1020 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Сре, 18.09.2024 12:21
Белград, ноември 2013 година. Таблоидите во престолнината, предводени од Блиц, ја отвораат аферата „разголената советничка“. Заради сомнеж дека минатата година, работата во Министерството за надворешни работи, а потоа и местото во Дипломатската академија, го добила благодарение на роднинско-партиски врски, „протагонистката“, 23-годишната белграѓанка Вања Хаџовиќ, во наредните неколку недели ќе биде изложена на медиумско озборување, кое според публицитетот и интензитетот повеќе ќе ѝ прилега на некоја политичка личност од висок ранг, фатена во крајно сериозна ситуација. Значи, на кој начин, до вчера анонимната девојка, доби толку „сериозен“ третман?
Како што се отплеткуваше „скандалот“, стануваше сè поочигледно дека против Вања Хаџовиќ нема опипливи докази. Наводното преиспитување на нејзината диплома, стекната на катедрата за менаџмент на Универзитетот Мегатренд, му послужи на Блиц, повеќе или помалку, успешно да го маскира вистинскиот мотив за медиумската тортура што ѝ ја приреди.
Веројатно не можејќи да претпостави дека ќе стане државен службеник, Хаџовиќ своите профили на социјалните мрежи уредно ги пополнувала со фотографии на кои се појавува полугола. Оттаму доаѓа насловот на аферата „разголената советничка“, но и премолчената премиса врз која ќе се темели нејзиниот јавен прогон: Некој што се фотографира и претставува на тој начин, по дефиниција, не може да биде компетентен.
Париз, декември 2010 година. Штотуку испечатеното јануарско издание на модното списание Vogue донесува spread со фотографии на Тилен Блондо. На една од нив, лежерно опуштена со наметка од кожа од тигар, во фустан кој открива голо рамо, со нога предизвикувачки подигната нагоре, за да го истакне накитот околу глуждот и високите потпетици, манекенката со очи тешки од шминка, сугестивно гледа директно во објективот. Сето тоа би било во ред, тоа би бил типичен fashion editorial... Меѓутоа, Блондо има десет години.
Контроверзната одлука на уредништвото на парискиот Vogue предизвика констернација на француската јавност; во една од анкетите 84 проценти од возрасните Французи таквиот потег го оцениле како недозволена злоупотреба на дете. Сенаторката Шантал Жуано на парламентот му упати документ со наслов Новата борба за еднаквост: Против хиперсексуализацијата, барајќи забрана за производството на облека за возрасни со детски големини, како и забрана за организирање избори за мис помлади од 16 години. Вторава препорака е трансформирана во соодветен закон, усвоен во Сенатот во септември 2012 година; Долниот дом на францускиот парламент го потврди кон крајот на минатата година.
Расправата за сексуализацијата на децата набрзо се прелеа преку Атлантикот, во Америка, колевката на Мини Мис изборите и реалните шоуа како Toddlers & Tiaras, манифестации и телевизиски програми фокусирани на убавината и сексапилот на децата. Поттикната од „случајот“ Блондо, Американската асоцијација на психолози (АПА) објави извештај во кој сумира психолошка теорија, резултати од емпириски истражувања и клинички искуства на тема сексуализација на девојчиња, феномен кој сè поочигледно е присутен во модната индустрија, адвертајзингот и мејнстрим медиумите. Накратко, сексуализацијата нè наведува да ги проценуваме и вреднуваме луѓето врз основа на сексапилот, занемарувајќи ги нивните други особини; ја нормализира сексуалната изнуда; доведува до објектификација – сведување на личноста на нешто кое може да се употреби во сексуални цели.
***
Феминистичката теорија ја дефинира објектификацијата како одрекување/негирање на автономијата и субјективноста: опредметената личност го губи идентитетот, капацитетот да мисли и да чувствува; во окото на набљудувачот станува парче месо, објект лишен од внатрешен живот.
Барем така мислевме. Меѓутоа, поновите истражувања сугерираат дека објектификацијата е поинаков, додуша, не помалку загрижувачки феномен. Наспроти распространетото убедување, кога објектифицираме, личноста не ја претвораме во ентитет без интелигенција и емоции. Попрецизно, за неа не мислиме како за некој со помалку, туку како за некој со поинаков ум.
***
Иако не сме свесни за тоа, голем дел од секојдневието го поминуваме читајќи ги умовите на другите луѓе. Тие, другите, можат да нè сакаат или да нè мразат, кон нас да бидат добронамерни или злонамерни, да соработуваат или да бидат користољубиви... Од една страна, читачот на умот – вродена способност која психолозите и когнитивните научници ја нарекуваат теорија на умот или фолк психологија – ни овозможува релативно точно да ги претпоставиме мислите, чувствата, желбите, намерите на оние со кои стапуваме во интерперсонални односи. Од друга страна, пак, факт е дека немаме директен пристап до нивното ментално.
За успешно да живееме и меѓусебно да комуницираме во заедница, неопходно е да ја премостиме оваа непробивност на туѓиот ум и врз основа на непотполни информации да изградиме целосна претстава за личноста на другиот. Тоа е проблем со кој безмалку цела деценија посветено се занимава Курт Греј, психолог од Универзитетот во Северна Каролина и шеф на тамошната Лабораторија за перцепција на умот и моралот. Неговите истражувања за улогата која во овој процес му припаѓа на телото – Како телото влијае врз ерцепцијата на умот? – почнуваат да го менуваат начинот на кој психолозите ја набљудуваат и разбираат оваа појава.
Два меѓусебно испреплетени фактори играат клучна улога за промена на планот за сфаќање на објектификацијата. Прво, капацитетот за чувствување, без разлика дали станува збор за задоволство или болка, радост или бес, го перципираме како нешто одвоено од интелектуалните капацитети, како што се мислењето, заклучувањето, донесувањето одлуки. Второ, кога објектифицираме, опредметената личност ја доживуваме како помалку интелигентна, но истовремено поспособна да чувствува.
Додека работел на својата докторска дисертација, во која се занимава со моралната позиција на роботите, односно вештачката интелигенција, Греј претчувствувал дека традиционалното сфаќање на објектификацијата е неадекватно. Очекувано, дошол до заклучок дека роботите не ги сметаме како морално одговорни ентитети и дека спрема машините имаме помалку морален обѕир отколку спрема човекот. Меѓутоа, субјектите во неговите анкети имале и задача на сличен начин да ја разгледуваат положбата на луѓето со ментален хендикеп. Се покажало дека повеќето од нив ги сметаат за помалку одговорни, истовремено и почувствителни во однос на „нормалната“ популација. Имајќи предвид дека и едното и другото – и моралот и чувствата – ѝ припаѓаат на сферата на менталното, на Греј му се наметнало следното прашање: Како е можно на иста личност да ѝ припишуваме помалку ум во една, а повеќе во некоја друга смисла?
Заедно со колегите Хедер Греј и Даниел Вегнер, се обидоа да одговорат на прашањето во студијата чии резултати се објавени 2007 година во престижното списание Science.
На учесниците во истражувањето им биле претставени 13 различни карактери: бебе, возрасен човек, куче, робот... Добиле задача да проценат низа психолошки капацитети – во распон од способност да почувствуваат радост или бес до моќ за самоконтрола – на презентираните „личности“.
Резултатите покажаа дека е можно менталните капацитети да се категоризираат во две јасно раздвоени категории: доживување и дејствување, односно чувствителност и компетенција. На пример, субјектите ги гледале бебињата и кучињата како многу чувствителни (способни да искусат глад, страв, болка и слично), но не особено компетентни (слаба самоконтрола, недостиг на моќ за размислување и рационално одлучување итн.). Наспроти тоа, еден од карактерите, бог, е оценет како многу компетентен, но лишен од чувствителност. Единствено здравата возрасна единка е евалуирана како потентна на двата плана.
***
Умот, онака како што го перципираме, има две дистинктивни димензии: интелектуална и емоционална. Накратко, тоа се резултатите опишани во студијата на Курт Греј. Независно од него, речиси во исто време, до сличен заклучок дошле и двајца експериментални филозофи, кои токму како и Греј, непланирано стигнале на теренот на објектификацијата.
Џошуа Ноуб, предавач на Универзитетот Јеил и Џеси Принц, професор на Сити Универзитетот во Њујорк, сакале да ја решат следната загатка: Зошто на некои неживи ентитети, на пример, корпорациите, подготвено им припишуваме различни интелектуални состојби, како што се одлуките, намерите и убедувањата, а речиси никогаш емоционални состојби, да речеме, страдање или радост? И навистина, додека без воздржување ќе речеме дека компанијата Х има намера на пазарот да пласира нов модел на смартфон, тешко дека некој би констатирал дека компанијата Х се чувствува депресивно заради нејзиниот лош пласман на пазарот.
Како и во случајот на Греј, студиите што ги направија двајца филозофи покажаа дека луѓето очигледно прават разлика помеѓу две категории на умот – способноста за апстрактна когниција и капацитет за субјективно доживување. На вториот вид ментални состојби, како што објаснуваат авторите, речиси никогаш не им припишуваме бестелесни ентитети. Со други зборови, телото претставува нужен услов за сетилност и емоционалност.
***
Освен што не се во линија со традиционално сфатениот поим на објектификацијата, резултатите од цитираните студии отскокнуваат од рамките на стандардниот дуализам – филозофска позиција за поделеноста на духот и телото врз која се темели широко распространетото убедување за бесмртноста на душата.
Дуализмот е тврдење дека свеста и телото се различни „супстанци“ и дека можат да постојат независно едно од друго; оттука убедувањето дека душата продолжува да живее откако ќе умре телото. Студиите на Греј, Ноуб и Принц, пак, сугерираат на поделеност во рамки на менталното. Од нив произлегува дека дел од човечките ментални капацитети – сетилноста и емоциите – ги гледаме како нераскинливо поврзани со телото и донекаде независни од остатокот на умот.
Во серија необјавени студии кои ги спровел Греј во соработка со Лиса Фелдман Барет, психолог од Универзитетот Нортистерн, на испитаниците им биле презентирани краток опис и фотографии со жени или мажи. Половина фотографии биле класични портрети, додека на останатите, освен лицето било прикажано и голо торзо на личност од едниот или другиот пол. Топлес додатокот, како што и можело да се очекува врз основа на претходните истражувања за објектификацијата, ги навел субјектите да ги проценат жените и мажите од фотографиите како помалку компетентни/интелектуални. Меѓутоа, резултатите од експериментот покажале нешто што не можело да се предвиди врз основа на претходните студии за објектификација: во голо издание, иста личност, независно од полот, била оценета како посетилна и поемоционална отколку во случајот кога на испитаниците им бил прикажан само нејзиниот портрет. Со други зборови, кога луѓето ги гледаме голи, им припишуваме помалку разум и повеќе чувствителност.
***
Како да ги евалуираме менталните капацитети на луѓето кои не се само голи, туку екстремно сексуализирани, прикажани во порнографски манир? Одговорот на ваквото прашање бара многу чувствителен дизајн. Најпрвин, што не е особен предизвик, на истражувачите им се неопходни два споредливи примероци, слични според сите релевантни социодемографски карактеристики. Потоа, а тоа не е лесно да се постигне, на експериментаторите им се потребни вообичаени и сексуализирани фотографии од исти луѓе.
Греј, Ноуб и соработниците, решени да ја расветлат горната дилема, имале среќа. Книгата на американскиот фотограф Тимоти Сандерс, XXX: 30 Porn-Star Portraits, содржела материјал каков што им бил потребен. Имено, Сандерс, сите 30 порно глумици и глумци, чии фотографии ги објавил во споменатата книга, ги сликал целосно облечени и сосема голи, во иста поза и со ист израз на лицето.
Кога ја гледале во сексуализирано издание, испитаниците ја оценувале порно ѕвездата како помалку компетентна и почувствителна/поемоционална, отколку кога им била презентирана во „облечена“ варијанта. Дотолку, според резултатите од студијата, колку приказот е поексплицитен толку на глумицата или глумецот им се припишувала помала способност за апстрактна когниција, односно поголем капацитет за сетилно доживување.
***
Се покажува дека, фокусот врз телото не води кон класично сфатената објектификација. Резултира со она што истражувачите го нарекуваат анималистичка дехуманизација; личноста ја лишуваме од когнитивните капацитети кои нè прават дистинктивен вид, луѓе, а ја „наградуваме“ со извонредна сетилност, што би била карактеристика која ја споделуваме со „пониските“ видови. Наспроти неа стои механистичката дехуманизација; луѓето кои ги перципираме како изразито компетентни истовремено ги доживуваме како емоционално студени.
Новото сфаќање на објектификацијата лесно би можело да нè наведе на заклучок дека станува збор за далеку побезопасна појава отколку што се мисли. Најпосле, да се доживува личноста како посензитивна и поемоционална и не е толку страшно, зарем не? Меѓутоа, ваквиот заклучок би бил длабоко погрешен. За почеток, „екстрасензитивноста“, кога е последица на објектификација, оди на штета на интелектот. Освен тоа, отворено е прашањето како личноста ги објектифицира мислите за таа посебна чувствителност. На пример, мажите не ги лишуваат порно глумиците од сетилните и емоционалните капацитети, но тешко дека границите на тие способности ги гледаат како пошироки од капацитетот за сексуално уживање.
Истражувањата на Греј фрлаат ново светло и на феноменот кој феминистичките истражувачи го нарекуваат беневолентен сексизам. Се работи за секојдневна, широко распространета појава за која се мислеше дека е, како што кажува и името, беневолентна, безопасна: За жените генерално се мисли како за почувствителни, поемоционални, поранливи суштества, на кои заради тоа им е потребна заштита. Судејќи според студиите на Греј, ваквата слика за жените треба да се дополни со намалената способност за рационално размислување и самоконтрола. Што е тука беневолентно?
Извор: mindreadingsblog.wordpress.com, 18.05.2014.
Фотографии: Тимоти Сандерс, XXX: 30 Porn-Star Portraits