Мозаиците од штоф на Велко Николов (2)

21.07.2014 12:10
Мозаиците од штоф на Велко Николов (2)

 

Мозаични килими и торби

 

Добро организираната работа и големиот број работници што ги вработувал му овозможиле на Велко слободното време што му се отворило да го исполни со своето хоби – изработка на килими од парчиња штоф. Работел со големо задоволство, со намера килимите да им ги остави на децата за спомен. Направил вкупно пет килими. Од тоа, три големи - по еден за секое од децата и два малку помали, кои се користеле во куќата на бабата Елена, вдовицата на Велко. Килимот со кат. бр. 1 му припаѓал на синот Никола, килимот со кат. бр. 2 на ќерката Фанија, а третиот килим кој го поседувала ќерката Славка не е сочуван. Не се сочувани и два малку помали килими кои ги користела бабата Елена. Еден од нив се наоѓа на фотографијата, послан на земја. Килимите се постилале на земја во гостинските одаи, за празници и визити, а помалите се ставале и на ѕид. Според кажувањето на Јелена Еманова, на некаков натпревар организиран од српскиот крал, Велко добил награда за килимите од парчиња штоф. На двата музејски примерока има алки за закачување, веројатно пришиени за да можат килимите да се изложат по овој повод.

Освен килимите, сочувани се и две торби изработени во пачворк техника – една исклучително елегантна и префинета женска чанта и една машка торба за лов, со појас кој се носел на половината, кои според Јелена, Велко ги изработил во чест на бугарскиот цар Фердинанд. Извезените натписи на торбите ја потврдуваат оваа информација. На внатрешната страна на појасот на ловечката торба е навезен следниот текст: Споменъ отъ Битоля 21 Ноем 1915 В Николовъ, што е датумот на освојувањето на Битола од страна на бугарската војска, а на надворешната страна на торбата, навезен е зборот СПОМЕНЬ, со големи украсни букви во трите бои на бугарското знаме, бела, зелена и црвена. На џепчето од внатрешната страна на женската чанта се навезени буквите Н.Ц.В. Н., и иницијалите на мајсторот - ВН во лигатура. Можно е првата кратенка да се интерпретира како нејзино царско величество, а буквата Н да стои за царицата Елеонора – Нора или, пак, иницијалот од Николов.

Детаљ од надворешна бордура на килим на Велко Николов

И двата сочувани килими имаат иста композициска матрица на концентрични квадрати со централно поставена октограмска ѕвезда, впишана во осумаголник сместен во квадратно поле. Полето е опкружено со три бордури: тесна внатрешна бордура, поширока средна и најширока надворешна бордура. Во надворешната бордура на килимот со кат. бр. 2 се повторуваат концентрични квадрати, а во средната се нижат шестокраки ѕвезди впишани во шестоаголник. На килимот со кат.бр. 1, во надворешната бордура наизменично се наредени квадрати со дијагонално поставени впишани квадрати и концентрични правоаголници, а во средната бордура има ромбови со впишан шестоаголник. Основните фигурални елементи од кои се изградени сите посложени елементи
на композицијата и сите сложени фигури во композициските елементи во најголем број се ромб, квадрат, правоаголник и триаголник. Користејќи ги најмногу овие основни геометриски форми, Велко гради сложени геометриски орнаменти, хексаграмски и октограмски ѕвезди, шестоаголници, осумаголници, сложени впишани квадрати и меандри, сместени во посебни целини, распоредени во средена композициска шема. Мотивите во бордурите и кај двата килима се повторуваат во различни колоритни комбинации и секоја поединечна целина, со употреба на штофови од различни текстури и бои, има уникатно колористично решение. 
 

Интересно е прашањето за инспирацијата на мајстор Велко Николов за геометриските дизајни на неговите килими од штоф. Геометриската орнаментика е карактеристична за македонската народна уметност, а особено за везовите и ткаениците со кои Велко се среќавал секојдневно во своето детство во Белушино и Крушево, како и на пазарите и црковните собири каде што ги гледал селанките кои ги покажувале своите раскошни носии. Ориенталните геометриски арабески можат да се најдат на дрвените резби на таваниците, вратите и долапите во градските куќи во Македонија од XIX век, како и на инкрустрациите од седеф во дрво на разни предмети што ги изработувале локалните седефкари или, пак, на бакарните садови, особено големите синии со централно поставени розети. Градските куќи во Крушево и Битола биле полни со вакви предмети. Но, геометрискиот орнаментален систем кој го користи Велко на своите килими се разликува од ориенталната арабеска во која геометриската орнаментика ја карактеризира суперпонираноста и преплетот на линеарната конструкција, и е многу поблиска до европскиот геометризам каде што орнаменталните фигури стојат самостојно. Според Арсевен, во европските орнаментални композиции фигурите се изолирано поставени или комбинирани, за да ја сочуваат својата независност, без да се изгубат во испреплетеноста на арабеските. Геометриската орнаментика на мајстор Велко можеби може да се постави некаде на средина помеѓу претходните две, зашто на еден исклучително модерен и авангарден авторски начин ја комбинира ориенталната исполнетост на просторот со европската јукстапозиција на сложените фигури во композицијата. Можно е, пак, Велко некаде да видел делови од античките и рановизантиски мозаици од камен кај кои е присутна и геометриската орнаментика и тродимензионалните ефекти или слични орнаменти осликани во декорацијата на средновековните цркви.

Детаљ од надворешна бордура на килим на Велко Николов

Килимот којшто не е сочуван, а се наоѓа послан на земја на фотографијата со Велко, во себе како да ги содржи неговите изворни инспирации. Централно е поставена розета со ѕвезда, слична на оние од таваниците или бакарните синии, која во другите килими ќе биде многу посложена, а околу, во полето и бордурите, се наоѓаат мотиви карактеристични за македонските килими. Крушевските килими, кои сигурно ги ткаела и неговата мајка, а за кои е карактеристична геометриската орнаментика, можеби биле првобитната инспирација на Велко. Но, тој отишол многу понатаму од претпоставените инспирации, дизајнирајќи ги своите килими со една многу посложена концепција базирана на цврста геометриска конструкција која се оддалечува од килимарската орнаментика, а се приближува до композициите и мотивите кои се аплицираат на камените мозаици и на ориенталните арабески.

Изработувачката техника на Велко Николов

За осмислување на така комплицирана орнаментика, потребно е познавање на геометријата и користење на алатки, како шестар, линијар и триаголник. Велко морал прво да ја осмисли и нацрта целокупната композиција, со точни димензии. Потоа, веројатно ги цртал на хартија посебните делови – одделните орнаментални полиња, со прецизно нацртани поединечни форми, во размер 1:1. Во оваа фаза морал да ја осмисли и колористичната шема, т.е. изборот на штофови кои ќе ги употреби. Ако земеме предвид дека секој од овие килими има од шест до седум илјади поединечни парчиња штоф, не сметајќи ги оние кои ги користел за исполна на опачината, кои треба да се искројат и сошијат, можеме да добиеме претстава колку труд, време, но пред сè знаење и планирање е потребно за изработка на само еден килим. За секое од овие парчиња, тој морал претходно да го избере видот и бојата на штофот, за на крајот, откако ќе ги сошие, да го добие планираниот колористички ефект. Изборот на штофови, нивната структура, дебелината, дезенот и бојата, а особено нивното комбинирање и хармонизирање, е посебно мајсторство. Користени се голем број различни штофови коишто очигледно биле остатоци од кроењето во неговите работилници. Тие се непроценлив извор за изгледот на облеките што се носеле во Битола во првата половина на XX век. Сите употребени штофови за изработка на килимите се волнени, индустриски ткаени. Најверојатно се произведени во западноевропските земји, како Англија, Франција, Италија и купени директно од Солун, од гросистите или, пак, од битолските трговци со штофови меѓу кои биле и Секулови и повеќе еврејски семејства. Од сеќавањата на неговите внуки дознаваме дека набавувал штофови и во фабриката за штофови од Параќин во Србија.

Детаљ од крушевски ткаен килим, 19/20 век, МM: Инв. бр. 29

Секое одделно поле, т.е. помала орнаментална целина, е работено посебно, според направениот цртеж. Парчињата штоф исечени во планираните форми се сошиени на машина. На опачината на килимот, поради составните шевови меѓу парчињата се формираат длабнатини од 2-3 мм, формирајќи еден вид саќе. За да го реши овој проблем и на лицето на килимот да не се појавуваат нерамнини, Велко сечел парчиња волнен штоф или грубо платно за вреќи што одговарале на секое поединечно парче, и го вметнувал од опачината во длабнатините. Овие парчиња ги фиксирал со лепило и со парче ткаенина, во големина на полето кое го работел. Таа ткаенина е најчесто памучна газа, но има и делови направени од несошиени, неправилно сечени парчиња тенок штоф или платно останато од кроењето на облеките. Готовите поединечни полиња, по однапред планираниот дезен се споени меѓу себе со составни ленти од штоф, а на крајот, на опачината од килимот со рака е пришиена памучна постава. Велко веројатно самиот ја смислил оаа техника на исполна, која бара уште многу дополнителен труд. Меѓутоа, конечниот совршено мазен изглед на килимите, без ниту една вдлабнатинка, нерамнина или лошо сошиен раб, презатегнат или набран, зборува за перфекционизмот и извонредната вештина на мајстор Велко Николов.

Навистина, никогаш нема да дознаеме каде Велко ја видел и научил техниката на пачворк, т.е. мозаиците од штоф. Може да претпоставиме дека учителките од англиското протестантско училиште во Битола, каде што учела и неговата ќерка Фанија, или сопругите на некои од дипломатските претставници во Битола кои и самите можеби биле негови муштерии, изработувале некој вид пачворк прекривки. Цртежи или фотографии на текстилни мозаици можеби имало и во женските модни списанија кои Велко ги користел во кројачката работилница. Тука можеби се пишувало нешто и за светските изложби на кои се изложувале интарзиите од волнени ткаенини. Како и да е, Велко ги имал сите предуслови и самиот да ја совлада оваа вештина: изобилство парчиња разновидни волнени штофови кои преостанувале од кроењето на облеките во неговите работилници, доволно слободно време да се посвети на долготрајната изработка на килимите, голема вештина во шиењето, основни познавања од геометријата, како и очигледен уметнички талент.

Детаљ од внатрешниот слој на килим на Велко Николов. На опачината, во длабнатините помеѓу составните шевови се вметнати парчиња од различни материјали, исечени во соодветните форми

Велко Николов бил човек на новото време. Вреден, интелигентен, љубопитен, талентиран, амбициозен, отворен кон новите модерни појави. Тој веројатно сакал да го покаже своето мајсторство и преку изработка на мозаици од текстил. Од сиромашен сирак од село Белушино, со својот труд, талент и вистинските избори во животот, тој успеал да стане угледен битолски занаетчија. Двата килима и двете торби, сега вредни делови од збирката на Музејот, се доказ дека мајстор Велко го надраснал балканскиот контекст и создал дела со голема уметничка вредност, споредлива со најпрестижните експонати од светските музеи на применета уметност. И покрај тоа што најголемиот дел од неговите креации исчезнал, двата килима и двете торби зачувани во Музејот на Македонија се доволен показ за исклучителниот талент и самоизрасната величина на мајстор Велко Николов.

(продолжува)

Кон првиот дел

Извор: Мозаиците од штоф на Велко Николов, Музеј на Македонија, Скопје, 2014.

Слични содржини

Култура / Уметност / Теорија / Историја
Живот / Уметност / Историја
Наука / Уметност / Историја
Книжевност / Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото