Мозаиците од штоф на Велко Николов (1)

20.07.2014 10:11
Мозаиците од штоф на Велко Николов (1)

Откривање на делата на мајсторот по игра на случајот

 

Поради својата единственост и необичност, еднa раскошна ткаеница како да заталкала во збирката на текстилна покуќнина на Музејот на Македонија. Се работи за килим по сè различен од другите градски килими од музејската збирка која опфаќа килими ткаени во XIX и XX век; таква ткаеница нема во ниту една од музејските збирки во земјава и пошироко на Балканот. Килимот е направен од разновидни парчиња индустриски волнен штоф, исечени во едноставни геометриски фигури и сошиени така што прават сложена композиција, со илузивен визуелен ефект, сличен на старите мозаици во камен. Килимот, купен 1955 година од Никола Николовски, е заведен во музејската документација под влезен број 5574, каде што е наведено дека во 1881 година го изработил Велко Николов, кројач од Крушево. Килимот-мозаик со децении остана единствениот примерок од својот вид, потполно невклоплив во ниту една група килими од музејската збирка, обвиен со мистеријата за своето потекло и настанување.

Единствената трага за одгатнувањето на приказната за овој исклучително вреден уникат беше една стара црно-бела фотографија сочувана во Музејот, на која се гледа килим изработен во истата техника и со многу слична орнаментика, закачен на ѕид; на земја е послан друг таков килим со орнаментика што наликува на нашите традиционални ткаени волнени килими. Покрај килимите стои средовечен маж, облечен во градски костум. На позадината на фотографијата, ракописно, со молив е напишано: „Крушевски мајстор – родум Белушински Велчо изработил го овој килим од разни парчиња штоф –
1876 Инв. бр. 5574...“.

Иако изразените сличности помеѓу килимите на фотографијата и нашиот експонат јасно укажуваат на истата мајсторска рака, енигмата за неговото потекло продолжи, зашто килимот бр. 5574 воопшто не беше на снимката. Ниту оној што виси на ѕид ниту посланиот на земја. Музејскиот примерок многу наликуваше на закачениот килим, имаше иста композиција со централна осумаголна ѕвезда и бордура со големи квадрати. Овие скудни податоци, како и уникатноста на килимот, укажуваа дека е можно да се работи за истиот мајстор кој во влезната книга е именуван како Велко Николов, а на фотографијата како Велчо Белушински. Но, кој бил тој, кога живеел и каде се наоѓаат килимите од фотографијата, остана неразјаснето.

Недатирана фотографија на Велко Николов

Загатката почна да се разоткрива кога сосема случајно, дојдена по некоја своја работа, на вратата од мојата канцеларија во Музејот на Македонија тропна една за мене непозната жена. Гледајќи ги килимите во просторијата, госпоѓата која се претстави како Јелена Еманова, ми кажа дека нејзиниот дедо изработувал килими направени од парчиња штоф. На старата фотографија со мајсторот на килимите од штоф, што ја покажав, госпоѓа Јелена веднаш го препозна својот дедо, Велко Николов. Така, со оваа чудна игра на случајот, приказната за необичниот мозаик од текстил почна да се отплеткува.

Оваа неверојатна средба ја доживеав како да сум пронашла некое старозакопано богатство, а како што подоцна разбрав, случката ѝ остави длабок впечаток и на госпоѓа Еманова. Веројатно токму затоа неколку години подоцна таа неочекувано ми се јави и ми соопшти дека со сестра ѝ, Лидија Николовска, решиле да му го подарат на Музејот килимот што се наоѓаше на старата фотографија, а им останал во наследство од мајка им Фанија, ќерка на Велко Николов. Со килимот подарија и две торби кои тој ги изработил во истата техника.

Овој непроценлив подарок на внуките на Велко Николов беше повод да го започнам истражувањето на неодгатнатиот дел од приказната за мајсторот и неговите килими: како и во кои околности настанале овие уметнички дела кои изгледаат како да се изработени во некое европско ателје и, по некој случај, стасале во нашиот вилает.

Детаљ од мозаичен килим на Велко Николов

Mозаици од текстил

Велко Николов ги изработувал своите мозаици од текстил со сопствена варијанта на техниката која во светот е најмногу позната како пачворк. Неговите килими се направени од различни парчиња волнен штоф исечени во геометриски форми и сошиени така што прават мозаична слика. Тие имаат постава и посебен вид среден слој фиксиран со лепило. Долгата историја и географската распространетост на пачворкот и на прошиените ткаенини со исполна, какви што се и нашите јоргани, е посведочена во археолошките и ликовните извори. Овие две различни вештини и техники имаат посебни развојни линии. Додека со предметите изработени во пачворк техника се рециклирале употребените ткаенини, од штепуваните ткаенини со исполна се изработувале облеки и покривки кои обезбедувале топлина и заштита. Покривките за кревет во пачворк техника, изработувани во Велика Британија во XVIII и XIX век, најчесто во себе ги соединувале и двете функции, вклучувајќи ја тука и декоративната. Лицето на овие покривки е направено од парчиња памучни, волнени или свилени ткаенини, искроени во посебни форми и сошиени на рака со игла, формирајќи сложени мозаични слики. Помеѓу лицето и поставата на покривките има исполна од волна или памук и сите заедно се прошиваат и соединуваат со декоративни штепови, но имало и украсни пачворк прекривки за кревет без исполна и прошивки. Овие покривки, во англиското говорно подрачје наречени килтови, ги изработувале жените за свои домашни потреби, но и мажите – професионални кројачи, војници или морнари изработувале исклучително убави примероци. Преку иселениците, нивната изработка се проширува од Европа во САД и во Австралија, каде што сè уште се омилено женско хоби.

Во северна и централна Европа во XVIII и XIX век се изработувале ѕидни украси и прекривки за маси, за домашни и црковни потреби, изведени во една посебна техника наречена интарзија во текстил, мозаик од ткаенини, текстилни слики и слично. Тие се правеле од бројни мали парчиња волнени, валани ткаенини што не се ресат, исечени во потребните форми и соединети со шиење без преклопување на рабовите. Вака склопените парчиња формираат сложени слики на кои се прикажани сцени од секојдневниот живот со бројни човечки, животински, растителни и геометриски мотиви, но и такви со верска или историска содржина, а поретко се наоѓаат со исклучиво геометриска орнаментика. Ги изработувале најчесто професионални кројачи, истакнувајќи ги преку нив и своите мајсторски вештини. Во XIX век, дел од овие изработки се изложувале на големите светски изложби, како во Париз и Лондон, или се покажувале на комерцијални патувачки изложби.

Во светските музеи се чуваат бројни примероци и од двата типа мозаици од текстил. Нивната културна, историска и уметничка вредност е високо вреднувана. Последниве години се направени две исклучително значајни изложби на мозаици од текстил. Едната е организирана од музејот „Викторија и Алберт“ во Лондон, на која во најголем број сe прикажани покривачи од пачворк и штепувани јоргани од едно парче, и помал дел волнени интарзии од Британија од 1700-тата година до денес. На другата изложба-проект, организирана од Музејот на европската култура од Берлин, во соработка со неколку други музеи, се презентирани интарзии од волнен штоф од повеќе европски земји од 1500-тата година до денес.

Покривка за бебе (детаљ), Пачворк, свила, Скопје, почеток на XX век, Музеј на град Скопје.

Во Македонија нема постари податоци за локална изработка или увоз на текстилна покуќнина во пачворк техника. Нешто најслично на Балканот, што може да се спореди со европските интарзии во текстил, се т.н. бањалучки сеџади, килими со орнаментика изведена со аплицирани парчиња на волнен штоф, спомнувани во турските документи од XVII-XVIII век, а некои се сочувани во турските и европските музеи. Прошиените ткаенини со полнеж на Балканот и во Македонија стасуваат и се одомаќуваат со османлиските освојувања. Тие се користат за изработка на некои видови горни облеки во состав на традиционалната македонска народна носија, како и за покривачите за спиење, кај нас многу користените јоргани. Но, лицето и опачината на овие прошиени облеки и јоргани се изработени од едно парче ткаенина и евентуално дополнително се украсени со вез или гајтани. Допрва, во првата половина на XX век, во градските средини во Македонија се документирани некои помали и едноставни изработки од сошиени парчиња ткаенина. Во периодот меѓу двете светски војни, кројачите или домаќинките изработувале мали покривки за кревет, за бебиња или за на маса, како и бовчи за дарови од парчиња платно, свила или волнен штоф. Овие предмети најчесто биле направени од помал број парчиња, и тоа правоаголници, без намера со нивното комбинирање да се изведе посложена орнаментика.

Килимите и торбите изработени од мајстор Велко Николов, освен по општите принципи и техники на изработка, не може да се стават прецизно во ниту една од двете групи вообичаени во Европа - интарзиите од текстил и пачворк покривките. Како и првата група, тие се изработени од парчиња волнен штоф, но не се сошиени во техниката на интарзија, без рабови, туку се соединети со машински бод и со мал составен раб на опачината. На опачината имаат нашиено постава од памучен материјал, како и јорганите, но немаат исполна од волна или памук и не се проштепувани. Намената им е, исто така, поинаква, се користеле за постилање на подот во гостинските одаи. Сепак, килимите и торбите на мајстор Велко ни малку не заостануваат по својата уметничка вредност и техничка перфекција зад најубавите и најценетите стари европски мозаици од текстил. Токму заради нивната мајсторска и уметничка одличност која ги става рамо до рамо со европските првенци во својата категорија, станува загадочно отвореното прашање: како ваквите необични предмети се нашле среде Балканот, во Македонија?

Активисти на Неделното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Крушево, 15.11.1898. Велко Николов седи, четврти од десно.

Животната сторија на мајстор Велко Николов – делови од мозаикот

Ќе се обидам да го најдам одговорот за тоа како се создале овие неочекувано вредни дела следејќи го животниот пат на мајстор Велко Николов преку сеќавањата на сестрите Јелена и Лидија, внуки на Велко, кои се базираат на раскажувањата на нивната мајка, Фанија Еманова, ќерка на Велко; потем на нивната баба Елена, родена Секулова, како и на податоците од историските извори и литература.

Велко Николов е роден во 1867 година во селото Белушино, помеѓу Крушево и Македонски Брод. Кројачкиот занает го учи и живее во Крушево до 1903 година, кога се сели во Битола каде што со прекини живее сè до својата смрт во 1930 година. Животниот век Велко го поминува во еден од најтурбулентните периоди на европската историја, воедно исклучително важен и пресвртен за историјата на Македонија. Тоа се последните децении од постоењето на повеќевековната Османлиска империја, кога се етаблираат националните држави на Балканот, се артикулира македонското национално ослободително движење и се случуваат Илинденското востание 1903 година, Младотурската револуција 1908 година, Балканските војни 1912 и 1913 година и повлекувањето на Османлиите од Балканот, Првата светска војна 1914-1918 година и дефинитивната поделба на Македонија помеѓу соседните балкански држави. Невозможно е да се сфати како вонвременската убавина на килимите на мајстор Велко настанала во историски контекст кој како да нема пандан по својата разорност и епска трагичност. Особено зашто многу значајни настани од овој период се случуваат токму во градовите каде што живеел Велко - Крушево и Битола, и несомнено имале огромно влијание на текот на неговиот живот.

Славка и Фанија, ќерките на Велко Николов. Облечени се во палтенца сошиени од татко им. Битола, 1913/14.

Своето родно село Белушино, каде што живеело мешано христијанско и муслиманско население, Велко го напушта заедно со мајка му и сестра му, откако таткo му го убиваат Турците. Вдовицата со двете деца во Крушево ја прифаќаат семејни пријатели. Можно е тоа да бил некој од фамилијата Кареви доселени во Крушево од Селце, село во непосредна близина на Белушино, зашто, според семејното сеќавање, Кареви и Николови биле деленици. Мајката на Велко ги израснува децата работејќи како ткајачка. Во тоа време ова било вообичаено занимање на вдовиците и сиромашните жени. Велко, кој според внуките бил образуван и имал своја лична библиотека, веројатно се описменил и школувал во некое од црковните училишта во Крушево. Кројачкиот занает го учи во Крушево, можеби кај семејството Секулови. На почетокот на деведесеттите години од XIX век, Велко се оженил со Елена од богатото крушевско трговско семејство Секулови. Елена Николова родила десет деца, но само три останале живи – синот Никола, роден во Крушево во 1894 година, ќерката Славка, родена во 1902 година во Крушево и ќерката Фанија, родена во Битола во 1905 година.

На почетокот на XX век, Крушево, според К`нчов, имало 9.350 жители. Населението главно се издржувало со занаетчиство. Власите и Македонците од Крушево, како трговци и занаетчии, работеле низ целиот Балкан, а стасувале и до Блискиот Исток и Виена. Меѓу крушевските занаетчии имало и многу кројачи и шивачи, од кои многумина работеле во туѓина. На преминот од XIX во XX век Крушево е во центарот на македонското ослободително движење, кое Велко го поддржувал и финансиски го помагал. Елена, сопругата на Велко, синовите - Веле, Димитар и Сотир биле активно вклучени во подготовките на Илинденското востание. Димитар Секулов бил дел од првото крушевско револуционерно јадро формирано во 1895 година. Според Никола Киров Мајски, во 1896 година се создале нови градски групи во кои членувал и Велчу Николов Еца. Како што веќе спомнав, неговото семејство било поврзано и со семејството на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, преку кого, веројатно, Велко се вклучил и во активностите на Неделното училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Крушево, кое било во служба на револуционерното дело. За ова сведочи и групната фотографија од ноември 1898 година, на која се овековечени членовите на Неделното училиште, меѓу кои се наоѓа и Велко Николов.

Фанија, помалата ќерка на Велко, во фустанче сошиено во работилницата на Велко. Битола, 1914.

Пролетта 1903 година Велко со сопругата и двете деца се сели во Битола, каде што веќе имал изградено куќа. Таа денес се наоѓа помеѓу Митрополијата и црквата Св. Богородица, на ул. Ѓуро Ѓаковиќ 45. Сега во неа живее друго семејство кое ја купило куќата од наследниците на Велко. Со преселбата во Битола Велко Николов имал намера да им обезбеди на своите деца подобар живот и можности за школување. Поради несредената ситуација во Битола, непосредно по Илинденското востание. извесно време со семејството престојувал во Скопје. Се вратил назад во исто време со браќата Сотир и Димитар Секулови, во 1904 или 1905 година. Во фондот на браќата Секулови во Битолскиот архив, во писмото од мај 1904 година се споменува преземање на една нова машина, две ножици и две терезии од Крушево, кои веројатно биле од нивниот дуќан. Во декември 1905 година, браќата Секулови отвораат дуќан за продажба на мануфактурна стока во Папуџиската чаршија покрај реката Драгор. Некаде во овој период и Велко го отворил својот кројачки дуќан во Битола, но не е познато каде тој се наоѓал и дал бил негова сопственост или земал под кирија еден од бројните дуќани кои биле вакафски имот на битолските џамии.

Во текот на XIX век Битола била најважен производен и трговски центар во целата внатрешност на европска Турција. Кон крајот на XIX век Битола имала 40.000 жители кај кои јасно се забележувало постапно преминување од стариот турско-ориентален кон новиот модерен европски начин на живот. Растежот на локалната христијанска градска класа, прифаќањето на западната мода во облекувањето, како и пазарот богат со увозни ткаенини погодувале за просперитетот на кројачката модна мануфактура на Велко Николов. Во дуќанот во Битола мајстор Велко шиел и продавал готови алишта. Започнал да работи со една машина за шиење и полека напредувал. Изработувал конфекција по западна мода. Добро му одело, имал вработено повеќе работници, а со време тој самиот прекинал да шие и само ја организирал и контролирал работата.

Но, просперитетот на Битола се прекинал со двете балкански војни во 1912 и 1913 година, по кои Османлиите ја напуштаат Македонија, а Битола паѓа под српска окупација. Во Првата светска војна, Битола и околината повторно стануваат средиште на големи воени дејствија. По завршувањето на војната, со поделбата на Македонија меѓу балканските држави и воспоставувањето на новите граници, Битола влегува во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а на само 14 км од неа, на југ, се наоѓа новата српско-грчка граница. Од важен центар на југозападна Македонија, Битола станува маргинализиран пограничен град. Додека траеле Балканските војни, Велко останал во Битола, но за време на Првата светска војна, веројатно по српската окупација од 1916 година, избегал со семејството во Скопје. Пред крајот на војната се враќаат во Битола каде што ги наоѓаат куќата и дуќанот наполно испразнети. Велко набавил нова машина за шиење и започнал одново шиејќи облеки од војнички алишта. Во 1922 година, со одобрение на Занаетчиската комора во Белград, бр. 2259 од 13 април, тој во Битола отворил кројачка работилница „Кројачку радњу коју ћу водити и упражњавати под фирмом Вељко Николић“. Дуќанот се наоѓал на левиот брег на реката Драгор, кај рибарниците, меѓу Железниот мост и Ленски мост.

Сопругата на Велко Елена со ќерките Славка и Фанија, Битола, помеѓу двете светски војни.

По Првата светска војна Битола имала 30.000 жители, преку илјада дуќани и над 70 видови занаети, и покрај тенденциите за опаѓање на занаетчиството поради засиленото навлегување на индустриските стоки и намалувањето на пазарите. Во овие услови Велко Николов успеал повторно да го развие својот бизнис, прилагодувајќи се на новонастанатата ситуација и потребите на граѓанството. Според кажувањето на Јелена Еманова, дедо ѝ, Велко Николов, бил првиот кој во Битола започнал да работи конфекција, т.е. да шие и продава готови алишта, изработени по европска мода. Имал и своја кројачка работилница како и работилница за изработка на шапки во Прилеп, со голем број вработени, а во работата вклучил и дел од семејството. Ќерката Фанија одела да набавува штофови во Параќин, учела шапкарски занает, а ја пратил и во Прилеп, да води сметка за дуќанот што го отворил таму. Мажот на ќерката Славка, кој работел кај Велко, требало да го продолжи занаетот.

Во овој период семејството на Велко Николов живеело пристоен граѓански живот. Ќерката Славка учела во англиското училиште во Битола, а Фанија во училиштето на француските калуѓерки. Учела и клавир кај еден Русин. Синот Никола студирал фармација во Загреб, а бил член и активист на ВМРО, поради што бил осуден и затворен.

Велко починал на 6 април 1930 година во Битола, на ул. Обилиќ бр. 25. Во книгата на умрените на храмот Св. Богородица е запишан како Вељко Николиќ, кројач, стар 65 години, оженет, православна вера. Погребан е на 7 април, на гробиштата Св. Недела во Битола. Во истиот документ е наведено дека е роден во Крушево, а најдолго живеел во Битола, како и дека умрел од пневмонија, откако ги исповедал своите гревови и земал причест. По смртта на Велко, фирмата ја преземал сопругот на неговата постара ќерка Славка и го сменил називот во „Александар Димитровиќ“, но таа фирма набргу пропаднала.

(продолжува)

Извор: Мозаиците од штоф на Велко Николов, Музеј на Македонија, Скопје, 2014.

Слични содржини

Култура / Уметност / Теорија / Историја
Живот / Уметност / Историја
Наука / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото