Прва тотална војна

26.07.2014 14:33
Прва тотална војна

Германски војници минуваат покрај мртви британски војници.

Германскиот писател Вилхелм Р. Ламзус во 1912 година го објавил популарниот роман „Човечка кланица“. Во овие „слики на претстојната војна“, како што гласи поднасловот, Ламзус со страшни зборови ја претскажува изненадната метамофроза на капиталистичките фабрики во машини за масовно разорување. „Изгледа дека смртта ја фрлила својата коса на отпад за старо железо и станала индустријалец. Се премина од мали на големи фабрики. Некогаш витешка смрт или чесна војничка смрт, сега индустриска смрт! Техничарите и механичарите нè водат во смрт. Како игли и копчиња, денес се произведуваат голтари и трупови.“

Ламзус овде изнесува ставови широко распространети во работничкото движење. Наместо од класична кабинетска војна на ограничен простор, се стравувало од долга исцрпувачка војна, која ќе биде проследена со дотогаш невидено насилство. Социјалистот и пријател на Маркс, Фридрих Енгелс, уште во 1888 година прогнозира дека во некоја идна војна „ќе загинат 10 милиони војници“. Аугуст Бебел, централна личност на германската социјалдемократија од XX век, во 1893 во Рајхстагот изјавува дека „кога по избивањето на војната ќе дојде до масовен колеж, тогаш, мои господа, ќе сфатите дека сте создале нешто што можеби ќе го разори целото општество“. Предвидувањата на Енгелс и Бебел се оствариле.

***

Водечките луѓе во војската исто така се подготвувале за долга и по обемот на разорување тотално непредвидлива војна. Британскиот воен министер Хорацио Херберт Киченер претпоставувал дека военото одмерување на силите ќе го добие онаа сила на која ќе и’ преостане последната борбена дивизија. Шефот на германскиот генералштаб Хелмут фон Молтке ден пред почетокот на војната изјавил дека „само некои се свесни за обемот, траењето и исходот од оваа војна“.

И покрај тоа, кај повеќето современици во летото 1914 преовладала илузијата за кратка војна, која ќе биде завршена најдоцна до Божиќ, „over by Christmas“, како што се велело во Англија.

„Јулската криза, која уследила по атентатот во Сараево, може да се толкува како мултилатерална интеракција на пет автономни рамноправни актери (Германија, Австроунгарија, Франција, Русија и Велика Британија)“, смета Кристофер Кларк во својата книга „Месечари“. Несигурноста и нетранспарентноста во текот на јулската криза се покажале како преголем товар за овие протагонисти. Нивните одлуки произлегле од мешавината на страв, очекувања и интереси, при што се занемарувани ризиците на сопствените потези. „Биле будни, но слепи, мачени од кошмари, но неспособни да ја препознаат силината на ужасот кој наскоро ќе се ослободи во светот.“

Француски војник нишани со противавионски митралез, источна Франција.

Елитите не биле во состојба да ја согледаат пошироката слика. По само неколку месеци буквално ја испукале целата муниција. „Мунициската криза“ која настапила кај сите завојувани страни во есента 1914 е доказ за надменоста и брзоплетоста на оние што ги носеле одлуките.

Заклучокот дека тогашните големи сили по низа несреќни настани се впуштиле во војна, што во своите мемоари го тврди британскиот премиер Лојд Џорџ, ги изостава оние фактори кои ја зголемиле опасноста од избивање на војна: империјалистичките амбиции, политиката на забрзано вооружување, социјалдарвинистичката критика на либерализмот и демократијата и култот на народите и нациите. За заострувањето на напнатоста придонело и свртувањето на воените планери кон офанзивна војна и превентивни акции, додека заканите со војна станале средство на надворешната политика.

* * *

Од друга страна, кај либералните, левичарски и пацифистички кругови опстојувала вербата во невозможноста на големата војна. „Таму каде што зборуваат парите, молчат топовите“, била формулата на страствените поддржувачи на слободната тргвија. Публицистот Ралф Норман Ејнџел во својата влијателна книга „Големата илузија“ од 1919 објаснува дека „империјализмот доживеал финансиско фијаско. Капиталистите посветени на максимизација на профитот не ги интересираат овие губитници кои служат исклучиво за државен престиж и слава“.

Како строга тајна е чуван и фактот дека британскиот адмиралитет планирал глобална економска и финансиска војна, со која финансиски би се „задавиле и изгладнеле“ Германија и нејзините сојузници. Новите историски студии покажуваат дека кон крајот на XIX век важни претставници на приватната економија очекувале избивање на војна и дека биле длабоко вмешани во воените подготовки.

Вообичаениот историски наратив, кој поаѓа од „константно растечкиот каузален притисок“ во правец на избивање на војната, денес се чини застарен. Првата светска војна не била логична последица на развојот на настаните, ниту била неизбежна.

Британски стрелачки вод се подготвува да погубигермански шпион, некаде во Велика Британија.

Меѓутоа, постоело нешто што би можеле да го наречеме „привлечност на војната“, која ја зголемувала веројатноста дека ќе дојде до неа. Самото избивање на војната имало во себе одредена доза случајност. Меѓутоа, случајот ги погодува оние кои веќе се спремни. Токму Германија, со своите опсесии дека е опколена и со истовремената желба за „потврда на статусот на светска сила“, и Австоунгарија, која сакала со војна да го „смири“ својот националистички ривал Србија, значително придонеле за почетокот на војната.

* * *

Објавите на војната никого не изненадиле. Предолго биле чувани во фиока. Затоа меѓусебните припишувања на вината биле толку драстични. На денот на германската мобилизација, 1 август 1914, командантот на германската морнарица Георг Александар фон Милер во својот дневник запишал: „Расположението е врвно. Владата успеа да нè претстави како жртви.“

Фактот дека населението го дочекало почетокот на војната во целосен занес, е пред сè резултат на воената пропаганда. Првата светска војна била медиумска војна. Обликувањето на јавното мислење и цензурата стануваат централни елементи на водењето на војната.

„По избивањето на војната доаѓа до заострување на нејзините противречности“, пишува Херфрид Минклер цитирајќи ја славната реченица на прускиот генерал Карл фон Клаусвиц. Германските планови за брза победа на Запад и префрлување на сите сили на источниот фронт во борба против Русија пропаднале уште во септември 1914. Брзата војна се претворила во позициона, која во текот на „долгата 1915“ го покажала својот разорен потенцијал со новото оружје, употребата на бојните отрови, злосторствата над цивилното население и бруталноста на окупаторските режими.

Искуството на бесмислата - сознанието дека станува збор за војна која не ги решава, туку само создава нови проблеми, се искристализирало уште во текот на првата воена година. „Не знаеме за што се бориме“, објаснувал во 1917 главниот организатор на германската воена економија Валтер Ратенау.

Одговор на губењето смисла и контрола требало да понуди сè посилната идеологија. Задачата на ефикасните пропагандни машини била „произведување смисла на војната“. Анонимната механизација на смртта му се припишува на непријателот, додека во сопствениот табор се величаат традиционалните вредности како другарството и патриотизмот. Сите завојувани страни тврделе дека ги бранат просветителските вредности, културата и цивилизацијата, од мрачните сили на варварството.

Ранет француски затвореник придружуван од двајца германски војници, 1917.

Оваа манихејска подвоеност на военото иксуство била идеален ментален придвижувач на воената пропаганда која ги држела војниците и населението во целосен колективен занес, сè до моментот кога националниот консензус, што особено важи за Германија, не го замениле штрајковите, побуните, демонстрациите и револуционерните превирања. Расправата водена меѓу француските историчари за тоа дали војната траела толку долго поради доброволната поддршка на воените напори од страна на националниот колективитет (тезата за консензус) или поради присилата и цензурата (тезата за принуда) бледнее пред доказите за државната пропагандна машинерија.

* * *

Синтагмата „тотална војна“ се однесува на овој клучен момент на државната пропаганда, но пред сè на сеопфатната мобилизација на сите расположливи економски ресурси и на создавањето вистинско „воено општество“.

Во текот на војната 65 милиони луѓе биле под оружје, а речиси десет милиони од нив не преживеале. На тоа треба да се придодадат и 10 милиони убиени цивили и 20 милиони ранети. Економските историчари пресметале дека развиените економии се обидувале да мобилизираат повеќе луѓе, материјал и капитал за воени цели. Со тоа односот на силите помеѓу воените сојузи станувал сè повеќе асиметричен.

Централните сили (Германија, Австроунгарија и сојузниците) не можеле да им парираат на силите на Антантата (Франција, Русија, Велика Британија, а од април 1917 и САД) по бројот на жители и војници, ниту по големината на контролираните територии и општествениот бруто производ. Што се однесува до новите воени технологии, силите на Антантата располагале со двојно повеќе митралези и авиони и речиси стократно повеќе тенкови.

Самиот поим „тотална војна“ е семантички оптоварен. Генералот Ерих Лудендорф во 1935 ја објавил книгата под ист наслов, во кој ја величи „претстојната војна“ како „возвишен израз на народната волја за живот и расната свест“.

Лудендорф изнесува антисемитски теории на заговор, отфрлајќи ги сите „наддржавни сили“ (Евреите и католичката црква). Оваа чудовишна екстремно десничарска народна идеологија можеме да ја разбереме како израз на насилните фантазии, кои го опседнувале Лудендорф уште во 1916, кога заедно со подоцнежниот претседател на Германија Пол фон Хинденбург се обидел да го стави целото општество под државно-воена контрола.

Мајка и дете носат гас-маски во својот дом во француско село, 1918.

Фантазмот за „тотална војна“ го доживува својот климакс на 18 февруари 1943 година. Тогаш германскиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс во берлинската Палата на спортовите извикнува: „Сакате ли тотална војна?, и додава: „Сакате ли да биде пототална и порадикална отколку што можеме да замислиме денес?“ Френетичниот аплауз и одушевените извици на поддршка од масата биле феномен на Гебелсовата тотализација на општеството.

* * *

Историчарите ја оттргнаа „тоталната војна“ од екстремно десните народни теоретичари, антисемитите и националсоцијализмот и одново ја дефинираа како концепт за анализа на губењето на сите ограничувања при водењето војна. Таа покрај тоталната мобилизација на луѓе и материјал вклучува и тотализација на воените цели и методи и барање од државата за апсолутна контрола.

Ако ја погледнеме историјата на овој поим, ќе ја забележиме неговата двојна примена во Франција 1917 како „guerre totale“ / „тотална војна“ i „guerre intégrale“ / „интегрална војна“. Жорж Клемансе, кој кон крајот на војната вторпат станува француски премиер, под „интегрална војна“ подразбира апсолутен приоритет и максимални воени напори. Тој изјавува: „ништо освен војна“.

Во историската наука е спорно дали до тотализција на војната дошло по нејзиниот почеток, кога веднаш се случиле брутални злосторства врз цивили и радикализација на воените планови за целосно уништување на непријателот, и дали тотализацијата станала доминантна во 1915 кога започнале исцрпувачките борби и бил покренат пропагандниот апарат, или таа фаза започнала дури во 1917?

Од друга страна, историчарите се согласуваат дека неограничената војна ослободила дотогаш незамисливо насилство и дека „домашниот фронт се стопил со првите борбени линии, означувајќи го со тоа влегувањето на целото општество во војна. Затоа е потребно одново да се нагласува процесот на „тотална војна“.

Овој процес водел кон глобална војна. Може да се каже дека претходните војни (Војната за австриското наследство 1740-1748, Седумгодишната војна 1756-1763 и Американската револуција 1775-1783), а особено „Француските војни“ 1782-1815 имале светска, интерконтинентална димензија. Меѓутоа, во 1914 ново е тоа што колониите се интегрираат во воените напори. Овде од самиот почеток станува збор за глобална поморска економска војна. Од колониите доаѓале војници, воена сила, суровини и производи, а сè повеќе регионални судири се поврзувале со „големата војна“.

Мртви германски војници на Западниот фронт.

Од оваа глобалност треба да се разликува поимот „светска војна“ кој е во употреба уште од XIX век. Тој во Германија прво претставувал пандан на поимите „светска сила“ и „светска хегемонија“. Користен е симболички и во основа бил евроцентрично конципиран. Неговата употреба се зголемува од 1911, а неговото значење се проширува, паралелно со преминот на една сè уште европска војна во глобален судир.

Првата светска војна може да се опише како прва вистински глобална војна во историјата, која истовремено ги имала сите карактеристики на тотална војна. Ова идеолошко-економско заострување и географската експанзија се значително надминати во Втората светска војна.

* * *

Нумерирањето на овие две војни почнало во 1940. Ознаките Прва и Втора светска војна се развиваат синхроно сè до 70-тите години на минатиот век, а потоа Првата светска војна исчезнува во сенка на Втората. Ја сметаат за „лабораторија“, пробна фаза за индустријализација на војната, за беспоштедната економска војна, за геноцидите и воените злосторства. Наративот за „пракатастрофата на XX век“ создал од Првата светска војна само увертира за националсоцијализмот, Втората светска војна и Холокаустот.

Оваа теза навестува дека во периодот 1914-1945 е водена друга, „триесетгодишна војна“. Меѓутоа, таа е доведена во прашање со разгледувањето на целокупниот равој на настаните и „подемот и доаѓањето на Хитлер на власт“ кое било сè, но не и неизбежно. Современата анализа на внатрешната логика на Првата светска војна и порастот на интересот за овој судир е резултат пред сè на фактот дека таа се гледа преку проблемите кои ја приближуваат до сегашноста.

Кристофер Кларк забележува дека „превирањата во нашиот сопствен свет го променија и нашиот поглед на настаните од 1914“. Фаталното исчекување на неизбежната еврокриза и морбидната желба за распад на ЕУ, на кое се надеваат националистите од сите земји, се направени од истиот материјал како и играта со „општата катастрофа“, во која се впуштиле актерите од 1914, очекувајќи дека од тоа ќе извлечат некаква корист. Кларк, кој го наведува овој пример на крајот од својата книга, ги опишува протагонистите од 1914 како „наши современици“, кои нè предупредуваат на опасноста од изложувањето на кумулативната неспособност.

Литература:

Philipp Blom: „Der taumelnde Kontinent. Europa 1900-1914“. Carl Hanser Verlag. München 2009.

Manfred F. Boemeke, Roger Chickering i Stig Förster (Hrsg.): „Anticipating Total War. The German and American Experiences, 1871-1914“. Cambridge University Press. Cambridge 1999.

Christopher Clark: „Die Schlafwandler. Wie Europa in den Ersten Weltkrieg zog“. DVA. München 2013.

Oliver Janz: „14 – der Grosse Krieg“. Campus Verlag. Frankfurt am Main 2013.

Michael Jeismann: „Propaganda“, u: Gerhard Hirschfeld, Gerd Krumeich i Irina Renz (Hrsg.): „Enzyklopädie Erster Weltkrieg“. Schöningh. Paderborn 2009. Str. 198-209.

Jörn Leonhard: „Die Büchse der Pandora. Geschichte des Ersten Weltkriegs“. Verlag C.H. Beck. München 2014.

Herfried Münkler: „Der grosse Krieg. Die Welt 1914-1918“. Rowohlt. Berlin 2013.

Marc Segesser: „Der Erste Weltkrieg in globaler Perspektive“. Matrix Verlag. Wiesbaden 2010.

 

Јакоб Танер е професор по нова историја на Универзитетот во Цирих

 

Извор: Die Wochenzeitung

ОкоБоли главаВицФото