На источниот фронт ништо ново

19.07.2014 13:17
На источниот фронт ништо ново

Може ли поинаку да се разбере европското неединство околу воведување трет пакет санкции против Русија, освен како уште еден доказ дека проектот Европска Унија одамна влезе во декаденција и дека е потребна негова замена или распуштање?

Повикот на несреќната Украина за помош и запирање на тоталната војна што се води на нејзина територија на сметка на големите сили, многу ме потсетува на блокадата на Македонија со наметнатиот проблем од страна на Грција/ЕУ и нашите неслушнати апели за наоѓање решение на спорот околу името.

Италија, Австрија, Словенија, па и Бугарија и Грција во друштво со Кипар „биле подготвени да блокираат воведување на секторни санкции против Русија,“ јавува Итар-Тасс. Европска хипокризија пар екселанс. Нормално, запазување на националните интереси (читај: милијарди долари руски инвестиции со изградба на цевковод преку кој ќе се транспортира сибирски гас и незагрозување на трговските зделки со руските олигарси), се поважни од запирање на уништувањето, секојдневните убиства на украински војници и цивили и зголемениот бегалски бран од источна Украина.

Како многупати досега во историјата, европската кратковидност и овојпат треба да ја исправи американската одлучност да се реагира во пресудни моменти. Макар тоа и да биде подложено на жестоки критики од меѓународната јавност. На какви што беа подложени на пример од САД предводените воени интеревнции во Југославија 1999, и во Ирак 2003.

Белата куќа во понеделник донесе решение претекнувајќи ја неодлучноста на бриселската технократија. САД во средата навечер објавија воведување нови санкции насочени кон сектори од руската економија како банкарскиот, нафтениот и одбранбениот, но и кон политичари. Тоа е нов притисок врз Владимир Путин со надеж да се омекне тврдиот став на Москва која не направи ништо во изминативе месеци (после дипломатските средби на виоско ниво во Женева во април) да ги убеди милитантите во источна Украина - се верува дека тие се кооординирани од руски безбедносни служби - да го положат оружјето и да започнат директни преговори со новата украинска власт.

Во обид во последен момент да ги убеди неверните Европејци кои поседуваат некаква параноидна неодлучност - дали да останат со традиционалните евро-атлантски партнери предводени од САД, Германија, Франција и Велика Британија, или да фатат сојуз со Русија - Стејт департментот во меѓувреме објави аргументиран извештај за тоа дека Русија отворено ги снабдува со тешко вооружување украинските сепаратисти и ја дестабилизира ситуацијата.

Во објавеното соопштение на сајтот на американскиот Стејт департмент, САД ја обвини Русија дека го стега обрачот со дислоцирање на трупи и современа воена техника непосредно на границата со Украина. Ова се цврсти докази дека земјата отворено е вклучена во воениот конфликт и дејствува како завојувана страна, иако Москва тоа го негира. Овој нов тип на војна е прилагодување кон новонастанатите (револуционерни) услови во 21 век, за што руските воени стратези лани објавија нова, нелинеарна стратегија на војување. За тоа во некоја од наредните колумни.

Интересно за доказите што ги има во сооштението е тоа дека сите наведени факти се јавно достапни и се објавени, на пример, по социјалните мрежи и други локални медиуми. Настрана разузнавачките информации брифирани од Белата куќа зад затворени врати на средба со ЕУ лидерите. Наведени се доволно сериозни обвинувања на адреса на Москва околу снабдување со оружје и врбување на руски граѓани, односно доброволци кои непречено ја преминуваат границата и се регрутираат во редовите на таканаречените ополченци кои војуваат против регуларната армија на Украина.

Така, на пример, фактот дека тие користат руска воена техника се потврди и со ослободувањето на Славјанск. До почетокот на месецов градот беше упориште на сепаратистите и во мај и јуни безбедносните сили претрпеа тешки загуби за да го ослободат. Соочени со настапување на националната гарда, за која се смета дека е составена од претставници на Десниот сектор и дека е безмилосна кон вооружените востаници, ополченците ги напуштиле заземените згради и наврат-нанос побегнале, оставајќи зад себе складови со оружје - автоматски пушки, снајпери, минофрлачи, воени транспортери и тенкови. Минатата недела министерството за одбрана во Киев отвори изложба на запленетото оружје и техничките ознаки и брошурите кои биле најдени укажуваат дека тоа било префрлено од Русија.

Во меѓувреме, на источноевропскиот фронт нема промени. Жешката и информациската војна продолжуваат од копно и од воздух.

Неделава беше соборен еден воен транспортер. Авионот на украинската армија Ан-26 бил нападнат од ловец на руското воено воздухоплоство и урнат во понеделникот во Луганска област, јавуваат украинските медиуми. Неизвесно е дали деветте членови на екипажот се преживеани или заробени. Исто така, ополченците запленија од Украинците ракетен систем земја-воздух „Бук“ и урнаа уште еден воен авион со исход од десетици жртви кај украинските сили. Националната гарда во средата соопшти дека силите на таканаречените Донецка и Луганска „народна републики“ започнале офанзива во Донецката област. Се соопштува дека биле нанесени тенковски и минофрлачки удари.

Според ситуацијата на терен, проруските сили во источна Украина немаат проблеми со недостаток од оружје или воена опрема. Уште од заземањето на Крим до сега тие секогаш биле добро опремени со камуфлажни униформи, секогаш носеле модерни лесни и тешки парчиња оружје и се движеле со воени транспортери и тенкови.

Позициите и контролните пунктови на украинските сили за безбедност постојано се на нивен удар и според службите во последните неколку денови загинале шест украински војници додека 13 се ранети. Според прес-лужбата на украинскиот Совет за национална безбедност, д почетокот на антитерористичката операција во Донецката и Луганската област загинале 256 припадници на армијата, додека 922 биле ранети. Заменик министерот за здравство на Украина изјави дека од почетокот на војната во истокот на земјата загинале 478 цивили, вклучувајќи 30 жени и 7 деца, додека ранети биле 1.392 цивили, меѓу кои 108 жени и 14 деца.

Ова се бројки на реални, живи луѓе кои од ден на ден се зголемуваат. Од друга страна, проследете како официјалната пропаганда во Москва игра на бедата што го снајде украинскиот народ, и не мрднува со прст да се промени воениот статус кво.

Во саботата државниот Прв канал прикажа сензационално интервју со некоја си Галина Пишњак, наводна бегалка со две деца од западна Украина. Пред камера и насолзени очи таа сведочеше како присуствувала на грозоморен чин на смртна казна со распнување на мало дете на огласна табла на плоштадот во Славјанск, извршен од украински војници пред очите на мајката, заради тоа што нејзиниот маж се борел со ополченците.

Се разбира, гротескната приказна произлезена од средновековните мрачни умови на некои руски националисти како Александар Дугин, беше веднаш ставена под знак прашање и се дозна дека бегалката всушност била добра актерка. Руската јавност расправаше со денови за тоа како можело да се дозволи објавување на таква „вест“, за деградацијата на владините медиуми, и за моралниот но и убиствен ефект што можат да го предизвикаат такви лажни прилози.

Со разгорувањето на војната неосоветската пропаганда достигна нови височини. За време на изборите, руските главни телевизии пренесуваа дека Дмитриј Јарош, лидерот на украинските националисти, победил на претседателските избори, иако тој не освои ниту еден процент од гласовите. Дека американски хеликоптери редовно го прелетуваат Днепар и дека органите на убиени или ранети ополченци биле продавани на Запад. Распнувањето на дете пред толпа луѓе среде плоштад е врв.

Толку искривена и ниска пропаганда се нема случено од Гебелс па наваму, ако се изземе радио-емисијата на племето Хуту против племето Тутси за време на геноцидот во Руанда. Засега, московските владини гласноговорници неказнето оперираат со разновидни полулаги и манипулации и никој не може да ги спречи.

Во отсуство на рамка на правила што ќе го спречат произволот во Украина и Русија, западните лидери треба да бидат едногласни и да ја казнат Москва со реални санкции. Економската штета ќе биде обострана, ќе настрадаат како руската така и економиите на Германија, Италија или пак онаа на Полска, но овој чекор е појдовна точка за регулирање на кризата и запирање на крвавата војна, лагите и манипулациите.

Слични содржини

Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото