Сара Бахаи: првата жена која вози такси во Авганистан

29.07.2014 10:25
Сара Бахаи: првата жена која вози такси во Авганистан

40-годишната Сара Бахаи пораснала во свет во кој жените немале лична слобода да одат во училиште, да работат, да имаат кариера. Но, по падот на талибанскиот режим, почнала да вози такси во Мазар-и-Шариф, четвртиот по големина град во Авганистан.

Првата возачка на такси е вистински јунак во очите на другите жени во градот, но предизвикува згрозување кај повеќето кажи.

Сара отсекогаш верувала дека може да живее независен живот. Штом добила можност, завршила професионален курс по возење, добила возачка дозвола и си купила автомобил. Сега заработува пет фунти дневно возејќи ги своите сограѓани.

„Кога жена ќе влезе во мојот автомобил и ќе ми се насмевне, знам дека е горда на мене. Мислам дека им е мило што барем една жена живее самостоен живот. Во моето такси можат слободно да разговараат. Се чувствуваат убаво додека зборуваат за своето семејство, мажите, додека се шегуваме.“

Но, возењето на Сара не го прифаќаат сите. „Моите машки муштерии никогаш не се задоволни од мене. Веруваат дека тоа што жена вози такси е сосема неисламски, имаат многу примитивно однесување. Ме обвинуваат дека сум лош пример за жените и лоши зборови доаѓаат од нивните усти. Но, не паѓам во депресија. Им кажувам што мислам. Жена која вози автомобил нема врска со религијата и нивните мислења се смешни.“

Сара има мрачни спомени од детството. Се сеќава на солзите и тагата од воените години и прогонството, а татко ѝ загинал пред 36 години. Растењето за Сара било полесно додека се облекувала како момче и изгледала „мангупски“, бидејќи е тешко да се биде жена во талибанска земја.

„Како девојче бев вистински мангуп. Носев машка облека. Никој не можеше да погоди дека сум девојче. Но, родителите ме поддржуваа како личност и ми дадоа слобода да го живеам животот како што сакам. И во многу конзервативниот Авганистан бев среќна што имам родители како моите.“

Сара не се интересирала премногу за играње со кукли и често си играла со малите автомобилчиња на брат ѝ. Кога пораснала и првпат седнала зад воланот, се чувствувала како да лета. „Кога првпат возев автомобил, имав чувство како некој да ми дал крила. Не можам да ви го опишам тоа чувство. Беше многу убаво. Тоа беше автомобилот на нашот сосед и возев само неколку милји низ нашиот кварт, но и тоа беше доволно. Се навлеков. Потоа одлучив да си купам сопствен автомобил.“

Во 2002 година Сара добила дозвола за работа и почнала да ја вози својата Тојота Корола DX. Потоа одлучила да заработува повеќе пари за своето семејство и започнала да работи полно работно време.

„Кога првпат ме видоа како возам такси ми се смееја. Но, тоа не ме одврати. Бев уверена во својата одлука. Сакав да му покажам на светот дека на жените во Авганистан не им е важно само да се омажат и да имаат деца. Ние можеме да работиме, да се грижиме за себе и да бидеме независни.“

За време на владеењето на талибанците, помеѓу 1996 и 2001, наметната е строга верзија на исламските закони и забрана за сите авганистански жени да работат и да се школуваат, како и обврска за задолжително носење бурка надвор од домот. Додека повеќето жени во Авганистан се мажат на возраст од 22 години, Сара одлучила да го посвети својот живот на грижата за 60-годишната мајка и да ѝ помогне на својата сестра која е самохрана мајка со седум деца.

„Неколку мажи ме побараа за жена, ама не прифатив. Не жалам поради тоа. По смртта на татко ми, немаше кој да нè прехрани или да заработува пари, па јас ја презедов таа улога“.

Сара има шест сестри и седум браќа. Таа е единствената која не е во брак. Но, Сара имала можност да види дека нејзините сестри имаат прилично несреќен брак, толку несреќен, што Сара посвоила два сина од својата сестра кои денес имаат 12 и 18 години и се школувааат.

Таа денес е позната во Мазар-и-Шариф и станала омилен превозник за жените кои патуваат. Најчесто, Сара не плаќа механичар за поправка на автомобилот, туку самата го одржува.

Оваа храбра жена признава дека имала среќа што никогаш не се соочила со закани од страна на талибанците, но знае дека многу жени сè уште се преплашени за да направат барем еден чекор надвор од својот дом.

„Подобрувањето доаѓа чекор по чекор. Иако авганистанските жени сега можат да одат на училиште и можат да работат, сèуште постои голем процент од жените кои не се свесни за своите права. Има уште многу работа за да се подобри животот на авганистанските жени и сакам да направам сè што можам за тоа да се промени.“

Извор: www.nydailynews.com