Небеско сино и Длабоко сино

07.08.2014 09:04
Небеско сино и Длабоко сино

Некои научници тврдат дека небеското сино настанува како одраз на длабокото сино на океаните.

Стотици години човекот се бори за слобода. Милиони и милиони луѓе сиот свој живот го посветиле на борбата за слобода.

Бескрајниот небески простор асоцира на слобода. Затоа небеското сино е симбол на слободата. И глетката од врвот на некоја планина, тие големи пространства на долини испресечени од реки, планини во далечините што се стопуваат во синилото, нешто што не можеме да го догледаме, без ограничување, просторот без ограничување, ни го дава чувството за слобода. Тоа чувство е слободно бидејќи во него не е наметната нечија волја и ние немаме нагон да го скратуваме истото тоа право на другиот.

Остварувањето на слободата е суштински дискурс во западната мисловна традиција. Идеалот на западното општество е во либерализмот. И ние, македонското општество во транзиција, го прифативме тој идеал. Но дали вистински го остваривме? Зарем толку трнлив требаше да биде патот до слободата?

Се поставува прашањето: Слобода од што, во однос на што и во што? Дали ни е кристално јасно кон каква слобода се стремиме?

Достигнување апсолутна слобода значи нејзино остварување и во животот-виталот на материјално егзистенцијално ниво и на духот на психичко ниво, и во едното и во другото. Дали во најразвиените и најлибералните западни општества се оствари тоа? Не, баш. Тука се кршат сите копја и тука се случуваат сите тешки ломови. Зошто? Затоа што нема баланс? Како да се приближат двете толку разделени страни?

 

Длабоко Сино

 

За што имаме желба и за што имаме јасна свест?

Кога ќе се задлабочиме во овие филозофски прашања влегуваме во длабоко сино. Дали слободата е во задоволувањето на некои материјални желби, поседување ова и она или во нурнување во океанот на мислата и чувствата? Кој свет тогаш ја остварува нашата Желба за слобода? надворешниот – светот во кој владее култот кон Потрошувачката или внатрешниот- Океанскиот?

Не, не е сè така просто, во дуалистичка противставеност на материјата и духот. Не сакам нештата да ги поделам, ниту сум категорична – или ова или она, не сум за исклучување на едното за сметка на другото. Јас сум за доближување на двата краја, во некој спој, во некој пресек.

Но, сè додека не ни стане јасно во ова разлучување, нема да знаеме каде сме. Кога не знаеме каде сме, немаме бистрина во расудувањето. Кога немаме бистрина, јасна свест, втурнати сме во стихијата на желбите и страстите.

 

Концепт: Врата на перцепција

За да се спознаеме себеси и стварноста студираме филозофија. Целта на тоа студирање е јасно гледање и увид во нештата, просветлување.

На што треба да му се укаже на младиот студент, кој одбрал да студира филозофија за да се спознае себеси и стварноста? Односно да се просветли?

Треба да му се укаже дека постои разлика меѓу два главни методи за спознание: со размислување и со набљудување.
Првиот концепт е контемплација.
Вториот концепт е медитација.

Значи, овие два метода во спознанието подеднакво треба да ги присвоиме ако сакаме вистински да ја спознаеме стварноста, за да сфатиме што е слобода, да ја прифатиме како идеал и да го градиме нашиот живот, и односите со луѓето и светот врз основа на тој идеал.

За да се достигне „објективно“ спознание треба да сфатиме што е „субјективно“ и обратно. Но, никогаш нема да ни успее тоа, ако не излеземе од „кругот“, од размислувањето, и не научиме да набљудуваме. Тоа е медитацијата.*

Желбата и правото на слобода во една заедница се озаконува и се спроведува преку правниот систем. А како стварно може да се оствари, низ каков комплексен модел, не знам. Специјалисти за право, социолози, филозофи, политичари, историчари па економисти итн. треба да знаат или ако сè уште не знаат треба да откријат. Не копирајќи туѓ, туку контемплирајќи на својот, автентичен модел што ќе произлезе од искуствата и потребите на оваа земја. Веројатно и луѓето, народот, граѓаните, преку негативното искуство на неслобода, вистински, „на своја кожа“, треба да осознаат што е тоа слобода, односно, колку е висока цената на слободата...

Како да се оствари слободата во нашето општество, за Македонија да се трансформира во современа држава? Кој е сеопфатниот модел?

(*За медитација повеќе пишував во текстот „Концентрација, контемплација и медитација“ објавен во Глобус бр. 322 од 25.06.213 и во прилозите кои следеа во серија.)

„Мораме да ја смениме структурата на нашето општество, неговата неправедност, неговиот ужасен морал, поделбите што ги создаде меѓу луѓето, војните, апсолутното отсуство на чувствителност и љубов што го уништуваат светот. Ако вашата медитација е само личен настан, работа во која лично уживате, тогаш не е медитација. Медитацијата опфаќа една комплетна, радикална промена на умот и срцето, што е можна само кога го има тоа извонредно чувство на внатрешна тишина, и само тоа му дава живот на религиозниот ум. Тој ум го препознава тоа што е свето.

Медитацијата е една од најголемите уметности во животот, можеби најголемата, и апсолутно не може да се научи од никого, тоа е нејзината убавина. Нема техника и значи нема авторитетност. Кога учите нешто за вас, набљудувајте се, набљудувајте го начинот на кој одите, начинот на кој јадете, тоа што го кажувате, разговарате, омразата, љубомората: ако сте свесни за сите овие нешта внатре во вас, без друг избор, тоа е дел од медитацијата.

Значи медитацијата може да биде кога седите во автобус или шетате низ шума полна со светлина и сенки, го слушате појот на птиците или го гледате лицето на вашата сопруга или вашето дете.

Чудно е како медитацијата станува сеопфатна; нема крај ниту почеток. Како да е капка дожд: во таа капка се сите текови на водата, големите реки, морињата и водопадите; капката ја храни земјата и човекот, без оваа капка земјата би била пустина. Без медитацијата срцето станува пустина, изолирана степа.

Тишината и пространоста се придружуваат. Бескрајноста на тишината е бескрајност на умот во кој не постои центар.

Медитацијата е мачна. Бара највисока форма на дисциплина: не бара конформизам, не бара имитација, не бара послушност, но бара дисциплина која преминува преку постојаната свесност за нештата надвор од тебе и за нештата внатре во тебе. Значи, медитацијата не е дејство на изолирање, туку активност во секојдневниот живот кој бара соработка, сензибилитет и интелегенција. Без основата на еден правилен живот медитацијата станува бегство и повеќе нема вредност. Еден правилен живот не е послушност на општествениот морал, туку слобода од зависта, од алчноста, од потрагата по моќ, коишто создаваат непријателство. Слободата од овие зла не може да се оствари ако немаме развиена свесност која ја стекнуваме со самосознавање. Без да се знае активноста сама по себе медитацијата станува восхит за сетилата и губи секакво значење.

Медитацијата е едно од најизвонредните нешта. Да не се познава значи да се биде слеп во светот на прекрасни бои, сенки и заслепувачки светлини...“


Џиду Кришнамурти (Jiddu Krishnamurti)


Слики: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото