Лавиринт

22.07.2014 09:06
Лавиринт

Проекти

Шумата се развиваше бавно, како што си беше обичај, кога одеднаш се појави еден човек и го претстави својот проект.
Три дена ги соборуваа дрвјата.
Четвртиот ден одмораа од напорната работа.
По една година наиде еден друг човек, го погледна просторот и рече:
Овде недостигаат дрвја.
Наредните три дена садеа дрвја.
Четвртиот ден одмораа од напорната работа.
По дванаесет години шумата повторно беше густа.
Тогаш стигна еден трет човек...

Пејач

Една птица беше погодена во десното крило и поради тоа почна да лета дијагонално.
Малку подоцна беше погодена и во левото крило, и затоа мораше да престане да лета, користејќи ги само двете нозе за одење по земја.
Уште подоцна, еден куршум ја погоди во левата нога, и поради тоа почна да оди дијагонално.
По неколку недели нов куршум ја погоди во десната нога – и птицата повеќе не можеше да оди.
Од тој миг таа му се посвети на пеењето.

Човек

Во некоја земја се појавил човек со две глави. Сите го сметале за чудовиште, а не за човек.
Во некоја друга земја се појавил човек кој секогаш бил среќен. Сите го сметале за чудовиште, а не за човек.

Мудреци

Една кокошка конечно открила начин како да се реши главниот проблем во еден човечки град. Ја изложила својата теорија пред најумните глави и немало никаков сомнеж: навистина ја открила тајната како сите да живеат спокојно и добро.
Откако внимателно ја ислушале, седуммината градски мудреци побарале пауза од еден час за да размислат за последиците од нејзиното откритие, додека таа чекала во соседната просторија, нестрплива да го слушне мислењето на тие значајни луѓе.
На состанокот, седуммината мудреци, едногласно, и пред да биде предоцна, одлучиле да ја изедат кокошката.

Лавиринт

Градот вложи сè во изградбата на една велелепна катедрала. Злато, резбан камен, тавани кои беа насликани од најголемиот сликар на векот.
За повеќе да го истакнат значењето на тоа импозантно здание, решија да го отежнат пристапот до него. Она што е лесно достапно ја губи својата вредност – мудруваше, со тешки маки, извесен политичар.
И така беше подигнат лавиринт, што беше единствениот начин да се стигне до катедралата. Лавиринтот беше толку совршено конструиран, што никој никогаш не успеа да го пронајде патот до катедралата.
Лавиринтот стана најголемата знаменитост на тој град.

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Гонсало М. Тавареш (Ангола, 1970) е најуспешниот и најценет претставник на најмладата генерација писатели што творат на португалски јазик. Добитник е на бројни награди, а неговите дела се објавувани во неколку странски антологии на поезија и проза, додека романите му се преведени на десетина јазици. За него нобеловецот Жозе Сарамаго изјави: „Гонсало М. Тавареш нема право да пишува толку добро со само триесетина години: ми доаѓа да го удрам од завист!“

Слики: Laurie Lipton

ОкоБоли главаВицФото