Донација и поправка на стари велосипеди за настраданите од поплавите

28.07.2014 09:02
Донација и поправка на стари велосипеди за настраданите од поплавите

Загрепската Biciklopopravljaona започна иницијатива преку која ги повикува сите заинтересирани да ги донираат старите велосипеди кои тие ќе ги поправат во својата волонтерска работилница и ќе им ги донираат на настраданите од поплавите во Гуња.

„Доколку имате каков било велосипед кој собира прашина и сакате да го донирате, можете да го донесете во Biciklopopravljaona. Исто така и корпите и багажниците се добредојдени. Велосипедите во Гуња и во другите поплавени места станаа и товарни возила и единствен начин на превоз. До сега испративме осум велосипеди, а собираме уште кои ќе ги испратиме во август, бидејќи навистина им се неопходни на луѓето. Ве молиме да не носите велосипеди кои се во многу лоша состојба“, се вели во повикот на Фејсбук.

Biciklopopravljaona е проект под закрила на Зелена акција со кој се обезбедува простор и потребен алат за поправка на велосипеди. Работи секој четврток од 17 до 20 часот. Освен што даваат бесплатна помош при поправки и ги примаат донираните велосипедни, тие ги донираат велосипедите на граѓаните откако ќе ги доведат во подобра состојба на оние на кои им се најпотребни.

Приказната за донацијата на преуредените велосипеди започна со барателите на азил од Центарот за азиланти во Дугава, кои се без приход, сместени на крајот од градот и немаат голем избор за движење низ градот.

„Велосипедите кои на почетокот на јуни ни ги донираше господинот Вид Рошчак од Самобор главно се поделени. Седум велосипеди се поделени на барателите на азил сместени во хотелот Порин, а другите седум на лица од поплавените подрачја во Гуња. Преостанатите неколку велосипеди не можевме да ги доведеме во возна состојба или сè уште се во процес на поправка. Исто така, од 11 до 13 јули тројца наши волонтери престојуваа во Гуња во склоп на волонтерскиот камп кој го организираше Задругата за етично финансирање. Таму го правеа она што го прават и во Загреб - поправаа велосипеди, кои во тој крај, како што се уверивме, се превозно средство кое многу се користи“, велат волонтерите.

Користењето на алатот и помошта од Biciklopopravljaona се бесплатни. Потрошните материјали се набавуваат преку доброволни и незадолжителни парични донации. Исто така, се примаат и донации во вид на велосипеди и делови кои некому повеќе не се потребни. Така се создава залиха на резервни делови за понатамошните поправки на велосипедите.

Корисниците можат сами да ги поправаат своите велосипеди, со помош на волонтерите на Biciklopopravljaona, а целта на работилницата е да ги научи граѓаните сами да ги одржуваат своите велосипеди.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото