Петнаесет прашања за Русите

22.07.2014 09:42
Петнаесет прашања за Русите

Сè уште се сеќавам кога пред помалку од две години речиси сите бесно се нафрлија врз мене по повод моите 15 прашања за атеистите и 15 прашања за православните, објавени на истава веб страница. Тогаш целата јавност беше вознемирена заради пресудата за членките на групата Pussy Riot и мене ми изгледаше важно сите ние, што попрецизно да одредиме за што всушност разговараме. 

А сега, кога „руската пролет“ веќе премина во „руско лето“, кај мене повторно се појавија многу прашања.

Однапред им се извинувам на сите кои можат да се навредат од моите прашања. Слушате ли? Се извинувам!

Јас сум целосно Русин, Русин чие име, патем, некои добри луѓе го внесоа во списокот непријатели на рускиот народ. И должен сум да ви кажам уште нешто. Јас не ги знам одговорите на подолу наведените прашања.

1. Зошто мислите дека сте Русин? Заради чистата крв или во вашиот крвоток (како и во мојот) освен руските се измешани уште литар и половина фински, полски, турски и ромски леукоцити? Можеби заради јазикот? Дали мајчиниот руски јазик е тоа што ве прави Русин? Или можеби причината за тоа е нешто друго?

2. Дали чувствувате задоволство заради тоа што сте Русин? Дали ве радува барем тоа што разбирате руски зборови кои не можат да се преведат и изрази како што се, на пример, „да нет“ или „всё ничего“.

3. Што е добро кај Русите? Тоа што не е – знаеме: многу пијат, агресивни се, а порачуваат капучино пред вечера. А што е добро? Кои се позитивните, само за нив својствени позитивни црти на националниот карактер?

4. Како изгледа еден типичен руски пејзаж? Односно, јас лесно можам себеси да си претставам човек како по долгогодишен престој во странство, разнежнет стои пред руските брези и воздивнува. Но, дали вие, со патриотски восхит ќе го љубите црниот песок од Камчатка? Или влажната мов од јамалската тундра? Каде се границите на родната грутка? Кога станува збор за Крим, сè е јасно. Крим е ветена земја, „светост на руските морнари“ и сè останато во тој стил. А, бидејќи Хрушчов на Украина не ѝ го само Крим, туку и Белгородската област, дали тогаш ќе бидете помалку навредени? Да, затоа и ве прашувам: каде се границите на светата родна грутка? Рака на срце: Кунашир, Итуруп и Шикотан, дали тоа е вашата татковина? А Алјаска? Дали ви е жал што не е наша?

5. Која е нашата најголема трагедија? Односно, победа – ако добро ме разбирате? Се разбира, имаме доволно трагедии за десет народи. Но, сепак, која од тие трагедии е онаа главната? Монголско-татарскиот јарам? Расцепот на Руската црква? Повеќевековното ропство? Револуцијата? Колективизацијата? Гулаг? Распадот на Советскиот Сојуз?

6. Кога беше нашиот Златен век? За време на Иван Четврти? Петар Први? За време на Александар Први? За време на владеењето на Сталин? Или нашиот Златен век настапи сега, кога на власт е Путин?

7. Кој е нашиот најголем херој? Родион Ослјабја? Кнезот Пожарски? Суворов? Жуков?

8. Кој е нашиот најголем пророк? Авакум Петров? Пушкин? Толстој? Солженицин?

9. Која е нашата приспивна национална песна? (Мене особено ме интересира ова прашање. Без помош од фолклорните збирки, мене на ум ми паѓа само онаа „таму сите мужики се зли, како со ланци врзани пци, се бијат, се тепаат, со секири се сечат“ и на крајот „таму со денови врне дожд, дожд и на празниците“. На пример, мене наместо приспивни песни ми ја пееја песната за Шчорс и онаа „Ноќта е темна“.)

10. Кој е нашиот национален танц? Кога Ирците се радосни играат жига, оние од Кавказот – лезгинка, Евреите – фрејлехс, а ние – што?

11. Која е нашата национална игра? Која е таа игра што секој Русин ќе го потсети на детството и која веќе никаде во светот не се игра? Само немојте да ми кажете – фудбал. Или, која е таа игра во која ние сме убедливо најдобри? (Европјаните по стара навика би рекле – шах.)

12. Како изгледа руската народна носија? (Ниту еден народ не е обврзан да чува спомени за својата национална носија, но многумина сепак ја зачувале. Шкотите – килт, Јапонците – кимоно, Украинците – фустани и кошули украсени со вез.) Како ќе се облечете вие за вечера во руски стил?

13. Кое е нашето национално јадење? Шчи не е веќе одамна. Националното јадење се јаде секој ден. Кај Италијаните – шпагети или макарони, оние од Абхазија – мамалигу, Кинезите – ориз, Американците – хамбургер. А ние? Можеби пелмени? (За национален пијалок нема да ве прашувам. Тоа го знаеме).

14. Каква смрт кај нас се нарекува достоинствена?

15. Кои народи ни се братски?

Извор: http://www.snob.ru