Телеграмата со која почнала Првата светска војна

28.07.2014 14:59
Телеграмата со која почнала Првата светска војна

Телеграмата со која Австроунгарија ѝ објавила војна на Србија, со што е започната Првата светска војна, е испратена од Виена на 28 јули 1914 во 11:10 часот, а стигнала во Ниш во 12:30.

Телеграмата стигнала во воената престолина на Србија пред точно сто години, еден месец по атентатот во Сараево, во кој се убиени престолонаследникот, надвојводата Франц Фердинанд и неговата сопруга.

Објавата на војната е упатена до Србија во претпладневните часови, преку обична телеграфска пошта, а телеграмата содржела три реченици. Во првата стоело дека Владата на Србија „не одговорила на задоволителен начин“ на нотата од Виена, доставена на 23 јули, односно на ултиматумот. Потоа следи ставот дека оттука Австроунгарија е „принудена да се потпре на силата на оружјето“.

А третата, последна реченица гласела: „Австроунгарија смета дека од овој момент се наоѓа во војна со Србија“.

Телеграмите се изложени и во Виена и во Белград, а српските историчари неодамна ја отстранија дилемата и открија дека тогашниот претседател на Министерскиот совет Никола Пашиќ ја примил телеграмата во нишкиот хотел „Европа“, а не во „Ориент“, како што се мислеше порано.

Како што пренесуваат „Јужни вести“, врз основа на изјава на Сиба Миличиќ и Иван Ѓерасимовиќ од 1934 година е установено дека документот стигнал во хотел „Европа“, некогаш на местото на денешната зграда на Поштата, или поточно, спроти некогашниот хотел „Хиш“.

„Во забелешката се вели дека телеграмата стигнала на 28 јули 1914 година и дека ја примил писарот Момчило Ѓурашковиќ. До сега беше малку познато дека на текстот на ултиматумот Никола Пашиќ одговорил со зборовите 'Тоа и го очекувавме'. Многу често може да се види дека историските податоци наведуваат дека Пашиќ ја примил телеграмата во 'Ориент', но овој документ докажува дека тоа всушност било во „Европа“, вели историчарот Бобан Јанковиќ, архивист во оваа државна установа за „Јужни вести“.

Освен телеграмата за објава на војната, во Домот на Народното собрание во рамки на изложбата „Јули 1914 - во документи“ се изложени и изјавата на британскиот министер за надворешни работи дека српскиот одговор на австроунгарскиот ултиматум е основа за мирно решавање на спорот, вонредното издание на Новости од тоа време, како и стенографските белешки од вонредното заседание на Народното собрание во Ниш од 27-31 јули 1914 година.

Во витрините на изложбата има и писмо од регентот Александар Караѓорѓевиќ до рускиот цар Николај II во кое го известува дека Австроунгарија предала ултиматумм со барања кои се понижувачки за Србија како независна дражва и одговор на рускиот цар дека Русија нема да остане рамнодушна за судбината на Србија.

Тука се и известувањата за прекинот на дипломатските односи на Австроунгарија со Србија, прогласот на регентот Александар Караѓорѓевиќ и српската влада по повод објавата на војната од Австроунгарија на Србија.

Телеграмата за објава на војната:

До Кралското министерство за надворешни работи во Ниш

Кралската Влада на Србија не одговори на задоволителен начин на нотата датирана на 23 јули 1914 година, која ѝ ја предаде австроунгарскиот амбасадор во Белград, поради што Царската и Кралската Влада смета дека е принудена да се потпре на силата на оружјето заради зачувување на своите права и интереси. Од овој момент сметаме дека Австроунгарија е во војна со Србија.

Министер за надворешни работи на Австроунгарија, гроф Бертолд

Извор: B92

ОкоБоли главаВицФото