Веќе никој не ја сака уметноста

28.07.2014 09:01
Веќе никој не ја сака уметноста

На возраст од четириесетина година, Никола Пешиќ, уметник со кој разговараме, успеал да оствари неколку паралелни кариери, и изгледа дека, барем според пребарувачот на Гугл, тие се подеднакво успешни. Тој е вајар, но и сликар, преведувач кој во моментов преведува четива од областа на модерната јога на професорот Марк Синглтон, потоа „несертификуваниот инструктор по јога“ е на пат да создаде и свој модел за вежбање кој би се нарекувал „јоги билдинг“, но и писател на нашиот единствен вегански готвач.

„Сакам да шетам од крајност во крајност“, вели Никола во разговорот за „Време“. „Не сум типичен вајар. Вклучен сум во вајарската сцена, но моите скулптури се објекти, попрецизно, тродимензионални цртежи. Немам класично вајарско образование. Завршив сликарство, а пред крајот на студиите почнав да правам објекти“.

Неговите вајарски дела ги видел Мрѓан Бајиќ и му предложил да се пријави на постдипломски студии во неговата група. Така и направил, но излегло дека никогаш не влегол во таа група.

„Во исто време добив и стипендија од германската влада, па отпатував таму и три години бев на постдипломски студии кај израелскиот вајар Михе Улман. Кога се вратив, само направив магистерска изложба со делата создадени во Германија. Исто така, Улман се појавувал во групата само неколкупати во текот на годината, па во врска со вајарската работа најмногу имав консултации со себеси. Верувам дека тоа беше и добро за мене“.

Тоа е почетокот на оваа уметничка кариера. Никола Пешиќ зад себе има десетина групни и самостојни изложби, успешна соработка со галеријата „Ѕвоно“, дела во значајни колекции и пред сè – здраво тело и слободен ум.

„Му се вратив на сликањето по 15 години и забележав дека сликам многу подобро отколку кога престанав, затоа што повторно, сега се консултирам само со себеси. Сфатив дека не сакам по секоја цена да се докажам, да направам некаква нова уметност, туку убаво, смирено да сликам. Потегот ми е посмирен, можеби затоа што сум постар, не брзам никаде, затоа што немам каде, пред мене е времето. Мислам дека тоа е добро. Потребна е некаква празнина, да се ослободиш и да работиш. Успехот не зависи од напрегнувањето, туку од тоа дали во тебе има нешто или нема. Не можеш на сила да станеш најоригинален на светот“.

Тема на вашите слики е она што се нарекува „мртва природа“?

Поточно, ентериерот. На самостојната изложба во „Ѕвоно“, 2013 година, изложив слики за прв пат во животот. Идејата беше да изберам „банални“ теми и да им дадам монументален формат. Ми се допадна таа комбинација. Според фотографиите кои ги направив сам, насликав една валкана хотелска бања и хотелска кујна во фаза на санација и една монументална, речиси монохроматска слика од лабораторија. Сега продолжувам со сликање банални теми на монументални формати. Да речеме, вазна со цвеќе на платно со големина два на два метри.

Спаѓате во уметници кои зад себе имаат галерија.

Јас имам своја галерија што ме застапува, галеријата „Ѕвоно“, со која имам одличен однос. Кај нив ги направив првите чекори и денес, по толку години, нашиот однос е совршен. Се однесуваме другарски едни кон други и го почитуваме трудот на другиот. А тоа значи, од моја страна, дека ги почитувам нивните време, труд и пари, вложени во моето претставување. Некои уметници само ќе кренат прашина низ галеријата, ќе направат изложба и заминуваат. Често се нереални со цените на изложбите, а подоцна ги продаваат сликите „под рака“, во ателје, без учество на галеријата. На тој начин покажуваат непочитување кон галеријата и нејзиниот труд, но и самите губат многу заради тоа.

Често слушаме дека нема пазар, дали тоа е точно?

Овде, уметниците сè уште имаат проблем со тоа што треба да одвојат процент за галеријата, откако на изложбата ќе се продаде некое нивно дело. Наместо тоа, тие често чекаат да помине изложбата и делото да го продадат за половина од цената или за многу помалку, во ателје. Тоа е незамисливо во организираниот свет и ако направиш нешто такво тогаш си ставил точка на сопствената кариера! Нема пазар затоа што го рушат уметници кои не се почитуваат себеси, ниту галеристот. А не се свесни дека не можеш евтино да продадеш нешто, а да не се дознае за тоа. Со намалувањето на цените под секаква пристојност, уметниците самите си ги рушат цените на своите дела, но им прават проблем и на колегите. Така се уништува пазарот.

Рековте дека некои колекционери немаат храброст да купуваат современа уметност. Зошто им треба храброст?

Им треба храброст, затоа што ако уметникот е млад не можеш да знаеш дали си направил добар избор. Не познавам многу колекционери и не ги знам причините заради кои купуваат. Но, ако поддржат нешто во што веруваат и истото го платат, тогаш мислам дека тоа е добро. Потребна е љубов за уметноста и во таа смисла, нема многу вистински колекционери. Знаеме кои се големите колекционери во историјата на уметноста. Пред сè, тоа биле отмени луѓе, луѓе со стил. Кај нас, таков е само господинот Радивоје Дражовиќ.

Објаснете ја малку таа љубов?

Сите сакаат да искористат нешто. Веќе никој не ја сака уметноста. Уметниците прават проекти што им ги задаваат други. Посебна приказна се нашите историчари на уметноста. Нив не можете да ги видите на изложбите, или многу ретко, само ако се вклучени во организацијата. Не ги посетуваат изложбите, ги нема на завршните изложби на Факултетот. Не пишуваат критички текстови, туку само текстови за кои однапред се платени од уметниците. Ја немаат искрата за таа работа, немаат љубов.

Ги споменавте проектите, дали нивното постоење е лошо за уметниците или за сцената?

Главно, проектите ги финансираат странски фондови чија задача е да формираат дискусии во општества кои во принцип му одговараат на неолибералниот капитализам. Тогаш, уметниците се „вклопуваат“ во темата и тука веќе не станува ниту збор за уметност. Делата што се создаваат се тешко разбирливи и, најлошо од сè, ужасно досадни. Притоа, уметниците не само што ги лажат другите дека многу ги интересираат темите со кои се занимаваат, туку почнуваат да се лажат и себеси дека прават нешто многу важно за општеството, а всушност работат за системот и за парче од колачот.

Каков е мотивот да се финансираат такви „неуметнички“ теми, претпоставувам дека тој постои?

Веројатно затоа што одредени дискурси треба да се форсираат во јавноста. Тоа е дел од културната политика, т.е глобалната политика. Претпоставувам дека сите треба да станеме глобална заедница која размислува на ист начин, каде особеностите се само зачин, без суштина. Тоа е моја претпоставка. Никогаш не бев заинтересиран да се вклучам во тоа. Бесмислено ми е. Имам свои идеи, свои размислувања. Од критичарите или институциите очекувам да го препознаат тоа.

Мислите на ликовните критичари?

Жал ми е што нема критика, нема ниту негативна критика. Многу ми се допадна кога како студент, во едно од постарите списанија прочитав негативна критика за некоја изложба. Би сакал некој да ја анализира сцената, би сакал некој да се занимава со тоа што се случува на сцената, а не вештачки да произведува теми кои ќе се обработуваат. На тој начин уметникот е илустратор на темата што ја замислил кустосот. Многу често, ни кустосот не замислува ништо туку тој е дел од некој од таквите проекти, кои се во тренд.

Имате различни интереси. Освен уметноста, се занимавате со преведување, давате часови по јога, пишувате...

Да, но тоа не е некаква филозофија. Така живеат уметниците во странство, за што копнеат сите. Уметниците, и нашите луѓе генерално, мислат дека ако заминат некаде, дека ќе им биде многу подобро. Но, во странство не е сè толку розево. Кога студирав во Германија, секој од моите колеги работеше уште нешто: некој резбаше надгробни споменици, некој товараше замрзнато месо или ноќе работеше во кафуле, но сите нешто работеа. Уметникот треба да има некој постојан извор на приходи од страна, за да не мора да ја потценува својата уметност кога ќе дојде до продажба, само за да преживее.

Вие сте еден од уметниците кои имаат искуство на саемите за современа уметност во светот. Каква е таму состојбата со пазарот?

Кога со галеријата „Ѕвоно“ првпат отидов на саемот на современа уметност во Виена, организаторката на манифестацијата, Габриела Гантенбајн во доверба ни кажа дека Австријците го организираат саемот затоа што немаат развиен пазар за современа уметност и дена на тој начин сакаат да ги поттикнат и едуцираат колекционерите, за да почнат повеќе да се интересираат за современата уметност.

Кога би требало да издвоите некој од нашите уметници, кој ги задоволува вашите стандарди?

Од нашите уметници најмногу ја ценам сликарката Билјана Ѓурѓевиќ. Ја ценам затоа што таа е една од ретките професионалки, вредна е. Пред неколку години во посета ми дојдоа поранешните колеги од академијата во Германија. Сакаа овде да разговараат со избрани уметници, а на нивната листа беше и Билјана. Ја организирав таа средба, таа дојде и ги презентираше своите дела: голем број слики со голем формат. Тоа не може да се направи преку ноќ, зад тоа стои сериозен труд и посветеност што ја ценам. Таа има визија, создаде свој уметнички свет, а тоа е многу важно.

Каков е вашиот уметнички свет?

Моите интереси се мошне неизедначени. Во мојата скулпторска работа главно се обидував повторно да интерпретирам некои теми од религиозната уметност: тајната вечера, четириесетте маченици, деветте ангелски чинови на псевдо-Дионисиј Ареопагит... стари теми, на нов начин. Секогаш ме фасцинираше моќта на симболите и нивната интерпретација и дали можат да се интерпретираат на нов начин. Ми беше привлечно да правам скулптури кои се пријатни на допир, кои имаат перфектна изработка. Мислам дека уметничкото дело, особено скулптурата, треба да фасцинира. Скулптурата е предмет кој лесно може да стане фетиш и таа граница ме возбудува.

Сигурно постојат вајари чии дела ве фасцинираат?

Бил Виола, Џеф Кунс, Аниш Капур... тоа се неколкуте уметници што ме интересираат, секој на свој начин. Имав можност да го запознаам Џеф Кунс на неговата изложба во Берлин. Ме воодушеви како професионалец. Можеби ми изгледаше и како премногу професионален. Ми беше интересно кога во Берлин видов една од неговите познати скулптури, голем цвет. Тоа е огромна скулптура, изработена перфектно, наводно чини милиони евра, а стои потполно незаштитена на отворено. Беше неисполирана, а на еден нејзин набор дури видов и мов кој почнал да расте. Сето тоа ми беше чудно, човек ќе се запраша кој со кого се шегува.

Изгледа дека кај вас здравјето е еден вид табу, тема за која никој не сака да зборува? Вие сте љубител на готвењето, се занимавате со правилна исхрана, дали храната навистина е толку важна?

На Фејсбук имав 20 000 фанови во времето на Веганскиот готвач, а кога го напуштив сето тоа и почнав да објавувам слики како транжирам фазани, следбениците сакаа да ме линчуваат. Изгаснав сè. Патем, сфатив дека стресот и физичката неактивност се полоши за здравјето од лошата исхрана. Предрасуда е дека се потребни некакви посебни услови. Доволно е физички малку да се активираш, да не јадеш спакувана храна и да направиш некаква селекција во животот. Не мора да оствариш сè што си замислил. Опушти се малку и тоа е тоа. Тука нема голема филозофија. Здравото тело и здравиот дух ти олеснуваат за да мислиш подобро, затоа што тешкиот стомак произведува тешки мисли!

Извор: http://www.vreme.com

ОкоБоли главаВицФото