Професии (2)

08.08.2014 13:36
Професии (2)

Изработувач на чевли

Чевларот по специјални постапки
изработува за нозе шапки.
Прави, на пример, патика
- за да имаш подобра статика.
Еспадрили за самовили.
За клинци и клинки - мокасинки.
Сандали за уличари и вандали.
Папучи за папучари.
Кломпи и чевли ѕвечливи за доктори,
директори по сектори и инспектори.
За бесни типци - чевли тесни.
За големи ко стоки - широки.
За војници цокулите се достојни,
а за достојници треба чевли шпицести.
Боросанките се за тетките од „Краш“
што прават наполитанки.
За поп - од кожа антилоп.
Има и дрвени - за тие што се здрвени.
Копачки за копачи и фудбалери
што учествуваат во тепачки.
И така натаму.

Ретко
чевларот чевли
прави за себе.
Затоа зиме е настинат
и грлото го гребе.



Шапкар

Шапкарот е сличен со чевларот,
но не е сличен со пчеларот.
(Тој ли на пчеларот му ја прави, за слава?,
чудната заштитна маска за глава?)
Главно, шапкарот се грижи главата да не страда.
Го фаќа јанѕа кога некој има гола глава.
„Во мојата шапка стави си ја теглава“,
му вели шапкарот на некој со голема глава.
„Пеглава да ја ставам?“, со шега одговара главучот.
Друг ден шапкарот прави од филц
голема шапка за некој сенилец по име Фриц
кој веќе широко раструбил
дека шапката ја изгубил.
Друг пат за сенилецот Фриц
шапкарот направил шешир од циц, ко виц.
„Ова ти го сметам за каприц“, рекол Фриц.
Некои бараат тесни калпаци (или клобуци)
како шеширчињата да им се за внуци;
„тесните капи ги сметам за безобразлуци“,
вели шапкарот, „исто како и високите топуци“.
После направил шешир од слама за една дама,
па еден сив за детектив,
па неколку со црна боја за каубои,
па купче шарени за жени,
многу капи, мошне скапи, за еден јапи,
па шешир од кожа за модерен велможа,
а за селаните извадил демоде капи од лани
(„За тие со налани шеширите се од лани.“)
Само не направил шешир за чичко му Вет
кој отсекогаш носел исклучиво - хет.

Часовничар

Часовничарот саатот го поправа. Понатака:
самиот од радост почнува да тиктака!
Очите како рубини му светкаат и се движат
рацете што како сказалки секунди нижат.
Кога е на рендген тркалцата внатре му се гледаат
та одново часовничарот мораат да го прегледаат.

Разбојник

Вешто се качува на тераса.
Може да пробие секаква каса.

Без да трепне ќе ве репне
и нешто ќе дрпне.

Знае умно приказна да склопи
и паричникот да ви го стопи.

Кога тој нешто ќе мазне
како дух брзо ќе исчезне.

Откако разбојникот постои
тој мисли како туѓото да го присвои,
како на туѓ имот да упаѓа
и да го краде она што не му припаѓа.

Како галеб по леб
настрвен е кон туѓиот џеб.

Џамбаски менува маски
и има илјада прикаски.

Влегува под секакви превези
таму кајшто не пишува „влези“.

Меѓу првиот мрак и раната зора
тој нешто да здипли мора.

Сешто може да подметне
подобро е тој да не ве сретне.

Фотограф

Воопшто не е будалесто
кога се фотографирате често.

Просто не исчезнувате
кога сликата ја замрзнувате.

Минува времето, ќе замине и мафијата,
но ќе остане фотографијата.

Ќе исчезнат и колепките и крштевките,
но ќе останат околу нив насмевките.

Затоа стојте пред тие фотоапарати
со десетлетија, а не со саати.

А тогаш кога не се фотографирате
добро е позата да си ја избирате
и фацата добро да ја истренирате.

Кој пред фото светлината зрее
тој подолго живее.
Кој со фотоапаратот ќе завладее
тој побавно старее.

Запомнете: кој после себе се смее
најслатко и најдолго се смее.

Ако ова што ви го кажувам е јасно
молам сите да се насмеете гласно.

Илустрации: Ивица Антолчиќ
Препев: П. Вулкански

Кон првиот дел

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото