Крадци на идентитети

05.08.2014 12:32
Мирослав Грчев

Со арамиското преземање на идентитетот на потомци на античките Македонци, фашизоидната хунта на Груевски на измама му го замени на народот македонски неговиот модерен идентитет за украден и лажен, при што оваа замена е платена со загуба на најнеобновливиот ресурс на нацијата - достоинството. Оваа висока цена ја плаќаме поради фактот што идентитетот е секогаш повеќе од неговиот носител; тој секогаш е обликуван и од односите и перцепциите во околината. Затоа секој Македонец со минимум самопочит и способност за рационално мислење чувствува понижување бидејќи (без да биде прашан) станал припадник на нација која – поради инсистирањето на античко-македонската крв и проектот „Скопје 2014“ – целиот свет ја смета за попречена во менталниот развој.

Од друга страна, оваа замена на идентитети не ни се случила само нам, зашто желбата да се потекнува од „благородна лоза“ или некакава „супериорна“ раса, е израз на општочовечката мизерија на инфериорното его за кого лажната претстава за себе е најуспешна одбранбена и мотивирачка стратегија. Идентификацијата втемелена во заблудите за сопственото расно и благородничко потекло, како и крадците на идентитети, постојат од почетоците на времето па до денес. Општо место, но и историска иронија, е што таквата идентификација мотивирана од амбицијата да ѝ се припаѓа на „лигата на најдобрите“ ја имале и античките Македонци, односно нивните кралеви од лозата на Аргеадите. Имено, сите кралеви од оваа лоза, предците на Александар Велики, сакале себе да се сметаат за Хелени, а не за македонски варвари за какви што ги сметала Атина. Најстариот и најверодостојниот извор за ова е Херодот, кој во својата Историја (напишана 96 години пред Александар Велики да стапне на македонскиот престол) го дава „крунскиот доказ“ за оправданото инсистирање на Аргејците на нивното хеленско потекло: „А дека овие Пердикини потомци се навистина Хелени, како што тие и самите тврдат (...) доказ е што беа признаени од судиите на олимписките натпревари. Кога Александар (синот на Аминта) дошол во Олимпија сакајќи да се натпреварува во трчање, другите натпреварувачи Хелени не сакале да му дозволат да учествува, зашто на натпреварот можеле да земат учество само Хелените, а не и варварите. Александар тогаш (пред Судот на Грците) докажал дека е Аргеец и бил признаен за Хелен, и на натпреварот стасал меѓу првите на целта.“ (Историјата на Херодот, V, 22) Во веродостојноста на „доказите“ кои пред судот ги предочил првиот Александар, многумина се сомневале уште во тие времиња, па така Демонстен пенавел од бес кога го „коментирал“ хеленството на Филип II со зборовите дека тој „ниту е Хелен, ниту е далечен хеленски род, ниту е дури респектабилен варварин, туку е еден од оние проклети Македонци...“ Е, сега, ако се земе предвид дека генеалогијата на кралските династии немала никаква врска со етничкиот или родовскиот состав на народите со кои владееле, останува историски релевантна само нивната лична самоидентификација која за мотив ја имала хеленската супериорност. Така Александар Велики и неговите предци се идентификувале како Хелени зашто овие биле културно многу посупериорни, а во времињата по Александар Велики тој станал златен стандард за супериорност, па сите болно амбициозни слабаци на светот – вклучувајќи ги тука и нашите дунстери од ДПМНЕ – се буткаат под неговите плеќи, обидувајќи се да штрбнат од ненадминливата харизма.

Ако може да ни послужи за утеха (дека не сме единствените ништожници чијашто инфериорност произведува заблуди за сопственото потекло), практично сите наши балкански соседи болуваат од истиот вид ментална попреченост. Така на пример, Албанците, уште од крајот на 19 век, „одгледуваат“ митолошка етногенеза која нив ги поврзува директно со Пелазгите (кои новодно биле „вистинските“ основачи на сите подоцнежни европски цивилизации). Пелазгите, според оваа „научна“ приказна, да ти биле прото-албански народи во кои влегувале Илирите, Епиротите, Македонците, а веројатно и сите други народи на Балканот. Од оваа „јака“ етногенетска основа произлегува и заклучокот дека целата старогрчка и хеленистичка култура е „дериват“ од културата на Пелазгите односно старите Албанци, па сите истакнати личности од античката историја, на чело со „нашиот“ Александар Велики и неговиот учител Аристотел, биле без какво и да е сомневање чистокрвни Албанци.

Српската, пак, приказна почнува уште од порано, од „Нино Белов, син на богот Белобог, кој бил балкански и словенски цар, и живеел од 2058 до 2000 година п.н.е.“ Тој полубог, првиот српски цар, „во својот поход на Индија го основал Асирското (Вавилонското) царство и градот Нинива“. Оваа етноисториска романтика со мирис на темјан, потоа продолжува со следниот „цар балкански и словенски, Сербон (по кој веројатно Србите го добиле името?), којшто 1350. година п.н.е. повторно тргнал по патот на Нино Белов, носејќи го српскиот бел двоглав орел на воените банери, овојпат во походот на Индија“. Конечно, златното доба на српската античка космогонија завршува со „Александар III Македонски кој всушност бил Србин, а правото име му било Александар III Карановиќ“. Трогателно, нели?

Од примериве во соседството станува јасно дека процесот на кретенизација на народите во ерата на транзицискиот капитализам и цутењето на ултра-националистичките митологии не е ограничен само на Македонија. Меѓутоа, каква и да е утехата дека не сме најголемите кретени на светот и дека сме опкружени со слични на себе, кога ќе се споредат официјалните државни проекти во областа на културата и образованието, како и достигањата на неодминливиот проект „Скопје 2014“, сепак сме далеку, далеку на првото место во светот во поглед на институционалната глупост, самодеструкција и понижување. Зашто, поради недостигот на културна маса и инерција својствена за големите народи, исчезнувањето на нашата култура низ процесот на малоумно менување на идентитети и лажни митомански преродби е неминовно. Доколку не го фундираме нашиот идентитет врз рационалната вистина за тоа кои сме, ние сме осудени на исчезнување, зашто лажните идентитети се практично форма на непостоење.

Единствен спас во оваа непроѕирна темница во која (со крадење на идентитетот) нè воведе кретенизмот на ДПМНЕ, е новиот елемент во епските „преговори за името“, изговорен од канцеларката Меркел - дека со името ќе се преговара и за идентитетот. Тоа е првата добра вест после осум години пропаѓање! Да, да, не се згрозувајте, почитувани читатели, единствената шанса за отклон од вертикалата на нашето пропаѓање е да направиме револуционерен пресврт во преговорите за името и да го понудиме идентитетот во замена за поволна разрешница на преговорите. Тука, се разбира, мислам на украдениот идентитет на антички Македонци, за којшто треба да се исценкаме и да го дадеме комплет, сосе дополнителната опрема и резервните делови, и тоа по неговата „набавна цена“. Тоа е единствениот начин да го свртиме кормилото на нашата судбина кон подобра иднина, зашто само така од патот кон Европа ќе бидат отстранети и ДПМНЕ и градбите од „Скопје 2014“, првите како политички, а вторите како градежен шут.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат