Одам како зомби

11.08.2014 09:38
Одам како зомби

Токму кога пишувал на мобилниот телефон: „Треба да престанам со испраќање пораки за да не загинам, затоа што како би се чувствувал ти кога...“ И, пред да ја заврши реченицата, изгубил контрола над воланот и слетал во единаесет метри длабока провалија покрај патот.

Настанот е забележан на 24 јануари 2012 година. Зад воланот седел Ченс Бот, се враќал од колеџ дома во Ганадо, оддалечен околу четириесет километри од Вортон, град во американската држава Тексас. Испраќал порака некому. За среќа, возачите кои токму во тој момент се движеле по патот, веднаш повикале спасувачки екипи. За овој млад човек кој има дваесет и една година, тоа било среќа во несреќа, пожарникарите го извлекле од камионетот неколку секунди пред возилото да се претвори во голем факел.

Кој сум јас?

Ченс Бот веднаш бил префрлен со возило на итна помош во Меморијалната болница во Хјустон. Уште на приемното одделение, кога го виделе на носилка, дежурните лекари сомничаво одмавнувале со главите. Како што набрзо се покажало, на младиот човек речиси секоја коска од скелетот му била или искршена или пукната. Ченс Бот бил во кома речиси четири недели, на одделението за интезивна нега. Кога неговиот татко, Боби Бот, кој веднаш од работа стигнал во болницата, дознал за природата на повредите на неговиот син, бил избезумен. Колку и да се трудел да верува во чудесно оздравување, Боби Бот бил свесен дека шансите за преживување на Ченс биле исклучително мали.

Меѓутоа, младиот човек сепак се разбудил од кома, но долго време воопшто не знаел кој е, што му се случило, кои се луѓето кои секојдневно доаѓаат да го посетат. Требало да поминат седум месеци додека, малку по малку, се враќал меѓу живите. Дури ни денес, две години по несреќата, Ченс Бот не е оној стариот, како што објаснува неговиот татко. Но, со голем труд и упорност Ченс Бот се надева дека повторно ќе стане кормилар на својата судбина.

Црна статистика

Многумина дури и во името на овој млад човек од Тексас гледаат некаков знак. Тој не се вика случајно Ченс (Chance), на англиски овој збор има повеќе, за Ченс, значајни значења: случај, судар, но и среќа, можност. Дали тој е жив пример за латинската изрека Nomen est omen – Името е (добар, лош) знак?

Уште статистики

Во САД во 2011 година, дваесет и три проценти од сударите биле предизвикани заради употреба на мобилен телефон, во бројки тоа се милион и триста илјади незгоди. Кога некој испраќа порака преку мобилен телефон, најкраткото време на фокусираното внимание на тастатурата изнесува барем пет секунди. Ако некој се движи со брзина од осумдесет и осум километри на час, тоа е време за кое, не посветувајќи внимание на патот и тоа што се одвива околу него, ќе помине раздалеченост во должина од едно фудбалско игралиште.

Тринаесет проценти од младите Американци, на возраст помеѓу осумнаесет и дваесет години, дополнително потврдуваат дека, во моментот на несреќата или телефонирале или пишувале порака на мобилен телефон. Инаку, осумдесет и два проценти од младите во САД, на возраст од шеснаесет и седумнаесет години, поседуваат мобилен телефон. Четириесет и четири проценти од нив признаваат дека испраќаат пораки додека возат, а педесет и два проценти разговараат на телефон.

Како што потврдуваат младите, неволјата е во тоа што лошите навики ги стекнуваат од родителите. Приближно педесет проценти од тинејџерите велат дека и нивните мајки и татковци, во четириесет и осум проценти од случаите, телефонираат додека возат, а петнаесет проценти од нив разменуваат пораки. Еден од пет возачи признава дека додека вози користи интернет на мобилен телефон.

Во секој случај, Ченс Бот решил да му даде нова смисла на животот. На интернет, во рамки на социјалните мрежи како Фејсбук и на многу електронски форуми, Ченс се залага за освестување на луѓето, особено младите, на кои им порачува никако да не телефонираат или да испраќаат пораки од мобилните телефони додека возат, но ни кога одат по улица. Го избрал мотото кое гласи:

„Може да почека!“, порачувајќи дека ништо не е толку итно за да не може на соговорникот да му се соопшти малку подоцна.

Чарлс Бот имал среќа да ја преживее несреќата, што не е случај со многу млади луѓе во САД, како што велат педантните статистичари во оваа земја. Во 2010 година, користењето мобилен телефон во автомобил, од пет илјади и четиристотини смртни случаи предизвикани од невнимание на патиштата во Америка, го земало данокот во илјада случаи и дваесет и четири илјади од приближно четиристотини и педесет илјади повреди.

Застани, не брзај!

Научниците што ги испитувале луѓето, главно од помладата генерација, кои испраќаат порака додека одат по улица, заклучуваат дека тие, во најдобар случај, се вистинска напаст за останатите кои одат по тротоар. Ако се занесат, што генерално се случува, се судираат со поминувачите, а затоа што не гледаат каде стапнуваат, се случува и да се заплеткаат и да паднат.

Личноста која во раката држи мобилен телефон и е фокусирана на пишување порака, ја држи главата наведната, телото ѝ е стегнато и некому од страна изгледа како робот што оди или како што се вели во песната од нашиот филм „Црниот бомбардер“ (1992) – Одам како зомби. Иако, изгледа дека таквата активност се извршува лесно, само замолете некој од вашето друштво да го направи тоа пред вас и ќе ви биде јасно колку таа личност „не е своја“ додека оди и пишува.

Се разбира, како што научниците понатаму забележале, оној што оди и испраќа пораки, тешко може да одржи права линија на движење на патот. Затоа, доколку веќе не може да се одвикне од таквата лоша навика, барем нека води сметка да не е во близина на некоја прометна улица или железничка пруга. Уште се прераскажува случајот кога некој турист во Мелбурн, кој заедно со мобилниот телефон, завршил во вода во пристаниште.

Ченс Бот советува, а нему треба да му се верува, дека секој што неизбежно мора да се јави некому или да му напише порака, нека запре и нека го направи тоа настрана, покрај патот. Затоа што, никогаш не се знае каде демне несреќата.

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото