Мојот ѕверилник

24.07.2014 12:01
Мојот ѕверилник

Чичко Сврака и Рисот

Чичко Сврака по полето шетал
кога одеднаш пред него - рис!
Пред чичкото се отворил амбис.

Но брзо се прибрал и од земјата
тој искорнал цел страк,
а тоа да ми ти бил кромид млад.

Та така, по пропис,
добил ќотек тој рис
со кромидски страк и лист.
-Да те нема од тука, пис! -
едвај избегал кутриот рис.

Веројатно и ден денес тој рис
на кромид испушта мирис.


Мојот млад курјак

Три дена
од утро до мрак
среде станот
чував
млад курјак.

Од раце ми јадеше.
Од раце ми пиеше.
Сосема пристоен си беше.

Кога еден ден
почна да ’рже подолго,
си реков во себе:
„Во вреќа заврзи го!“

Тогаш го однесов
до ѕверилникот.
На чуварот му реков:
„Еве го курјакот!“

Чуварот го зема
од мојата вреќа,
лесно, мирно,
ко да е купус,
и веднаш него
го бутна во куќа
од решетки
со натпис LUPUS.


Лав во кафез

Дали некогаш лавот
во зоопаркот
ја сонува
на Африка жарта?

Дали во сон ја гледа
џунглата родна,
густа, бујна,
непроодна?

Дали тој овде
некогаш сонува
антилопите
дека ги ги прогонува?

Дали во сонот
му се тргаат ѕверките:
леопардите,
пумите и пантерките?

Дали во сон гледа
лик крволочен
спремен борба
да започне?

Или само стаписано
во сонот гледа глетки
низ страшните
решетки?


Слонот и столот

Слонот
поради умор сакал
да седне
минута-две сал.
Кога на столот седнал
тој цел се распаднал.

Се лути,
се мурти,
трепери слонот,
а за столарот
има укор, не пој:
„Лош е мајсторот
кога поцврсто
столовите
не ги прави тој.“


Слон и клавир

Мир! Мир!
Слонот седнал крај клавир.

Мир! Тишина! Потивко!
И уште малку, молам, смирка!
Лупнал потоа со ногата
триесетина пати:
„Ова ти се вика свирка!“

По пет минути
немало веќе
ни свирка ни клавир.
Останал само
кршот, купчето трици,
искршените дрва
и скинатите жици.


Слон

Слонот да миеше заби
како човечкиот свет
секој ден туби со паста
ќе трошеше барем девет.


Паун

Опашот голем, мозокот мал,
па можеби затоа тој става
на опашот си свој фал(ба)
а не на својата глава.


Бодливци

Еж се шетал преку ден.
На кактус стапнал.
И тогаш бил убоден.

Спискал: „Нешто ме апна!“
Па го искарал кактусот
со она што го засега:

„Ова сега, колега,
главно не беше
колегијално!


Мојот ѕверилник

Кога и да имам
пластелин
правам слон
и пингвин,
па жирафа,
лав, тигар
и мечка
што игра,
многу црви,
па и боа...
Ама еж
- не можам тоа.

Тој премногу
боцки има.
Таквата борба
не ми штима.


Моите слики

Сликам страшни ѕверки
со боичката своја.

Тигрот ме ѕвери,
а јас пред него стојам.

Со око ми зема мерки,
а јас не му се бојам!


Цртачи фалбаџии

„Кога ќе нацртам ружа
просто мирис се шири оттука.“

„А јас кога ќе ја нацртам,
однекаде доаѓа пеперуга
и почнува
да ја шмука.“


Пеперуги

Шарено пеперуже
му раскажува
на белото другарче
како тоа еднаш
летало низ ѕуница
па суницата му дала
од шарите свои:
сè по една пруга
од сите нејзини бои.

Другото пеперуже,
белото,
верува во приказни
и веќе сонува крила
што на ѕуница личат
та во себе си вели:
„И јас ќе летам
до ѕуници други
за да добијам пруги“.

Препев: П. Вулкански
Слики: Brian Wildsmith

Повеќе од Тартаља на Окно

Гвидо Тартаља (Загреб, 25.01.1899 - Белград, 29.12.1984) е еден од најинтересните и најпопуларните детски писатели во Југославија во 20 век. По својот модерен израз не само што се разликувал од повеќето свои современици, туку со целокупниот опус и ден денес, трисет години по смртта, претставува фасцинантен образец како треба да изгледа врвната книжевност за деца (иако, кога книжевноста е врвна таа автоматски ги надраснува жанровските и генерациските рамки; за тоа, се надеваме, сведочат и овде застапените песни).

Еве што вели еден критичар за Тартаља: „Поет на калеидоскопски варирани мотиви и разновидни доживеалици на детската душа, мајстор на модерната слика и стих, ја започнува писателската работа во момент кога уметничкиот збор не бил ослободен од стегите и од пренагласената педагошка потпирка. Тартаља се појавува непосредно пред конституирањето на поетиката врз нови структурни основи во време на класичното пеење, кога чувството за игра, како важен дел од детското мислење, сеуште не било доволно разбудено. Уште полошо, тогаш сметале дека смеата и авантурите на фантазијата му штетат на младото суштество и го „реметат“ неговиот „природен“ пат кон зрелоста. Панорамата на стиховите на Тартаља ја прават мотиви, со мали исклучоци, со игрива содржина, духовитите и необичните ситуации и секојдневните соновидни слики кои ја стимулираат имагинацијата и го скокоткаат духот.“

Во текот на својата педесетгодишна писателска работа Тартаља напишал околу педесетина книги за деца. Овде ги издвојуваме: Srmena u gradu ptica (1927), Carstvo male Srmene (1929), Čobanska frula (1935), Veseli drugovi (1934), Mlado drvo (1936), Mali glumci (1938), Varjiča, carev doglavnik (1938), Naša pozornica (1941), Oživela crtanka (1946), Naše more (1948), Šta meseci pričaju (1947), Dečji prijatelji (1953), Prve trešnje (1954), Zagonetke (1955), Kolačići (1957), Vesela zoologija (1957), Vrabac u zabavištu (1958), U šetnji (1959), Dedin šešir i vetar (1960, Gusarska družina (1964), Moj blizanac i ja (1964), Od oblaka do maslačka (1965), Koliko je težak san (1966).

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото