1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:32
Премиерот Никола Груевски оцени дека сега е идеално време да издаде еврообврзница и да ја задолжи државата со нови 500 милиони евра. Сумата ја премолчи, зашто смета - со право - дека е џабе да се зборува. Јавноста е потоната во таква идеална апатија, што веќе не ја интересираат ни бројки ни букви. Барем засега, никој пет пари не дава за ништо, па ни за заеми од 500 милиони.
„Ценејќи дека условите на пазарот сега споредено со минатите години се идеални, а не можеме да бидеме сигурни дека во иднина ќе бидат подобри, проценивме дека сега е вистинскиот момент да се повлече овој чекор“, објасни премиерот, иако не мораше.
Без контрола, без ниедно различно мислење, оставен сам да проценува што, кога и зошто да прави, нема никаква причина да се сомнева дека условите во иднина ќе бидат уште подобри. Отсега новите заеми ќе се користат само за враќање на старите долгови. А не е исклучено парите да почнат и сами да доаѓаат, зашто државата, со формирањето на финансиските зони, е на сигурен пат да стане уставна пералница на нечист капитал, маскиран како странски.
Но, вистинскиот идеал ќе биде постигнат кога земјава ќе го помине историскиот праг од средно во жалосно задолжена и кога фамилијата ќе тргне на пат околу светот. Ама не за да зема, туку за да дава, да нуди заеми за сиромашни земји (како нивната поранешна). Од своите семејни фондови, се разбира.
Вреди да се живее за тој момент. Ама не во оваа земја.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња