Балада за пастирот и неговите фасади

25.07.2014 13:03
Балада за пастирот и неговите фасади

Пастирот владеел веќе цела декада.
Среде реката изѕидал арки и антички аркади.
Изградил плејада згради со колонади.
Со боксови кршел носови, чела и аркади.

Секој без исклучок можел да настрада
за пастирот да ја вкуси древната наслада.
Толку уживал во античките наслаги
што се сметал за наследник со сите заслуги.

Целиот народ го држел под опсада.
Ни за миг не го фаќала досада.
Само проектирал: за секоја зграда
мора да има нова античка фасада.

Дури до Стамбола града
стигнал гласот за лудата маскарада;
за фонтанската гола града, о да!,
се заинтересирала и групата „Дада“.

Мераклија за стиропорски грамади
бил тој пастир, за шаради и паради:
„Сегде да има старо-нова фасада
или барем со мојот лик церада!“

На народот му држел тиради:
„Страден сум и со многу блокади;
но полека сè ќе се совлада
и мојата волја ќе преовлада“.

Се осмелиле само од една амбасада
и му рекле: „Водачу, народот ти страда!“
А тој рекол: „За лична безбодност имам бригада;
а за народот држам цела армада!“

Конечно еден ден поставиле барикада
бунтовници пред владината зграда
(за да спречат уште една нова фасада)
и рекле: „водачот на младава влада блада“.

Тогаш пастирот барикадата ја оградил
и бунтовниците фино ко плац ги заградил.
по канонадата тие брзо биле совладани
и за пример на клада запалени.

***

Пастирот ко Мара завршил спружен во када.
Народот од среќа по плоштадите заиграл ламбада.
Оранжада и чоколада се точеле на секоја ливада.
А еден поет за настаните испеел балада.
Еве ви ја, ко за отпорот - награда.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото