Запад на погрешен пат

12.08.2014 12:38
Запад на погрешен пат

Секоја војна е придружена со духовна мобилизација и воен восхит. На тоа не можат да одолеат ни најмудрите меѓу нас: „Оваа војна и покрај сите ужаси е величествена и потребно е да се доживее“, вели Макс Вебер во 1914, додека над Европа паѓа мрак. Томас Ман чувствувал „прочистување, ослободување и надеж“.

Восхитот одолевал и на вестите за илјадници загинати на белгискиот фронт. Деведесет и тројца сликари, писатели и научници пред точно сто години напишале „Повик до светот на културата“. Макс Либерман, Герхарт Хауптман, Макс Планк, Вилхелм Рентген и многу други ги охрабрувале своите сограѓани на суровост кон ближниот:

„Германскиот милитаризам е гарант за опстанокот на германската култура. Германската армија и германскиот народ се едно. Свеста за тоа нè обединува веќе 70 години, без оглед на образованието, општествената положба или партиската припадност.“

Историјата не се повторува, се прекинувам самиот себе. Но деновиве не сум баш убеден во тоа. Шефовите на владите и државите на земјите од Запад останаа без прашања, но затоа ги имаат сите одговори кога станува збор за настаните на Крим и во источна Украина. Во американскиот конгрес отворено се зборува за вооружување на Украина. Поранешниот советник за безбедност на претседателот Картер, Збигњев Бжежински, предлага украинските граѓани да се обучат за герилска борба. Германската канцеларка зборува во свој стил, прилично нејасно, но исто така невнимателно: „Ние сме спремни за сериозни мерки.“

Германските новинари за само неколку недели ја отфрлија трезвеноста и се предадоа на екстазата. Поинакво мислење веќе речиси и нема.

Медиумите за кои мислевме дека со своите идеи си конкурираат едни на други, сега едногласно ги поддржуваат санкциите кон Русија. Самите наслови илустрираат агресивна напнатост, досега резервирана само за навивачите на фудбалските клубови.

Der Tagesspiegel: „Кажавме доволно!“. FAZ: „Да се покаже сила“. Die Süddeutsche Zeitung: „Сега или никогаш“. Der Spiegel повикува „да престанеме со кукавичлакот“: „Разобличено е Путиновото сениште на лагата, пропагандата и измамата. Остатоците од MH17 се остатоци на дипломатијата.“

Западната политика и германските медиуми се едно.

Низата рефлексни обвинувања и противобвинувања понатаму водат само во замаглување на фактите.

Кој прв излажа?

Дали Русија се шири на запад или НАТО на исток?

Или можеби двете светски сили среде ноќ навалиле на иста врата гонети од слични хегемонијални пориви кон беспомошниот трет, кој сега целата оваа збрка ја плаќа со предвоена состојба?

Ако очекувате овде да најдете некое објаснување за вината, дојдени сте на погрешно место. Почетокот не го знаеме, крајот е скриен од нас, а некаде помеѓу сме ние и чекаме. „Да се живее во светот, значи да се живее во неизвесност“, нè теши Петер Слотердијк.

Би требало да размислуваме за нештата, да им го одземеме зборот на подбуцнувачите и да употребиме соодветни зборови. Еден од нив кој речиси е заборавен е зборот реалност.

На Европа и нејзината политика на ескалација токму тоа им недостасува - реална цел. За САД ситуацијата е нешто поинаква, бидејќи таму удирањето во гради е дел од предизборната кампања. Кога ќе го спореди Путин со Хитлер, Хилари Клинтон го прави тоа за да ги придобие републиканските гласачи, то ест луѓето без пасош. Хитлер за многу од нив е единствениот странец за којшто слушнале, затоа Адолф Путин е извонредно осмислен лик за изборната кампања. Кога се гледа од тој агол, Клинтон и Обама имаат реална цел: подигнување на популарноста дома и победа на демократите на изборите.

Ангела Меркел не може да се повика на овие олеснителни околности. Географијата го обврзува секој германски канцелар на искреност. Како руски соседи, како дел од европската судбинска заедница, како купувачи на енергија и продавачи на сè останато, за нас, граѓаните на Германија, стабилноста и разбирањето се од суштинско значење. Не можеме да ги гледаме Русите од аголот на американската десница од групата Чајанка.

Секоја грешка почнува во мислите. Токму за тоа станува збор ако веруваме дека само една страна профитира од економските односи или страда во случај на нивно укинување. Кога економските односи донесуваат обострана корист, тогаш нивното прекинување предизвикува обострана штета. Казнувањето и самоказнувањето се две страни на ист медал. Планот да се понижи Русија со политичка изолација и економски притисок, очигледно не е промислен до крај. Дури и кога тоа би успеало, што би правеле тогаш со Русија? Како да живееме во европската куќа со понижен народ, кон чијшто избран лидер се однесуваме како кон парија и чиишто граѓани следната зима можеби ќе ги испратиме пред народна кујна?

Нормално дека оваа ситуација бара цврстина, но тоа е цврстина кон самите нас. Да замислиме само на какви сè санкции помислуваше Вили Бранд, градоначалникот на западен Берлин, во сенката на големиот ѕид. Меѓутоа, тој одолеа на искушението и никогаш не инсистираше на одмазда.

Вили Бранд во далеку посериозна ситуација од оваа во која се наоѓа Меркел донесе сосема поинаква одлука. „Внимателно и смирено“, помисли кога се разбуди утрото на 13 август 1961. Беше на минување низ Хановер кога го известија за работите на големиот ѕид во Берлин. Не можете да замислите поголемо понижување за еден градоначалник.

Советите го доведоа пред свршен чин, Американците пропуштија да го извесат за тоа иако имаа некои информации од Москва. „Беспомошен бес“ се собираше во него. Но, што направи? Го заузда своето чувство на немоќ и покажа дека е голем реалполитичар, што подоцна му го донесе местото на канцелар и Нобеловата награда за мир.

По совет на Егон Бар ја прифати новата состојба, свесен дека ни целото незадоволство на овој свет нема набрзо да го урне ѕидот. Дури нареди берлинската полиција да ги разбие протестите за да спречи катастрофата на поделбата на градот да прерасне во општа војна. Тежнееше кон парадокс, како што Бар тоа подоцна го објасни: „Го признаваме статусот кво за да го промениме“.

Не е доцна дуото Меркел/Штајнмаер да се угледа на Бранд. Бесмислено е да се продолжи со поддршка на стратешки краткорочните ставови на Барак Обама. Можеме да видиме дека тој и Путин се тетерават кон знак на кој пишува: „Нема излез.“

„Тест за политиката не е тоа како нешто почнува, туку како нешто се завршува“, вели Хенри Кисинџер. „Треба да се стремиме кон помирување, а не доминација“, напиша по влегувањето на Русите на Крим; „демонизацијата на Путин не е политика, туку алиби за нејзиниот недостиг.“ Тој предлага да го ублажиме судирот за да најдеме решение.

Америка моментално, односно веќе подолго време, се однесува сосема спротивно на тоа. Сите судири се заоструваат до крајни граници. Од нападите на Ал Каеда произлезе глобалниот поход против исламот. Ирак е бомбардиран поради неосновани обвинувања, а потоа американското воздухопловство се сврти кон Авганистан и Пакистан. Односите со исламскиот свет се длабоко разнишани.

Ако запад ја третираше тогашната американска влада, која без одлука на ОН и докази за постоење на „оружје за масовно уништување“ го нападна Ирак, според истите стандарди како денес Путин, на Џорџ Буш веднаш ќе му беше издадена забрана за влез во ЕУ, странските инвестиции на Ворен Бафет ќе беа замрзнати, додека увозот на американски автомобили ќе беше блокиран.

Американската склоност кон вербална, а потоа и воена ескалација - исклучување, обвинувања и напад - се покажа крајно неефикасна. Последната успешна голема американска воена операција беше влегувањето во Нормандија. Сите други - Кореја, Виетнам, Ирак и Авганистан - се завршени со неуспех. Распоредувањето на единици на НАТО на полската граница и разговорите за вооружување на Украина се само продолжение на безидејната политика со воени средства.

Од политиката „со глава низ ѕид“, и тоа секогаш на место каде ѕидот е најдебел, добиваме само главоболка и ништо повеќе. На ѕидот кој изгледа повторно ги дели Европа и Русија постои една голема врата. Клучот е направен од рамнотежа на интересите.

Русија е енергетска светска сила и индустриска земја во развој. Сега ни е потребна политика на рамнотежа и уважување на обостраните интереси. Соработка за територијални гаранции. Министерот за надворешни работи Штајнмаер веќе ги најде вистинските зборови - партнерство за модернизација. Мораме да ја интегрираме Русија наместо да ја изолираме. Малите чекори во тој правец се далеку подобро решение од бесмислената политика на исклучување.

Уште само еден коментар за тонот на оваа расправа. Анексијата на Крим е повреда на меѓународното право. Поддршката на сепаратистите на истокот на Украина е спротивна на нашите идеи за државен суверенитет. Државните граници се неповредливи.

Меѓутоа, секој настан се случува во одреден контекст. Германскиот контекст е тоа што ние како општество сè уште служиме условна казна за некои претходни повреди на меѓународното право.

Германија водеше војна со својот источен сосед двапати во последните сто години. Германската душа, која често ја романтизираме, ја покажа својата сурова страна.

Секако, новата генерација може да изрази незадоволство од немилосрдниот Путин и да бара санкции против него, но тоа незадоволство мора да биде проследено со одредена доза срам. Или да се послужиме со зборовите на Бранд: „Тврдењето дека ја поседувате апсолутната вистина е многу опасно.“

На крајот тоа го сфатиле и оние кои подлегнале на воената грозница во 1914. Покајниците по завршувањето на војната издале друг повик, овој пат за разбирање меѓу нациите: „Цивилизираниот свет стана бојно поле. Време е плимата на љубовта да ги замени разорните бранови од омраза.“

Би требало во XXI век да го избегнеме овој трнлив пат преку боиштето. Историјата не треба да се повтори. Време е да пронајдеме скратен пат.

Извор: Handelsblatt, 08.08.2014.

Слики: Peter Adamyan

Слични содржини

Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото