Републиката умре

02.08.2014 08:57
Републиката умре

Републиката умре, да живеат бригадите! Најжестокиот бранител на Француската Република ги повика масите народ да се разбудат од сонот за Републиката и да се борат против неа за да ја воспостават одново. Робеспјер знаеше дека дури и после револуцијата, Републиката ќе биде загрозена од корумпирани политичари и дека принципите на Liberté, égalité, fraternité можат да бидат одбранети само со непрекинато вклучување на народните маси во Републиката. Кога Републиката ќе умре, тогаш над нејзиниот труп ќе прелетуваат мршојадци од организираната религија на небесното и од организираната мафија на капиталот. Кога приватизираа сè на земјата и кога народот се врти кон небото, Републиката останува заглавена ни на небо, ни на земја. Нејзиното тело е веќе распарчено, а нејзиниот дух демнее над градовите, населбите, училиштата и болниците, сведочејќи како нејзините сираци-граѓани си ги нудат душите на лешинарите.

Социјалната република умре, да живее социјалната помош! Викаат дека државата никогаш не давала повеќе социјална помош од колку што дава денес. Па нормално, затоа што секој ден има нови социјални случаи, на кои државата ќе им дава помош, па ќе се фали. Државата повеќе сака да ги гледа своите граѓани како сиромашни на кои ќе им помага отколку како достоинствени граѓани кои самите можат да се снајдат доста добро. Сето тоа ќе беше наредено и во ред, ако државата не ја уништеше социјалната Република со кражбата која ја нарекоа приватизација. Граѓаните немаше да имаат потреба од социјална помош ако државата не дозволи нивниот труд да се плаќа по најниска минимална плата во Европа и Азија. Во социјална Република сите имаат еднакви, слободни и солидарни можности за достоинствен и среќен живот. Кога некој профитира криминално од трудот на работниците кои ги заплашува со невработените, тој гризе по социјалниот принцип на Републиката.

Секуларната Република умре, да живее религиозната толеранција! Кога академската година на државен универзитет ќе започне со молитва во црква, кога етничките лидери на државава седнуваат да локаат заедно само за Рамазан, секуларноста станува опасност од „расипништво“. Кога телото на Републиката го прободеа насекаде со религиски значки, секуларноста останува да се негува по домашни ѕидови. Место да се молат на бог да им ја спаси душата од мртвото тело на Републиката, тие по џамии и цркви договараат политики. Потоа и граѓаните почнуваат да се китат со религиски значки за по улица, а кога ќе влезат дома ги оставаат настрана. Домот навистина остана редок секуларен простор, кој несакајќи опстојува како таков. Нема потреба да се докажува нешто по дома, сите сме наши. Сè друго е веќе означено. А влезеш во такси, мислиш си влегол во црква со турбо фолк музика, а кога ќе влезеш во слаткарница мислиш е Бајрам во џамија. Од целата таа пракса на означување територии која граѓаните ја повнатрешнија како политичко дејствие, улиците станаа борбени терени на тепачки, хулигани, пцовки, омраза, омаловажување. Кога државата ќе ја убие секуларната Република, религиозната толеранција станува императив за да се спаси минимална нормалност во државава.

Републиката умре, Јас сум Република! Вредностите на социјалната и секуларната Република можеме да ги спасиме само ако ја прогласиме Републиката мртва. Од една страна имаме само држава, а од друга страна имаме граѓани-народни маси. Народот не е збир на сите граѓани, народот уште од Античка Грција е оној дел од населението кој се крева и се буни и кој во тој момент зборува во име на сите. Кога членовите на демосот (оние кои немаа јасно дефинирана позиција во хиерархискиот општествен поредок), не само што протестираа за штетата која тие ја претрпуваа од страна на владејачката олигархија и аристократија, туку тие се претставуваа себеси како претставници на целото општество, ние сме народот, ние сме СИТЕ против другите кои се залагаат за нивните поединечни привилегирани интереси. Токму така, во однос на државата која ја умртви социјалната и секуларна Република, ние сме СИТЕ и ние сме Републиката. Републиката е со нас, Републиката е на наша страна. За да живее Републиката, ние мораме самите неа да ја живееме насекаде, да се бориме насекаде за социјална правда и секуларен јавен простор. И токму затоа нашата жива традиција продолжува. Таа традиција не може да се врами во Уставот, и не може да се укине со законите на која било власт. Ни со илјада закони и одлуки не можат да ги избришат од срцата сеќавањата за храбрите партизани.

А најдоброто сеќавање е секогаш во борба. Борба за себе, борба за Републиката. Ние сме сите, за сите.

Извор: ssr.kauza.mk
Постер: Кома