Зборот – златна земја

23.07.2014 11:54
Зборот – златна земја

Анри Мишо (Henri Michaux) бил поет кој од внатрешна нужност станал и сликар... Во еден момент, кога во зборот му станало тесно, изразот преминал во гест, ликовна експресија, пронашол канал за „подиректен“ проток.
Понекогаш постои таа потреба да се премине од еден во друг медиум, вербалните уметници невербално да се доискажат и обратно... невербалните уметници да се допрецизираат низ зборот.

Инструмент за премин (од еден во друг медиум или од една во друга сфера на постоењето) кај сликарите е апстрактната калиграфија, кај поетите - заумната поезија. Во двата случаи станува збор за енергија во момент кога добива некаква форма, значи чиста енергија, необоена. Тоа случување на границата, во преминот од едното во другото, е Битното. Бидејќи веќе во следниот момент сеќавањето (установената конвенција) прилепува етикета - „а, тоа го знам“ и се губи магичното и мистичното. Оттука апстрактниот јазик доби толку големо значење во минатиот век, бидејќи во/со него Тоа е перманентно потенцијалот во својата изворност.

Новата етапа која се отвора во Македонија носи свежина, нови импулси за истражувања на сите полиња, за повторно откривање на автентичниот израз. Силата е на границата меѓу познатото и непознатото, во флуидот. Таму треба да се открие. Таму е нашиот модел, modus vivendi. Се разбира, не почнувајќи од нула, туку ползувајќи ги екстрактите – искуства од оваа почва, оваа земја и народ и култура.

Тоа потсетува на современиот дизајн, кога дизајнерот извлекува детаљ од народниот вез (или музичарот од етно-мелосот мелодија) па го вградува во чиста форма – белина, од што избликнува современо дело за современи потреби.

Никако не копирање, туку инспирација за нова поетика која е израз на сегашниот момент. И извлекување некакви нишки кои се спојуваат со белината во другиот крај – апстракцијата.

Од каде произлегува големата потреба за творештво кај народите низ вековите? Сликарот Василиј Кандински даде универзален одговор на ова прашање: „Од внатрешна нужност“.

Што е внатрешната нужност? Тоа е состојбата: „Немаме друг избор“.

Трет одговор е: „Секогаш потешкиот пат е вистинскиот.“ Бидејќи вистинскиот пат подразбира вложување дополнителен напор. Тој начин, потешкиот, преку отпорот, ни открива нов предел на Слободата.

Понекогаш таа внатрешна нужност ни заличува на некакво вриење, на некакво лудило, нешто неартикулирано и има голем набој.

Зборот не е е мојот присушт медиум, затоа вака несмасно се ползувам со него, колку и многу да се трудам, но во еден момент тој ми стана нужност. Постоеше еден момент (на границата) кога хиероглифското писмо требаше да се слее во традицијата (да се слее со Тишината на А.Шопов), постоењето во оваа земја.

Зборот има голема моќ. Писателите и поетите најдобро ја знаат моќта на зборот – на мајчиниот јазик. Тој е златната земја, печатот кој секој народ го има втиснато некаде (да кажам, во вечноста).

Кога апстрактното се слеа во „конкретен“ збор, на таа граница беше златната боја.

Затоа зборот е златна земја.

Белото и Златното можеби се исто, само се разликуваат во густината. Златото е најгусто до граница на премин во најголема суптилност - Белото, исто така, и Белото е нај-најсуптилното кое во истиот момент се згуснува како Злато.

Тезата на некои наши писатели дека за критична маса е потребен народ од десет милиони луѓе, (значи потребна е таа бројка да се извлече критична маса) па, затоа, ајде да се здружиме со некој друг народ (на пример бугарскиот) за да ја постигнеме таа масивност, според мене, не поминува.

Таквите тези се очајнички потези кои се непосреден израз на една состојба која ја нареков „опседнатост од проклетството“. Таа опседнатост ги блокира многу луѓе од интелектуалната фела и постојано ги враќа во една иста позиција. Еден облик на манифестација на проклетството е стравот кој инхибира.

Во внатрешната нужност за соочување со него (стравот кој инхибира), започнува духовната потрага (неопходна за напредокот на кој било народ).

НЕ Е ОД ПРЕСУДНО ЗНАЧЕЊЕ КВАНТИТЕТОТ ТУКУ КВАЛИТЕТОТ. Така двомилионски народ со автентична култура достигнува КВАЛИТЕТ КОЈ ТОЈ НАРОД ГО ИЗЕДНАЧУВА СО КУЛТУРИТЕ НА ДРУГИТЕ НАРОДИ и го воведува во семејството на народи. (Ние веќе сме во тоа семејство, не знам од каде искрсна овој голем проблем сега). Аналогно на ова, од двомилионски народ може да се извлече критична маса, која ќе ги држи моралот, етиката и естетиката на одредено задоволително ниво, критична маса - Јадрото на македонското современо општество и држава.

Да се биде ангажиран во политиката, во секојдневниот живот, во формирањето на јавното мислење, било активност плус за писателите и поетите низ историјата. Да се заборави за момент на традиционалните форми на израз, (потреба од мир и тишина, па изолација, па понирање во внатрешните светови, за да се пишува), и директно во огнот на стварноста да се твори светлечко дело. Тоа не значи да се напушти традиционалната форма, туку да се комбинира и едниот и другиот начин.

Зборот е златна земја. Тој Збор изговорен или напишан е златната земја. Само формата треба да се погоди - ДА СЕ ПОГОДИ ФОРМАТА КОЈА Е НАЈЕФЕКТНА ЗА МОМЕНТОТ. Формата е внатрешната нужност на сегашниот момент. Сегашниот момент е стожерот во кој се преклопуваат сите времиња...

Денес може да се изложи само еден малечок цртеж, така неугледно закачен на ѕидот во некоја ( којабило) галерија, или да се напише еден единствен збор, и тој цртеж -збор, МИР, СЛОБОДА, УБАВИНА, да има квалитет- содржина, поголема од сто слики (романи) супер опремени или спектакли изведени со најсовремена технологија...

Тоа е убавината на денешното време, но, истовремено, и огромниот предизвик.

Зборот-
Златна
Земја.

 

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото