Автор во сенка

06.08.2014 10:27
Автор во сенка

Како не и многумина други Тој живееше во северно ориентирана соба на најгорниот кат во хотел од крајот на градот до кој водеше правлив, неасфалтиран пат. Ако нешто му беше важно во животот, тоа беше неговото спокојство. Мир кој го чуваше настрана од врутокот на денешницата, настрана од амбициите, парите, интригите. Затскриен зад врвот на многулетниот бор го набљудуваше градот како се дави во архитектонското лудило поттикнато од потребите на крволочните туѓинци. Некои од нив во автомобили, а други со брз од облечени во костуми со кожни чанти во рацете и шапки спуштени до половина око. Сите од нив со различни задачи кои сами си ги задаваат со цел удобно да се дават во капиталот, а тоа им е дозволено цели две недели годишно. Се разбира, и за Божиќ. А навечер, кога сè беше тивко, тој со шолја чај и малку рум ја започнуваше својата работа. Врз машината за пишување даваше вешти одговори на прашањата кои му ги испраќаа разни сè уште неафирмирани писатели. Тие пак, врз основа на одговореното кроеја приказни со кои се перчеа на книжевните собири пиејќи пунч и вдишувајќи облаци од кубански чад. И сè беше така фино подредено во неговиот живот – го прескокнуваше појадокот, а ручаше во хотелското бифе околу пет, што воедно претставуваше и вечера. Потем, кружеше низ блискиот парк за да може вечерта под придушено светло мирно да одговара. Иако беше исклучително талентиран, тој немаше објавено ниту еден свој ред. Сè што пишуваше беше за непознати личности чии прашалници стигаа на рецепцијата по претходна објава кај утринскиот магазин „Ноти во мугрите“.

Измина уште еден нормален ден кој не излегуваше од вообичаениот распоред, но таа ноќ му се пристори дека слуша шум од соседната соба која секогаш е празна, па дури и кваката беше извадена. Како што имаше разбрано од послугата, внатрешноста на собата е изгорена од мало парче метеорски камен кој паднал пред неколку години, пробивајќи го кровот. Тоа што го чу преку ѕидот беше `рскот од распукани коцки мраз полиени со „Бренди“. Го залепи увото за тапетот и насети љубовни воздишки. Беше тоа пријатна атмосфера во која уживаше една двојка. Препозна жена во крцкањето на ноктите по дрвениот рам од креветот а, само дланка на маж може да плеска толку прецизно и воедно возвишено, екстатично. Дали љубов е причина за овој акт? - се запраша и конечно се инспирираше да напише нешто свое. Сакаше идното дело да го наслови како „Парите се на масата“, но се колебаше, бидејќи почувствува дека може да напише нешто посериозно, естетски поприфатливо, езотерично, поинакво од плоштадот. Само пуста надеж за да ја одржи инспирацијата...

Утрото, со отворањето на очите ги испи последните голтки рум за да си ја собере главата. Прво што забележа е дека му фали омилениот светло сив мантил а, второ, си ја допре раната здобиена на челото. Се помири со тоа што е повреден, но се прашуваше кој би можел да биде привлечен од тој старовремски мантил со двојни ревери. Згора на сè има и ремен на средината за да го истакне струкот. Часот беше еден попладне и не му преостана ништо друго освен да се упати во полициската станица за да пријави разбојништво. Таму беше примен од началникот Спиро кој внимателно го сослуша а потоа едвај дочека да му раскаже за друг случај од утрината. Попот Владолак бил очекуван во домот на фамилијата Перчинкови околу десет. Требал да испее и попрска со прочистена вода в очи празникот „Св. Ѓорѓија“ оти два дена пред и ден по празникот шета алата. Но, кога Андон Перчинков ја отворил вратата попот во рака ја носел само мантијата и црвениот околувратник. Некој му ја украл чантата. Кој ли краде од божји човек? А и што би крадел кога внатре има само крст? Додека го имаш со себе украденото распетие ќе те следи проклетство, а ако го продадеш за пари врз тебе ќе фрлат анатема, бидејќи крстот гледа лошо, има очи и чувствува.

-Она што ги поврзува овие два случаи господине, мислам на вашиот и оној на Перчинкови, е тоа што и тие како и вие имаат морско прасе во несреќата. Попот вели дека со отскок од најгорната скала в лице му рипнало такво суштество. Имам претчувство дека се работи за истиот субјект, затоа ве молам дозволете да ја погледнам раната што ви е на челото“. Погледна низ лупата и се увери дека тоа се всушност три паралелни гребаници од поситни, но доста остри канџи. „Токму како да ве нападнало морско прасе. Дозволете да ви го доверам мојот помлад колега кој ќе стражари пред вашиот дом.“

-Ама јас живеам во хотелска соба.
-Ах, па тогаш треба да се чувствувате уште посигурен. Мојот помлад колега Вили нема воопшто да го напушти хотелот трагајќи по кафе и слатки. Ќе ги добие преку рецепцијата.

Полицаецот заврши со објаснувањето фрлајќи си шумлива таблета во масната муцка, а потоа набрзина испи вода со толку полет што дури и му се прелеаја неколку капки во носната празнина, закашлувајќи го. Кога гушката престана да му тресе го погледна оштетениот и се разбесни демонстрирајќи авторитет:

-Зарем уште си тука? Марш, излегувај надвор.

Вистински добрите службеници на јавниот мир и немаат емоции - си се убедуваше Спиро Добрев одејќи кон зградата во која живеат Перчинкови. Сета гордост му беше излезена на образите и беше уверен дека е на прав пат да го фати тој ништожник. Внимателно погледнуваше по сите ќошиња на влезот, зад вратите, под чергите, ги отвораше сандачињата. На крајот, со пинцета земаше влакна од крзното на морското прасе, што ги откри на скалите. Веројатно рипнало од тука на поповото лице, совладувајќи го преподобниот. Утврди дека дошло од визбите што значи дека се движи исклучиво по земја, не и низ етерот.

Веќе во следниот час, Спиро вршеше вкрстено испрашување врз послугата на хотелот кај вториот случај, а потоа насамо разговараше со сопственикот. Чарли се обиде да одглуми, но на крајот мораше да признае дека ја користел опожарената соба минатата ноќ поради ретко укажаната можност да го мириса и бакнува белиот и кревок врат на госпоѓа Наталија, жената на градскиот татко.

-Признавам, началнику Спиро, бев во собата. Со и без свест, но додека не бев замижан никакво прасе не забележав.

За да го увери началникот во својата невиност му го понуди на опсервација парчето метеорит со дијаметар од десет сантиметри кое уредно го чуваше во заклучена фиока од своето биро.

-Десет сантиметри во дијаметар. Точно за задникот на тој стаор. Нема да прави зулуми во мојот град тоа мало напернато штетниче.

Нервозно чекореше низ дневната соба од својот дом началникот Спиро, а надвор веќе се беше спуштил мрак. Се обидуваше да ги склопи сите парчиња од мозаикот и да му влезе во трага на натрапникот. Срцето забрзано му биеше при секоја визуелизација на тоа диво пакосно морско прасе. Ја туткаше лименката пиво во својата лева рака кога однадвор слушна остро, продорно и заканувачко:

-„Цив“

Ја протна главата низ прозорецот и директно се вклешти со погледот во кружните, црни и влажни прасечки очи. Облечен во мантилот, стегнат во струкот и со поповата чанта, застанат меѓу калдрмата пред еден вир од вода и масло го повикуваше токму него, својот соперник – полицаец, на двобој. Додека началникот трчаше по скалите морското прасе ја спрашти. За среќа на Спиро, имаше долга опашка која доцнеше уште три секунди од зад аглите па немаше проблем да го следи. Го бркаше низ тесните улички наредени со канделабри, од кои, одвреме-навреме се занишуваше за да си го поправи залетот. На крајот влегоа во надолната улица која водеше директно до каналот и тука Спиро подзапре малку за да земе воздух оти знаеше дека прасето кое го знаат како морско, сепак не трпи вода. Значи, нема каде да бега. Откако се надиша, иако по гаќи, со чекор во индолентен манир се симна до каналот. А таму, што да види. Ѓорѓија блескав и моќен како што е даруван од Бога со едната нога потпрен на вратот од убиената ала и ѝ ја струга рептилската кожа. Кога забележа дека е набљудуван од Спиро, со сета своја става и мускулна раскош придружуван од прасето на рамо се упати кон началникот. Допирајќи му го челото со врвовите на палецот, малиот и домалиот прст испушти сноп златеста енергија и рече:

-За љубовта кон Бог, се откажав од сè. Од службата и богатството, од царските почести, од пријателите и од сиот свет. Увеличете ја љубовта на небото и земјата и ќе имате живот во вечното царство. Ти дарувам сила и моќ да помагаш на бедните, на оние во неволја и на сите кои го слават Бог и името мое.

Видно просветлен и внатрешно обогатен, Спиро се врати во својот стан и легна крај својата жена. Бидејќи се разденуваше тој не се обиде да заспие. Беше премногу возбуден за да може да одмори. Ја прегрна и само еднаш, кратко ги склопи капаците кога заблагодари на универзумот што на „засенчениот писател“ му ја овозможи оваа сказна што Тој ќе ја објави како прво свое дело.

Слики: Avery K. Singer

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото