијата која забрзано се одвива на Блискиот исток може да научиме многу. Луѓето подготвено ќе прифатат какви било идеи ако им ветиме социјална сигурност и пристоен животен стандард. Уште ако и навистина направиме нешто по тоа прашање, ќе ни пристапат со фанатичен жар, со радосно колење неверници од сите видови. И оваа логика, свесно или не, ја прифаќаат и локалните клерикални и фашизоидни движења како „Образ“ и слични на „Нашите“. Да ги погледнеме поблиску нивните програми кои се исполнети со социјална правда, семејни вредности, заштита на послабите и сеопфатна сигурност за Петар Петровиќ преку уплатница. А, пред предизвиците на општата сиромаштија, несигурноста и неизвесноста – што претставува „малку“ молење пред боговите и промоција на закоравено сфатената национална култура, наспроти белосветската, забрана на абортусот и политичките партии, прогонот на хомосексуалците и останатите предавници и странци, како и хобистичкото освојување на српските земји? Сето тоа е простаклук и мириса на милитантен клерофашизам, но кому му е грижа кога со себе носи и „сигурност“ или (хероински) „фикс“ во форма на каква – таква економска и социјална стабилност во едно премногу скапо коцкање со животот!

Зошто ова е толку важно (а, важно е) ако, се разбира, го изземеме Ирак кој повторно крвари? Затоа што ова се факти и проблеми кои мораат да се земат предвид кога се заговараат остри либерални реформи. Или, на пример, по повод најавата на Законот за труд, кој веројатно е сосема блиску, тука. Ваквите и слични потфати се социјално хазардни затоа што дополнително удираат на стандардот на обичните луѓе и додаваат масло на огнот на сеопштата неизвесност и несигурност. Олеснувањето на процесот за отпуштање работници и укинување разни социјални давачки можат да го направат опасно примамлив секој луд човек кој во име на сопствените опасни цели заговара нивно враќање. Токму како во случајот со „социјално-исламската“ држава на Ирак и Левант. Со други зборови, лесното препуштање на армијата граѓани на една каприциозност, неуреденост и невидливост на раката на пазарот, може да придонесе за генерализирање на желбата за раката која е и цврста и стабилна и брутална. Против укинувањето на стекнатите права треба да се пристапи принципиелно и во име на човечноста и пристојноста. Но, и затоа некоја овдешна клерофашистичка банда да не ни затропа на портата. Пардон, на вратата.

Извор: http://www.danas.rs

 

ОкоБоли главаВицФото