Секуларните корени на македонската република

31.07.2014 08:05
Секуларните корени на македонската република

Македонската револуционерна традиција е втемелена на евро-атлантските републикански идеали. Конечно, по повеќе генерации револуционерна борба, на трите заседанија на Антифашистичкото Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ) беше востановена Република. Ова е многу значаен факт, зашто, по петвековно феудално ропство, народот во Македонија својата држава ја создаде по победата над фашизмот, се разбира, на прогресивната страна на историјата.

Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од 2 август 1944 година започнува со следните зборови: „Сите граѓани на федерална македонска држава се еднакви и равноправни пред законите, не гледајќи (на) нивната народност, пол, раса и вероисповеданије“ и понатаму – „На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповеданието и слободата на савеста“. Од овој документ, кој е основа на македонската државност, се гледа дека секуларноста е една од темелните вредности на Републиката.

Последните години се гледа пораст на реакционерните сили по сите меридијани. Како да се случува глобална „конзервативна револуција“ што се обидува да ги превреднува епохалните достигнувања. Постапно, но систематски се намалуваат социјалните права, а посебно работничките! Се напаѓаат и малцинските групи како жените, ЛГБТ заедницата и останатите ранливи групи.

Религијата како да игра посебна улога во овој неоконзервативен бран. Неолибералната елита, во континуитет ја користи религијата како платформа за мобилизирање на масите. Ова истовремено може да изроди и конфликт кој не е само меѓу припадниците на различните вероисповеди. А, тоа е природно кога религијата како да ја наметнуваат за политичка сила во обид за легитимизација на конкордат!

Како што нè учи историјата, секуларизмот е директна последица од крвавите религиозни конфликти во периодот по Реформацијата и Контрареформацијата. Се покажа дека тоа е ефективна превентива од можните верски конфликти. Мислителите на Просветителството уште тогаш увиделе дека слободата на вероисповед и верската толеранција се основи, ама и гаранција за цивилизирано општество. Поуката е едноставна: религијата не треба да се меша во државните работи и обратно. Или, во основата на републиканските идеали на Просветителството е секуларизмот, наспроти теократските монархии!

Конзервативната реторика наметнува страв од секуларизмот, инсинуирајќи дека секуларните општества наводно се без компас и непријателски кон религијата и традиционалните вредности. Ова воопшто не е точно! Државата може да има секуларно уредување, а општеството да биде и доминантно религиозно. Таков пример се Соединетите Американски Држави. Таму мнозинството од населението е религиозно, но државните институции се строго одделени од религијата, како сфера на приватното.

Државата таму не се користи за присилна атеизација, како што беше во периодот на реалниот и самоуправниот социјализам. Под влијание на схоластичката интерпретација на Маркс, некои самонаречени социјалистички режими беа непријателски настроени кон религијата. Иако ова не беше целосно применето во СФР Југославија. Напротив! – СКМ беше единствената комунистичка партија што создаде црква – МПЦ. Сепак, десничарската популистичка реторика во јавниот дискурс се повикува на „комунизмот“ како плашило за да го дискредитира секуларистичкиот концепт. Сака да наметне, ако не теократија, тогаш, опасно привилегирање на поедини верски заедници. Ова е ризик за потенцијална поделба и нов конфликт, зaтоа што Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална заедница.

Смислата на секуларната држава е во отворањето на јавниот простор за споделување на заедничките вредности. Затоа, местото на религијата е во доменот на приватноста. Државата не смее да ги наметнува секуларните вредности во општеството. Преку државното немешање во религиозните прашања и самите верски заедници се меѓусебно заштитени. Така, во Соединетите Американски Држави, како реакција на изградбата на статуа на Десетте заповеди на државно земјиште во Оклахома, верската заедница „Сатанистички храм“ од Њујорк побара изградба и на статуа на Сатаната на истото државно земјиште. Иако е шокантно во една доминантно христијанска заедница да се бара поставување на статуа на Сатаната, сепак, сите верски заедници се еднакви пред законот. Ако има место за една, треба да има место за сите. Или, кажано со секуларен јазик: на јавен простор не треба да се поставуваат верски обележја.

Свештените лица и останатите религиозни граѓани ја имаат слободата на говорот за да си ги искажат ставовите околу одредени прашања. Но, секуларизмот инсистира во дискусиите околу јавните политики, за религиозните аргументи да не бидат пресудни. Верниците имаат слобода да ја исповедаат својата религија, да градат светилишта на приватно земјиште со приватни средства и да си црпат инспирација од сопствената религија. Но, на јавниот простор треба да говорат на јазик, разбирлив за сите. Секуларизмот се противи на привилегијата за која било група во општеството. Во јавниот простор, законите се еднакви за сите. Не смее да се дозволи привилегирање на една група врз основа на нејзината религија, не смее да се дозволи поставување на религиозни симболи во државни институции, ниту пак да се дозволи носење на верски симболи од страна на јавните службеници. Во јавните училишта децата не треба да се делат по верска основа. Но, заради воспитување на граѓаните, способни да носат информирани одлуки во едно демократско општество, неопходно е запознавањето со религиите. Јавното образование треба да обезбеди компаративно изучување на религиите, за учениците да се запознаат со сите аспекти на светските религии.

Глобално постои експанзија на верски екстремизам, од блискоисточните „Муслимански браќа“ и радикалната „Исламска држава Ирак и Сирија“, сè до американското конзервативно популистичко движење „Чајанка“. Стравот од верскиот екстремизам на „другиот“ се користи за подгревање на емоциите и поттикнување на верскиот екстремизам, како одговор на „нивниот“ екстремизам. Оваа тенденција би можела да запре само преку доследно спроведување на уставно пропишаните секуларни начела во општеството и целосна слобода на вероисповед, но и слобода од вероисповед за сите. Македонија ја има среќата во нејзините корени да ја има републиканската идеја.

Затоа е неопходно силно афирмирање на начелата на АСНОМ и достојно држење на прогресивната страна на историјата!

Извор: ssr.kauza.mk
Постери: Кома