Писмо до премиерот на Израел

01.08.2014 10:27
Писмо до премиерот на Израел

Почитуван господине Нетанјаху,

Би ви поставил неколку прашања - како Германец кој е свесен какво непростливо зло на вашиот народ му нанесе генерацијата на моите родители, кој го поддржува правото на постоење на Израел и кој се гнаси од антисемитизмот како и од секој облик на расизам.

Дали некогаш сте се обиделе да замислите што би било ако сте родени во Газа? Во тој случај не би можеле да студирате на најдобрите школи и универзитети во САД, туку веројатно на скромните школи и универзитети во Газа и западен Јордан. Вашите внуци би имале многу мали шанси да го избегнат страдањето во Газа. Во последните шест години би доживеале две страшни војни и би изгубиле многу школски другари поради израелските бомби.

Дали би биле политичар во Газа? Тогаш заедно со 23 палестински пратеници би седеле во израелските затвори. Во затворот Офер во Рамала или во затворот Хадарим на северот на Израел. Политиката е прилично опасно занимање ако сте Палестинец. Поради израелската блокада би можеле да извезувате само 3% од вашите производи. Економијата на Газа колабираше. Морате да ги отпуштите сите работници и сега сте сам и невработен, како и половина од работоспособното население во Газа. Зависите од Обединетите Нации. 80 отсто од жителите на Газа секои три месеци добиваат помош во храна од ОН, како некогаш граѓаните на Ирак под западните санкции. Едно осумчлено семејство, за да преживее, од ОН секои три месеци добива: 130 килограми брашно, 4,7, литри масло, 5 килограми шеќер, 1,5 килограми млеко во прав и малку конзервирана храна. За осум лица!

Бидејќи не можете да го издржувате семејството од неколкуте цветови кои ги продавате, одлучувате да му се придружите на вашиот брат кој се занимава со риболов. Меѓутоа, ниту нему не му оди баш најдобро. Израел им забрани на палестинските рибари да ловат надвор од зоната од 3 морски милји од брегот, што е спротивно на меѓународното право. Со тоа рибарите од Газа се ускратени за 85% од уловот. Доколку ја преминете оваа граница, на вас ќе пука израелската крајбрежна стража. Пријател на вашиот брат се осмелил на тој чекор. Повеќе не се вратил. Како десетици други палестински рибари во последните пет години.

Животот во Газа и онака е тежок. Особено кога Израел ја исклучува струјата и ги бомбардира трафостаниците во Газа. Како вчера. Тогаш престанува и снабдувањето со вода, бидејќи палестинските пумпи работат на струја. Газа моментално е без струја и вода. Водата за пиење е загадена, водоснабдувањето во хаос. Неопходни лекови за вашето семејство веќе одамна нема. Последиците за вашето семејство би биле застрашувачки. Како и за другите палестински семејства.

Како човек кој ја сака својата слобода, би ви било многу тешко ако својата мала татковина морате да ја напуштите преку единствениот граничен премин Ерез кон Израел или само во итните медицински случаи на граничниот премин Рафа во Египет - под услов воопшто да се отворени, што во последните години беше редок случај. Во Рафа со часови стоев пред затворени врати. Би живееле во најголемиот затвор под отворено небо. Блокирани на исток со милитаризирани премини, бодликава жица и бетонски ѕидови, на запад од морето и израелската крајбрежна стража. Единствена можност барем некогаш да ги видите старите пријатели во Египет е како крт да се моткате по тунелите кон Рафа. А тоа и не е толку евтино. За толку горд човек како што сте вие тоа би било понижувачки, но што сè не сме спремни да направиме за сопствената слобода? Меѓутоа, новата египетска влада го затвори и овој последен излез кон слободата. Патем, за тоа не ѝ требаше копнена офанзива. Многу тунели се просто поплавени.

Деновиве останува само погледот на широкото море, сè уште магично, ако ги заборавите израелските воени бродови на хоризонтот. Останува и сонот за слободата. За мирот, на кој палестинските семејства се сеќаваат само од народните преданија. Само мислите се слободни. Во нив и во соништата можете да го искусите она што ви го ускратува израелската влада.

Што би мислеле како граѓанин на Газа за израелскиот преиер Нетанјаху, кој е одговорен за голем дел од палестинското страдање? Дали деновиве би го поддржувале умерениот Фатах, кој со децении се обидува со преговори да ја поправи положбата на Палестинците? Или радикалниот и строго конзервативен Хамас, кој со своите рачно изработени ракети на дилетантски и неприфатлив начин се обидува да оствари некои палестински права. Или како и на повеќето Палестинци политиката би ви се згадила, бидјеќи актуелниот израелски премиер, кој сосема случајно е ваш имењак, никогаш нема да дозволи Палестинците да изградат одржлива и рамноправна палестинска држава? А веројатно тоа нема да го направи ни следниот премиер. Се плашам дека би го поддржале најтврдокорното од таканаречените политички движења - „исламистичкиот џихад“. Зашто, кој е потврдокорен од вас? Но, кој знае?

Замислете дека пред два дена бомбите на израелскиот F16 ја срамниле вашата куќа со земја. Бројни членови на вашето семејство се убиени или повредени, а целиот имот е уништен. Преживеало повреденото дете кое е префрлено во болницата Шифа во Газа. Тоа е вашата внука Марија. Марија, покрај чијшто болнички кревет стоев пред два дена, доби тешки повреди при бомбардирањето на нејзината куќа. Шрапнелот сè уште е во нејзината глава. Занеме од шок. Никој во Газа не може да ја оперира. На болниците им недостасува сè. Израелскиот премиер, вашиот имењак, не го интересираат палестинските болници. Тој не се занимава со децата во Газа.

Како би реагирале кога на вести би слушнале дека Израел сега сака да ја бомбардира болницата Шифа, во која лежи вашата тешко повредена внука, бидејќи во неа наводно се наоѓа центар на Хамас? Мислевме дека Израел веќе го елиминирал Хамас. Израелските авиони наводно ги уништија сите куќи на Хамас, како и бројни куќи на обичните граѓани. Тоа беше образложението за повеќенеделното убиствено бомбардирање.

Како бомбардиран граѓанин на Газа, што би мислеле за овој израелски премиер кој постојано зборува за ракетите на Хамас и „исламистичкиот џихад“, а кои за две недели од судирот убиле двајца израелски цивили и ранија десет? Што, секако, е страшно. Убиство е убиство, кој и да го извршил. Но израелскиот премиер ја гледа ситуацијата поинаку. Тој е сосема рамнодушен кон 600 убиени и 400 ранети Палестинци. Рамнодушен е и кон четирите палестински деца кои израелските воени бродови ги убија додека играа фудбал на плажа или деветтемина млади, убиени од израелска ракета додека во едно од кафулињата на плажа го гледаа полуфиналето од Светското првенство во фудбал. Не му пречи ни бомбардирањето на домовите за лица со инвалидитет, болниците, амбулантите и училиштата. Овој премиер сè уште не заплакал за ниту едно убиено палестинско дете. Наместо тоа, неговиот амбасадор во САД надмено изјавува дека израелската војска „поради несекојдневната воздржаност“ заслужува Нобелова награда за мир. Неговата влада извршува воено злосторство, а тој бара Нобелова награда за мир. „Неверојатно“, би помислиле.

Почитуван господине Нетанјаху, да сте Палестинец од Газа, што би мислеле за политиката на израелскиот премиер? За политичарот кон чијшто народ со векови се однесувале варварски во Европа. Секогаш како кон граѓанин од втор ред. Како е тогаш можно политичар со толку трагична историја на својот народ да ги третира жителите на Газа како граѓани од трет ред? Се сеќавате ли дека таткото на израелската држава на Теодор Херцл вети држава на толеранција? И напиша: „На оние од друга вера и друга нација кои живеат меѓу нас ќе им гарантираме достоинство и рамноправност.“ Каде во Палестина постои достоинство и рамноправност за Палестинците?

Почитуван господине Нетанјаху, замислете дека сте роден во Газа. Само за миг. Можеби тогаш би сфатиле дека во Газа и западен Јордан живеат луѓе кои сонуваат исти соништа како и граѓаните на Израел. Господине Нетанјаху, со само малку човечност и космополитизам, би можеле да станете државник како Јицак Рабин. Зарем тоа не е во интерес на вашата земја? Израел нема да може да преживее во светот на непријатели, туку само опкружен со пријатели. Замислете барем за миг дека не сте родени во Тел Авив, туку во Газа.

Ваш Јирген Тоденхефер.

Извор: Фејсбук профилот на авторот, 24.07.2014.