Фудбалските голмани ја прават истата грешка како коцкарите

11.08.2014 12:14
Фудбалските голмани ја прават истата грешка како коцкарите

Група истражувачи од University College London (UCL) ги стави под лупа сите пенали на светските и европските првенства од 1976 година до денес. Резултатот гласи: голманите се подложни на „коцкарска заблуда“ и се фрлаат во погрешна насока. Научниците велат: тоа може подобро.

 

Тоа е по малку како во казино, кога топчето во рулетот повеќепати по ред ќе падне на црвено. Коцкарите на тоа веднаш реагираат така што ги ставаат своите жетони на црно. Имено, тие имаат чувство дека сега е поголема веројатноста топката да падне на црн број. Математички, секако, тоа е бесмислица. Зашто, секогаш кога тркалото на среќата се врти, веројатноста топчето да застане на црно или црвено поле е еднаква - освен ако рулетот не е механички манипулиран.

Погрешната претпоставка - имено, дека веројатноста на исходот се изведува врз основа на претходните случувања - психолозите ја нарекуваат gambler's fallacy, коцкарска заблуда. Истражувачите на University College London (UCL) сега открија дека дури и фудбалерите од светска класа наседнуваат на оваа заблуда и ја објавија својата студија во списанието Current Biology.

Научниците ги прегледале сите фудбалски натпревари на светските и европските првенства од 1976 година до денес, кои се завршени со изведување пенали. Притоа откриле дека по неколку шутеви на противникот во еден агол, голманот значително почесто се фрла на спротивната страна - очигледно очекувајќи дека следниот шут веројатно ќе оди во тој правец. Научниците велат дека појавата е толку јасна, што фудбалерите кои шутираат навистина можат да го искористат тоа.

Кога станува збор за пенали, тука важи истото правило како и кај многу други игри, како што се покерот или лист-камен-ножички: од клучно значење е да бидете непредвидливи за противникот. Научниците од Лондон препорачуваат голманот пред изведувањето на пеналите да одлучи на која страна ќе се фрли и да не отстапува од тоа.

Извор: www.elsevier.com