Кој е виновен?

25.07.2014 13:34
Кој е виновен?

Ракета погодува авион. Луѓе умираат. Животи се уништени. Семејства разорени. Пријателства згаснати. Сочувство од целиот свет. Секој од нас би можел да го изгуби животот на летот MH17.

Каде што има страдање, мора да постои и вина. А каде што има вина, постојат и виновници. Тие мораат да бидат казнети.

Виновник?

Многумина на Запад го препознаа додека остатоците од Боингот 777 паѓаа по полињата на источна Украина - тоа е Владимир Путин. Но ова не е медиумски суд, ниту падот на авионот MH17 е случај за јавното обвинителство. Иако за семејствата на жртвите тоа е неприфатливо, а за нас останатите многу тешко - прашањето за вината е бесмислено.

Владимир Путин - Запад од самиот почеток на украинската криза се обидува да го обвини господарот од Кремљ. Така што Путин мора да биде одговорен за секое понатамошно заострување на кризата. Падот на патничкиот авион МН17 е досега најстрашната ескалација на овој судир. Кога прашањето за вината е навидум толку јасно, а стравот толку голем, тогаш и одговорот мора да биде сразмерен. Но, дали е навистина така? Западот со избрзаното осудување на Русија и зачестениот повик „конечно“ да се реагира оди по опасен пат.

Се чувствува одмазда во воздухот. Но одмаздата е опасна игра, а бесот лош советник.

Süddeutsche Zeitung пишува: „Европа и САД мораат да одговорат на оваа навреда. Им го должат тоа на жртвите, но пред сè на јавноста која знае што е неправда и ја нарекува со вистинското име.“

Камо да беше сè толку едноставно! Зборовите како правда и неправда во меѓународната политика играат споредна улога. Би било грешка целосно да се откажеме од нив, но опасно е да се потпреме исклучиво на нив.

Проблемот е во тонот на оваа статија, која како многу други ја повторува песната добро позната од времето на Студената војна, кога светот беше поделен на добри и лоши и кога точно знаевме на која страна сме. Време е да се соочиме со непријатната вистина: мултиполарниот свет со себе носи и мултиполарен морал. Ние не сме неутрални набљудувачи на возбудлив експеримент за доброто и злото. Вмешани сме до грло. И во Украина.

Како би изгледал соодветниот одговор на смртта на 298 луѓе? Во Холандија се слушаат барања да се избрка од земјата ќерката на Путин, Марија. Дали тоа ќе ги задоволи семејствата на жртвите? Какви економски санкции би можеле да ја ублажат нивната болка или болката на западните коментатори?

Јавноста очигледно не е дорасната на овој нов конфликт помеѓу Исток и Запад, чија најнова жртва е MH17. Таа се препушта на старите рефлекси, кои во минатото често нè водеа во ќорсокак. Среќа што денес нашите политичари се попаметни од нашите новинари. Франк-Валтер Штајнмаер е во право кога ги осудува арамиските банди кои претураат по местото на падот на авионот и ја избегнува (избрзаната) осуда на Москва. Русија е важен фактор на Исток на кој мораме да сметаме.

MH17, Западот ќе ја запамти оваа ознака. Русите и остатокот од светот ќе ја заборават. Секој го памти само она што му е важно. Баш како што Иран ја запамти кратенката IR655, за која нема место во западните извештаи од последните денови.

IR655 е бројот на летот на Airubus-от на Iran Air, кој на 3 јули 1988 беше погоден со две ракети земја-воздух. Ракетите беа испукани од американскиот крстосувач USS „Vincennes“.

Американците во таа прилика над Персискиот Залив убија 290 луѓе, меѓу кои 66 деца. Тоа беше несреќен случај. САД подоцна платија отштета од 61,8 милиони долари.

Но никогаш не се извинија.

Извор: Spiegel, 24.07.2014.

Слични содржини

Европа / Свет
Свет / Став
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото