Мислеа дека се војници

25.07.2014 09:55
Мислеа дека се војници

Пред неколку месеци добив чудно писмо од холандското министерство за одбрана. Во тоа писмо накратко ме известуваат дека сум запишан во евиденцијата за воена служба, но, бидејќи Холандија од 1997 година има само професионална војска, воените обврзници веќе не се повикуваат. „Значи, на ова писмо не морате да реагирате“, пишува Министерството, тоа се единствените подебели букви во целото писмо. На крајот, за секој случај, се напоменува дека сите холандски мажи помеѓу 17 и 35 години се евидентираат на овој начин и дека владата или парламентот само „во исклучителни ситуации“ можат да одлучат повторно да ги повикаат обврзниците, како и дека ова право важи најмногу до 45 година од животот.

Прво помислив дека бесмислено трошат хартија – ако некого го интересира таа информација, може да ја побара на Google. Реално, не ми беше нова информацијата дека Холандија во одредени околности има право да ме мобилизира: веројатно државите секогаш го имаат тоа право. Не верувам дека некогаш ќе дојде до мобилизација, не мислам дека некој си замислува дека јас, што во животот само двапати сум видел пушка во живо, можам некако да ѝ помогнам на холандската вооружена сила. На крајот на краиштата, не е ни многу релевантно тоа што сега се пишува за можноста „во исклучителни ситуации“, затоа што кога ќе дојде до такви ситуации, правилата можат да се променат по итна постапка. Значи, авторот на непотребното писмо е во право: нереагирањето е единствениот смислен одговор на ваквото известување.

И со тоа нереагирање ќе се завришеше сè, доколку за ова писмо случајно не прозборев на мајчиниот јазик. Ме поминаа две морници кога го направив тоа. Првата дојде од синтагмата „холандски војник“ – значи, тоа што можам да станам во некоја многу исклучителна ситуација. „Холандски војник“ на овој јазик за мене значи прво и пред сè – оној војник од баталјонот Dutchbat, кој гледа и не интервенира додека војниците на Младиќ силуваат деветгодишно девојче пред мајка си, кој му се тргнува од патот на еден војник на Младиќ додека тој ѝ наредува на мајката да го смири расплаканото бебе, по што, затоа што на мајката тоа не ѝ успева, истиот војник го зема бебето и му ја пресекува главата. Се сеќавам од сведочењата дека тие холандски војници често носеле вокмени и на тој начин само гледале, но не слушале и затоа не било можно да им се обратат. Мојот ужас од оваа ситуација е, без разлика колку ирационално да е тоа, дотолку поголем што меѓу пријателите често бев исмејуван затоа што секогаш имам слушалки околу вратот и невозможно е да ме повикате на улица. Другата морница ми помина кај оној дел со „сите мажи од толку до толку години“. Имено, така е дефинирана категоријата на оние 8 000 луѓе кои беа убиени во Сребреница, токму затоа што биле сметани за војници на непријателската војска, без разлика колку биле изгладнети, голобради или со врзани раце. Тие момчиња и девојчиња биле мобилизирани во смрт – биле прогласени за војници за со мирна душа да бидат убиени од страна на нешто што се сметало за војска.

Значи, злосторството во Сребреница го направија луѓе кои за себе веруваа дека се војници, над луѓе за кои веруваа дека се војници, а сето тоа пред очите на професионални војници со вокмени, под чија заштита официјално беше Сребреница. Заради тоа, страшниот резон на злосторството во Сребреница може да се резимира во три реченици кои гласат идентично: „Мислеа дека се војници“.

Мислеа дека се војници 1 – „Јас сум генерал, а кои сте вие?“

Кога „српскиот херој“ Ратко Младиќ, по една година криење, се појави пред светот, тој не зборуваше за српството и херојството, туку инсистираше дека тој е војник и генерал кој војувал за својата земја и својот народ, веројатно онака како што му доликува на секој војник. Со тоа Младиќ не измисли ништо ново. Да се потсетиме, од 1992 година Сребреница беше една од општините кои во текстот од уставот на Република Српска влегоа во РС како едно од „местата каде српскиот народ е малцинство заради геноцидот над него за време на Втората светска војна“. Значи, освојувањето на Сребреница беше една од воените цели на Војската на Република Српска. Конечно, забележаното подарување на Сребреница на српскиот народ од страна на Младиќ, е и меѓународно забележано во Дејтон: и денес Сребреница е во состав на Република Српска.

Значи, сторителите верувале (повеќето веруваат) дека се работи за воена акција, со која се елиминирани резервисти на Армијата на Република Босна и Херцеговина. Бидејќи Бошњаците единствено можеа да бидат мобилизирани во оваа вооружена сила и заради тоа беа сметани за војници.

Таа 1995 година во источна Босна имаше правило според кое заробените воено способни мажи не ги пуштале, а не ги ни задржувале. За политиката без заробеници се зборуваше уште 1993 година. Така, Филипе Морилон, тогашен главен командант на мировните сили во Босна зборуваше дека на православен Божиќ 1993 година, единиците на Насер Ориќ од Сребреница извршиле масакар во неколку околни српски села, по што Ориќ им објаснил: „Законот е таков, не можам да држам заробеници“. Така и еден Ненад, некогашен припадник на црвените беретки, му објаснува на новинарот на The New York Times дека постоела политика според која не треба да има заробеници и дека така сите Бошњаци кои ќе бидат фатени, во принцип, ќе бидат убиени. Истиот тој Ненад зборува дека понекогаш заробените Бошњаци му биле предавани на локалното српско население за тоа да им пресуди, но дека тој никогаш не го правел тоа затоа што бил „професионалец“ и едноставно ја спроведувал политиката на убивање. Најпосле, Ненад заклучува дека едноставното ослободување на 7 000 воено способни мажи ќе значело дека силите на Младиќ ќе останат со 7 000 „змии во џебовите“.

Значи, Сребреница не донесе никаква квалитативна иновација во војната која тогаш веќе три години беснееше во Босна: во неа, радикално и во огромни размери беше применет принципот кој веќе беше воспоставен – да не се задржуваат (а, ниту да се пуштаат) заробеници. Затоа, сторителите верувале дека водат војна и дека се војници и дека наспроти себеси имаат – непријателски војници.

Мислеа дека се војници 2 – Сребреница веќе не беше град

Значи, сторителите верувале дека секој бошњачки маж помеѓу 15 и 60 години е војник на Армијата на Босна и Херцеговина; а, веќе знаеле дека секој маж помеѓу 15 и 60 години, кој во јули 1995 година се наоѓал во Сребреница е Бошњак. Имено, Сребреница веќе не беше град, туку она што со јазикот на таа нова реалност се нарекуваше „бошњачка енклава“, а повеќето жители го доживуваа како концентрационен логор. Во оваа енклава, каде што биле собрани Бошњаците од различни места од источна Босна (пред сè од етнички исчистените градови во кои пред војната беа мнозинство, како што се Бијелина, Вишеград, Зворник и Фоча), се преживувало без струја и вода и со малку храна, во целосна етничка хомогеност и, значи, со целосна упатеност на АРБиХ за какво било конечно решение.

Енклавите во источна Босна, кои веќе од 1993 година беа прогласени за „заштитени зони на ОН“, на тој начин станаа место на целосен етнички детерминизам. Луѓето кои својата етничка припадност само четири години пред тоа можеа да ја носат на илјадници начини, од фундаментализам до сарказам (токму како што денес може да се носи, на пример, холандско државјанство), на тоа место станаа дел од совршен детерминистички систем без никаков индивидуален избор за тоа кому и како ќе припаѓаат. И на таквите популации можело да им се суди како да му се суди на едно семејство – жените, децата и старите кај своите, а воено способниот маж на стрелање. Дури откако беа воспоставени местата на апсолутниот етнички детерминизам, тој јули 1995 година можеше да се маршира во местото што некогаш беше град и да му се „подари“ на својот народ со убивање на целото возрасно машко население.

Сепак, сторителите и жртвите не биле сами, ова злосторство во добар дел било набљудувано со сините очи на холандските сини шлемови.

Мислеа дека се војници 3 – „Продолживме со своите секојдневни активности“

Луѓето во Сребреница мислеа дека ги чуваат холандските војници на Обединетите Нации. Тие војници беа сето тоа што другите два вида „војници“ никако не беа: беа платени, облечени војници, кои претставуваат една држава со јасни граници и јасен команден ланец. Сепак, можеби е најважно тоа што сите овие војници беа војници по сопствен избор – тоа им беше работа.

Тоа беа добро тренирани и дисциплинирани војници. Биле толку дисциплинирани што, како што зборува еден холандски војник, откако Сребреница останала празна, „продолжиле да ја работат својата работа, продолжиле со секојдневните активности, иако тоа било чудно затоа што енклавата веќе била празна“. Овие војници толку биле зафатени со она што го сметале за своја работа што пропуштиле да направат што било од она што во обичниот живот го сметаме за должност на секој човек. Овие војници не само што никого не заштитија од егзекуција, туку, како што неодамна потврди и холандското правосудство, значаен број мажи кои се обиделе да се засолнат во нивниот камп, како и одреден број од своите локални работници, ги истерале од кампот и ги предале на силите на Младиќ. Така, холандските војници оделе на терен каде се вршеле издвојувања на мажи (во еден официјален извештај пишува дека „скринингот на мажите тогаш бил сфатен како акција која не е невообичаена со оглед на законите и обичаите на војувањето“), гледале како луѓе што зборуваат ист јазик, едни на други си наредуваат каде да одат и сонувале да се вратат дома. Можеби тој сон за враќање дома им изгледал толку приоритетно затоа што тие, за разлика од населението на овој пекол во кој се нашле, имале здрави куќи и семејства кои ги чекале. Тие војници не разбирале ништо и не знаеле да се вмешаат во злосторството на кое присуствувале и така на крајот срдечно се простија од сторителот на најголемото злосторство во Европа по Втората светска војка. Потоа, заминаа во Загреб, каде командантот на Dutchbat, Том Кареманс изјави дека „битката за Сребреница, за српската страна била коректна воена операција“.

Колку војници имаше во Сребреница во јули 1995 година?

И, така ми останува ова прашање, како морбидна загатка на која можам да одговорам само условно, подразбирајќи нечии премиси и заземајќи нечија перспектива, без разлика колку и да верувам дека во Сребреница моите убија 8 000 мои, додека моите гледаа. Значи, ми останува да се сопнувам, во него да се губам и да им го поставувам на оние што мислат дека разбираат сè. Најпосле, ми останува и да ме потсети да реагирам секогаш кога некој ќе ми најави некаква мобилизација, колку и таа да е далечна, неверојатна и во „многу исклучителни околности“.

Извор: http://pescanik.net/

Слични содржини

Балкан / Став

ОкоБоли главаВицФото