Германски фудбалер сака да игра во Македонија бидејќи се занимава со фудбал од љубов

06.08.2014 14:09
Германски фудбалер сака да игра во Македонија бидејќи се занимава со фудбал од љубов

Дортмунд, 6 август 2014

Ханс Милер, 16-годишен фудбалер од младинскиот погон на Борусија Дортмунд, денес изјави дека му е голема желба да игра за некој македонски фудбалски клуб, бидејќи игра фудбал исклучиво од љубов.

Иако голем број европски клубови испратија понуди за овој фудбалер, тој ги одбил сите, бидејќи, како што вели, сака да игра само во Македонија затоа што нема амбиција да заработи пари играјќи фудбал.

„Отсекогаш играв фудбал само од љубов. Ми одеше многу добро, уживав, бев исполнет бидејќи го правев тоа што го сакам. Меѓутоа, почнаа да стигнуваат разни понуди, бројни менаџери ми зборуваа за милионите кои можам да ги заработам од договорите и сфатив дека во фудбалот повеќе нема емоции, што многу ме погоди“, раскажува Милер.

„Во еден момент дури размислував и да престанам да се занимавам со фудбал, бидејќи увидов дека сè се врти околу парите. Бев разочаран, на спортот никогаш не гледав како на професија. За среќа, дознав каква е ситуацијата во Македонија и сфатив дека тука треба да ја продолжам кариерата. Ова е средина за сите што не играат за пари туку од љубов кон спортот и клубовите. Македонските клубови се единствени во Европа кои го занемаруваат материјалниот момент и им овозможуваат на своите играчи да го почувствуваат оној основен мотив за занимавање со спорт, а тоа е љубовта“, објаснува Милер и додава дека во моментов преговара со три македонски клубови.

Тој додава дека на почетокот бил скептичен кога се македонските клубови во прашање, бидејќи слушнал дека сепак се склучуваат договори со кои клубовите се обрзуваат редовно да ги исплаќаат играчите.

„За среќа, од ФФМ ми објаснија дека нема потреба да се плашам од плаќањето, бидејќи договорите се склучуваат само колку да се рече и никој не ги почитува“, ја завршува Милер својата приказна.

Адаптирано од: www.njuz.net