1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Уште на почетокот од овој пасус сакам да разјаснам дека во приказнава нема да има шише, односно можеби ќе има, но не со течност. Се надевам со порака. Зошто тогаш го спомнав? Затоа што оваа приказна е за карактерот и особините на еден човек. Луѓето сè помалку сакаат да слушаат и воопшто да разговараат за нешто надвор од нивната пештера, а камо ли за човек што нема никогаш да го сретнат. За да го задржам вашето внимание, дејствието морав да го насочам кон друга основа поблиску до реалноста. Што повеќе привлекува од стакло во кое има течност? Сеедно каква: парфем, тоник, заглавен брод.
Сепак, си бил еден од најчитаните писатели на светот, но некои велат дека напишаното не е ни половина од она што умеел да го говори на неговите излагања на плоштадите, веселбите и јавните дебати пред да ја основа Академијата. Тој не е познат ниту по своите книжевни дела ниту по ораторските вештини. Пени е прочуен по неговиот критериум. Не оставаше впечаток на литерат. Пишаниот збор беше една интимна, само нему појавлива, катарзична врска со светот.
Ќе започнам со пример кој непланирано го одбрав. Еден прекрасен ден во доцна пролет, го сретнав него со забрзан чекор и руменило во ушите. За повеќето од нас е идиличен расцветаниот градски парк исполнет со голи рачиња жедни за тен, рамови од очила и множества ендорфин. Некој поинаку би ја дефинирал пролетта од мене, а пак Пени кој го сретнав во тој момент беше со стеснети зеници поради имобилизација на сопствената свест. Велеше дека нема пострашно за него од разорни звуци предизвикани од чекори на разулавените родители по лимената писта кои бркаат место за своето дете на вртелешката со тема „Градски сообраќај“. Оттогаш мислам дека не се возеше повеќе ни на велосипед. Секогаш одеше пеш и некои дуќанџии започнаа да ги вијат часовниците по неговата точност во определен дел од денот. Важеше за принципиелен човек кој повеќе значење му придаваше на имагинарното отколку на појавното, иако оставаше силна трага во секојдневието. Тоа беше навистина необично испреплетено во неговиот живот. Од пријател имам разбрано дека неговиот зет за сестра, кој патем е очен лекар, бил посетен од Пени еднаш во ординацијата и итно барал преглед на своето лево око. Запрашан што чувствува, тој одговорил:
-Ме боли окото.
-Како ве боли окото?
-Не пропушта материја.
На ова зетот очен доктор во средовечен манир се наведнал со окалката кон левото око на Пени од каде се отворила страшна вшмукувачка црна дупка како онаа во центарот на млечниот пат. По ова зетот паднал во бесознание будејќи се дури четвртата вечер, искапен во пот и со длабока амнезија. Бидејќи Пени бил присутен во болничката соба како директно одговорен за состојбата на зетот, во својот тефтер со белешки имал можност да ги запише единствените слики кои на истоимениот очен доктор му продирале во свеста:
„Блескав, а црн коњ. Темните очи го рефлектираат хаосот од интермундиите. Како водоскок пргава грива, едвај собрана во еден рог. На рогот ќе трубат оти доаѓа последната битка. Коњот нема кој да го јавне. Влече позлатена двоколка на која скаменет лежи неговиот господар. Патува помирен со неизвесноста не очекувајќи ништо за возврат, та дури и клетва пратена од илјадниците пресечени глави – трофеите на неговиот заслепувачки сјаен меч, тежок, снажен, изабен... атрибути кои го издигнуваат збогувањето со царот до височините на епот. Знам како умре. Од палатата на ридот го виде облакот од црвен прав што го креваа ослепените воини по патот крепејќи се на секој стоти. Во траор му потона душата, напуштен од боговите, ко замрачено сонце паднат на колена, блуеше гнев низ солзи толку солени и толку врели што и ден денешен рибите во блиската вода ги носат дамките ко жиг останати, неми сведоци на една човечка судба.“
Ако не беа присутни роднините никој немаше да верува во визиите што ги имаше младиот лекар. Пени знаеше дека му предизвикал кармички регрес, сведоштво на дел од космичката историја. Запиша за и ние да бидеме сведоци дека кралот Ил ќе биде вечна светлост. Само светлина, Само Ил.
Набргу била свикана комисија со цел да ја објасни, разреши оваа медицинска загатка и психолошки феномен. Како во реалноста така и во овие запишани сцени комисијата била составена од најпопуларните и естетски зрели научници во градот кои го повикале и Пени за да извршат „претрес“ на случајот. Тој уште на почетокот им се обратил:
-Одговорни колеги, ние присутните овде, се надевам до последен, сме свесни за овој немилосрден метафизички ужас во кој се наоѓаме и егзистираме. Кај некои од нас божјата есенција е повеќе прониклива. За среќа, кај мене е така. Озборувајте ме колку сакате, но јас пред само сто години би бил сметан за маѓепсник или чудотворец. Ќе се рушат едни, а ќе воскреснуваат други царства чии водачи би ме имале до нивниот престол. Тоа што го доживеа момчето е исклучително редок момент. Еве, професоре Милер, вие сте физичар. Молам, објаснете го моментот на регресивен транс при ланец на случки.
-Зарем вие говорите за патување низ времето? Ве молам не одвлекувајте го вниманието со вашиот ексцентризам. Тука експертски сме собрани за да утврдиме симптом...
-Господа, колеги. Напразно ќе изнесувате теории и ќе си ги мерите егата. Вашите схоластички методи не ќе се доближат до овој проблем. Младиот лекар виде. Тој прогледа со внатрешното око, а за вас тоа е само нефункционална жлезда во форма на шишарка.“
Некаде помеѓу репликите, во салата влетала сестрата на Пени која едвај била препознатлива поради разводнетите очи и лутината на лицето. Не можејќи да разбере како нејзиниот брат се мајтапи со состојбата на нејзиниот сопруг, таа пред присутните ветила дека се откажува од фамилијарната поврзаност со брата си. Веројатно ова е клучниот настан поради кој остатокот од животот си го одживеа поприлично осамен. Иако избегнуван од другите, јас совршено се поистоветував со неговите идеи. За да биде појасно, треба да ја објаснам и мојата улога во животот на Пени. Работам во биро каде што писатели, поети, сликари и слични уметници можат да остават дел од своите белешки, работни листови, дневници, чкртки... со надеж дека еден ден, многу години по смртта, кога како вистински великани славата ќе ја доживеат постхумно, нивните ливчиња ќе бидат изложени како ретки музејски експонати во „Халата на големите“. Нашето пријателство започна кога едно снежно утро на излогот се појави Пени сиот побелен од снежен навев. Ја подари седумдесет и втората страница од неговиот дневник. Не сакаше да објасни зошто не го остава во завештание сиот свој интимус, едноставно одговори дека морал да се ослободи од содржината на таа страничка. Додека тој се цедеше по штиците од подот, јас трпеливо, како што е редот, го сместив подарениот материјал во нов картонски коверт. Го заведов под инвентарен број и го сместив на полицата со документи од прв формат. Веројатно изгледав доста внесено во она што е дневна рутина, а Пени го ценеше ентузијазмот со кој ги работев моите професионални задачи. Оттогаш честопати ме повикуваше во неговиот кабинет во Академијата каде му помагав во класификацијата на библиотечниот фонд. Во една прилика беше навратил стар негов пријател по род, Виктор Николаевич. Тој беше сликар. Пиејќи го пладневниот чај удобно залегнати во фотелјите започнаа тврда дискусија околу сликарската критика во „Пруска газета“. Набргу тензијата се разлеваше низ просторијата удирајќи во разнишаните џамови, потоа се искачуваше до високиот плафон за повторно да се одбие назад во моите раздразливи уши.
- Кога ќе помислам на твојата уметничка кариера, единствена асоцијација ми се градите на г-ѓа Сузана кои постојано ги црташ кога е таа излезена на терасата.
- Зарем од тебе треба да очекувам искрена критика, да се однесуваш во манир и да имаш критериум Пени? Па ти за роденденот на мојата сакана сопруга ѝ рече: „Еве Ви подарок“ и толку вешто се сви во половината што за прв пат сликовито го препознав крстот помеѓу задникот и грбот кој цело време беше изговаран од баба ми во знак на болка.“
- Ха, а јас се прашував што ли е поводот за оваа твоја ненајавена посета. Ти си дошол да ме прекоруваш.
Да, точно е. Воедно и те замолувам да не ме отпоздравуваш повеќе на улица, бидејќи се срамам да имам пријател кој е сметан за чудак во овој град.
Гостинот демонстративно ја напушти просторијата, но ја заборави својата крзнена шапка. Кога Пени ја здогледа почна да ја гази под нозете и му ја фрли од прозорецот на вториот кат со зборовите:
- Виктор Николаевич, ти ќе бидеш ништо и никој сè додека јас, Пени, гласот на универзумот, не те застрелам. Само ако те погодам некој ќе се заинтересира за тоа што си го сликал!
* * *
Чуден е сплетот на емоции, луцидност, нетрпеливост, мизантропија, потреба од близина и човечки допир кај мојот лик во оваа сказна, но зарем не се тоа нишките кои го држат светот? Зарем постојано не се судираме во спротивностите и се тешиме дека тоа е вечната борба и потиснувајќи го во себе прашањето „зошто борбата ни создава незадоволство“, се прелеваме од ден во ден со секое зајдисонце и утро, со неочекуваната нова бора на лицето кое е израз на конечно модерен, современ, практичен и ослободен од верба живот кон кој не стремеа вашите лидери? Можеби раскажав премалку случки за доволно да го објаснам Пени, но не ми е воопшто грижа. Јас ќе останам со него во овој расказ, во едно друго време, со едни други идеали, а вие слободно може да ја завртите страницата...
Доколку сте сè уште тука повелете, прочитајте ги речениците од седумдесет и втората страница од дневникот на Пени. Дали содржината е автобиографска или е само дел од неговите романи не знам, но за мене беше доволно инспиративна да се распрашам околу животот на овој човек и да поминам неколку попладниња во неговиот кабинет.
„Точно десет дена откако ја добив поканата. Зошто покана? Ако веќе се запраша ова, тогаш јас ќе те прашам од каде знаеше дека е во шише? Молам? Дијалогов те потсетува на клише? Тогаш подобро да си ги оттргнеш предрасудите, бидејќи на светов има толку многу мистерии што дури и премалку пусти острови се во понудата на океаните каде што би можело да ги собере сите тие сценарија. Се разбира! Има сенки, страст, безумие, најчесто е сончево и девојките изгледаат добро. А зошто и ти не си се нашол на едно такво место е прашањето што исто така си го постави Бардојас пред точно десет дена.
Иако ветив многу сонце, сепак ќе започнам со ноќ. Тивка, но со блага тензија како резултат на месечевата светлина која продираше низ расечените облаци. Ехо од трескотот на флекници по подот од тунелот помеѓу зградите 24 и 26 на улица Де Бонапарт во Кенигсберг. Сиот свој карактер го изградив врз два постулати. Го признавам само моралниот закон во себе и единствено нешто што постои е ѕвезденото небо над мене. И тоа не е случајно. Моето родно место е градот којшто Имануел Кант никогаш не го напуштил во својот живот. Вибрациите од неговиот ум сè уште извираат од камбанаријата, навлезени се меѓу калдрмата и се одбиваат од тристалетните дабови стебла насекаде низ градот. Сè тоа во името на вечна инспирација за романсиерите со пруска крв. За нив беше Калининград а за мене Калин град. Мојата Калина живее во Кенигсберг...“
* * *
Имавте доволно редови за читање од Пени во овој кус концепт. Доволно за да го доживеете неговиот стил на изразување. Читаш збор, а гледаш слика. Тој ме научи кога слушам самовилски хор, да знам дека не е тоа сон.
Слики: Даниел Аршам