Црниот квадрат на Малевич

13.08.2014 10:30
Црниот квадрат на Малевич

...Сликата „Црниот квадрат“ Казимир Малевич ја постави највисоко и во аголот од својата поставка на супрематистички дела „0 - 10“ во Петроград, 1915 година, во функција на икона.

...„Црниот квадрат“ е голема загатка и како таков го прифативме, без многу да се оптоваруваме околу неговото тврдо дефинирање. Пак ќе се потсетиме на него, бидејќи и во монашката традиција на источното христијанство и во Македонија, онака како што јас ги доживувам, има многу црна боја (поради една или друга причина) што е секако голема мистерија.

Црн квадрат, црн блок, црн камен – коцка Каба (милиони верници ги привлекува таа црна коцка во Мека), црно...

(Само како илустрација ја приложувам оваа фотографија, на која е прикажана скулптура од Пиеро Манзони со наслов „Базата на светот“. Директен јазик на Реалноста. Авторот по нешто е наследник на Малевич. Кажал: „Нема што да се каже, човек едноставно Треба Да Биде, едноставно, да живее“.)

…Како да се опише битката со „блоковите“ во нашата глава? Како што кажува мојата пријателка, која во моментов се наоѓа во виртуелниот спротивен медиумски блок и крвно непријателски спротивставен на овој?

Блокот е во главата, се сложувам. Многу тежок, црн блок. Во црна боја е и никој не знае колку тони тежи блокот на незнаењето, на мракот, на глупоста, на нашата голема несреќа во која се наоѓаме!

...Што е тоа толку „нешто“ во црната боја што нè привлекува и исто така нè одбива?

Значи, не е ниту негативно ниту позитивно (мислам на црниот квадрат-блок-камен-коцка, маса), но може да стане многу негативно ако некој си игра моќ со црната боја (која всушност не е боја по дефиниција, туку отсуство на боја, небоја). Исто така тоа е голем набој, интензитет на некаква содржина, која лесно може да премине во себеуништувачки нагон или агресивност кон другите ако се нема знаење како да се сублимира, искреира. Црниот блок, црниот квадрат или коцка е потенцијал кој треба да се развие или енергија која треба да се преобрази, како блок мермер исечен од планината од кој вајарот обликува некаква скулптура. (Или тој блок самиот за себе да го препознае како скулптура, како што прави германскиот скулптор Улрих Рикрим, Ulrich Ruckrim, кој сече блокови од планината и ги прикажува како амбиентални скулптури или инсталации.)

...Главната поента е да се спречи тој потенцијал да се претвори во идеологија. Бидејќи реалноста, светот, вистината, не е идеја (ментал) туку супстанца, нешто живо. Како да ја избегнеме големата несреќа – идеологијата, односно догматизмот? Пример е Руската Авангарда, во чие дело комунизмот бил живот, вистински прогресивен живот, сè додека не стана идеологија на Ленин, па Сталин итн. Руската Авангарда е можеби најпрогресивното движење, уметност и уметност на живеење на почетокот на минатиот век (заедно со Синиот Јавач „Blaue Reiter“, Стајл „De Style“ и Баухаус, чии приврзаници се занимавале и со гноза, главно теозофија и антропозофија), кога сите тие луѓе со огромен ентузијазам и полет во душите ја чувствувале Револуцијата, во смисла, револуцијата на ослободување на човекот, во единството на луѓето (не упростено изедначување и обезличување!), како напредно социјално движење.

Сиот Модернизам кој потоа се развивал на Западот на некој начин се инспирирал од Руската Авангарда...

Спонтано преминавме на црвената боја, како бајракот на овој медијум за кој пишувам. Исто таква боја има банерот на опозициското списание за кое понекогаш пишува мојата пријателка. Црвената боја е, за почеток, оној најмал заеднички именител (меѓу двата блока) и до тука нема проблем. Впрочем, и крвта има црвена боја, не може да биде зелена или бела или црна, ако е така, нешто не е во ред со организмот. Така уште еднаш се потврдува дека црвената боја ни е заедничкиот именител и содржател и во старт се руши тезата дека сме крвни непријатели. Како што реков, до тука нема проблем...

Проблемот настанува кога црвената боја се комбинира со црна, според мене, многу опасна комбинација на боја и небоја. Затоа предлагам за кратко да ја тргнеме настрана црната (не)боја. Тогаш црвената боја ја комбинираме со жолта т.е. златна и веќе имаме втор заеднички елемент (меѓу двата блока).

Сега, опасноста демне и во црвената боја. Таа е премногу материјална. И покрај тоа што нејзина добра страна е интензитетот, да се биде овде и сега, можеби нејзина лоша страна е материјализмот, но догматски сфатен. Тој од друга страна е доста корисен – прагматичен и е во суштината на развојот на технологијата и науката. Денес многу луѓе се и против материјализмот на науката и технологијата ако премногу ја експлоатира и уништува планетата.

Ако црвен догматски материјализам се украсува со златна боја се добива една од дефинициите за кич.

Да повторам, црната (не)боја...ако е израз на опскурна свест, па и која било боја кога „се заробува“ во идеја, тогаш се збогуваме од животот, од вистината и стануваме робови на дотичната идеологија или догма или некоја друга полувистина.

(Сè уште тука не се зборува за Идеја во божествена смисла, далеку сум од тоа. Ама баш тогаш кога постои божествена Идеја се случува Поезија. Ете ја разликата).

Затоа уметниците со своето дело амортизираат, значи, спречуваат некоја боја, која сама за себе си е О.К., да не премине во идеологија, тоа големо зло. Со други зборови, спречуваат да не се первертира изворната природа – значење на некое учење-боја и од светлина падне во мрак. Затоа современото творештво има огромна важност за една култура во која било епоха. Тоа од таа црна маса креира дело. И не само тоа. Од менталот, низ проблесокот на некои зраци од духовното, креира творба, поезија, низ автентична форма на духот во тој момент (ера, период). Да се запостави (или забрани) современото творештво е да се падне во идеологија, а тоа често се случувало низ историјата на човештвото и сè уште се случува...

Животот е бела боја - светлина, ги содржи сите бои. Ако се концентрираме само на една, а другите ги занемариме, тогаш гледаме еден дел од животот, обоено, еднобојно. На многу од нас ова ни е јасно, но, само теоретски, а не и во секојдневниот живот. Затоа светот е таков каков што е денес. Затоа Македонија е тоа што е денес...

Секако, не смееме да ја занемариме Црната, таа голема мистерија, ниту да ја потиснуваме ниту пак премногу да ја величаме (во однос на Белата од „Белиот квадрат на бела основа“) па така да се зацрниме и потполно да ја изгубиме белата боја и секој друга. Научниците физичари велат дека постојат црни дупки. Што е, како е таму, никој не знае.

Така, претпоставувам дека сите се сложуваме со „идејата“... да ја сакаме својата земја, да го сакаме човекот, да не веруваме толку во парите колку во внатрешното духовно богатство, и да не се обѕирнуваме многу на минатото, освен одвреме-навреме да влечеме црни нишки колку за инспирација и за памет, и да се концентрираме на прогресот на оваа земја. Ткаеме црвена боја на бела основа проникната со златножолти нитки, но, одвреме-навреме дозирано влечеме и црни. Потоа ги разгледуваме другите бои... Кога ги имаме сите бои ја достигнуваме Белата Боја и јасно ни е како ден. (Белата боја е боја на чистота, затоа гностикот кажал „Имај срце бело како снег“...) Како што постепено стекнуваме бела, така црната станува уште поцрна (закон на контраст). Бидејќи животот има секогаш нешто ново да открие, нема крај, нема почеток на таа убавина, тој флуид....

Во тој амбиент на разнобојност, бела убавина и по малку црно (траги од црно, дозирано, не многу, за почетокот е сè уште опасно многу) младите луѓе кои сега имаат дваесет години и кои треба после 25 години да го преземат управувањето со оваа земја, да поминат низ разни духовни практики, техники за медитација... и не слепо и круто да веруваат во идеи и концепти, туку, така да се образуваат за да можат сами да ја откриваат вистината или невистината која стои позади тие идеи и концепти. Така ќе можат јасно да ги гледаат нештата и без предрасуди и ќе знаат како најдобро да ги насочат енергиите во општеството, домаќински, со трезвеност и чесност... Бидејќи, никаде на светот не се покажало како вистина умови со ограничен поглед кон светот, недоволно и несестрано образовани, несофистицирани, значи „со многу црн мрак во себе“, да имаат капацитет и знаење да модерираат здрава политика и да управуваат правилно.

(Дел од текстот со наслов Медитација (13) објавен во Глобус бр. 337 од 08.10.2013)

07.08.2014. Не е потребно многу да се чита Дерида за да се сфати дека „на крајот“ е неизбежна деконструкција или реформа, за да се неутрализира, претопи енергијата, да се освежи со нејзиното враќање кон изворот - Апстракцијата и потоа да се насочи во нов правец- конструкција.

Црната маса или „Точка на претопување“ е слично искуство како Црниот квадрат на Малевич, претпоставувам. На одреден временски период имаме потреба од деконструкција, најмногу заради менталот (ментална хигиена). Фактички се деконструира еден механички ум кој секогаш е извор на сите неволји. Но не само тоа. Сите наши напластени идеи, идентификации, сета наша „маса“- негативните емоции, па и болката, се неутрализираат во таа точка на прекршување (претопување). Овде не станува збор за деструкција која е негативна. Деструкцијата е дијаметрално различна појава од деконструкцијата и по „набој“ и по насока на движење на силите.

Апстрактната калиграфија е некакво писмо на деконструкција-конструкција.

08.08.2014. „Проектот“ кој би можела да го наречам „Македонска држава 2014“ е идеја на неколку, од кои двајца познавам, македонски интелектуалци. Меѓу другите и тие двајца другари „од времето“, Бранислав Саркањац и Александар Станкоски, според мене, подобро ќе беше да снимат филм за да ја задоволат својата потреба за дело. Така ќе беше многу поарно за сите нас. Да се „снима филм“ во живо, според едно сценарио (читај македонска катахрезис теорија) во кое ние, македонските граѓани, сме само статисти и декор, е лудило.

Така, драги мои читатели, сè додека не се појави некој со бистар и прониклив ум за докрај да ги раскринка и им одговори на овие ем големи „уметници“ ем големи идеолози, за кои не се знае дали се поголеми во едното или во другото, ние и понатаму ќе се кркориме во ова зовриено масло и во овој - не може да биде поцрн - катран до што нè донесе „предизвикот на катахрестичниот локален ум и неговата итрина“. ( Б.Саркањац, Македонски катахрезис, стр.54).

Да се знае, многу (интелектуално) понекогаш не чини, бидејќи ако тоа „знаење“ не дошло до суштината на нештата, значи, не се преобразило во духовно(ст), станува голема опасност и за тој кој го поседува и за околината пошироко.

09.08.2014. Апстракцијата „Црниот квадрат“ за прв пат се појавува во 1913 година како составен дел од сценографијата која Малевич ja изработил за футуристичката опера “Победа над Сонцето“. (Музика на Матјушин, Michael Matyushin, либрето на поетот Кручоних, Aleksei Kruchenykh, и пролог на Хлебников, Velimir Khlebnikov)

Потоа сликата „Црн квадрат", во техника масло на платно, била насликана во 1915 година, како резултат на продлабочено мистично искуство. Тоа е моментот на пресвртница за него. Би рекла дека тоа е пресвртница и во ликовната уметност. Бидејќи со ова дело започнува ерата на концептуалната уметност и на Гнозата во ликовната уметност.

Големата полемика околу оваа слика не е завршена, ниту пак некогаш ќе се заврши. Според една група историчари на уметност таа е беспредметна слика, a според друга, нова чиста објективност. А дали е апстрактна или реалистична слика? Дали е знак или симбол? Дали нејзината функција е да претставува нешто или да значи, да означува, дали е фигурација или нефигурација или надфигурација или Ништо во црна (не)боја? Дали е анархистичко знаме – знак на ослободување на личноста? (во тој случај, вели Малевич, тоа е повеќе белиот квадрат на бело), што ли е? Така до бескрај се поставува ова прашање, оваа голема дилема, оваа апсолутна нејаснотија, мистерија...

Буда кратко би одговорил: „Нипети“. Не е битно. Не е битно како ќе го објасниме супрематизмот на Малевич, исто како што не е битно дали будизмот ќе го сфатиме како религија или филозофија или едноставно како практика за самоспознание.

Што е битно тогаш?

Во 2015 година ќе се слави стогодишнина од Црниот квадрат на Малевич. Можеби токму во таа година, после сто години искуство (уметност, рус.) ќе спознаеме што е тоа битното...

Цртежи: Татјана Миљовска, 2014