Ердоган и парадоксот на популизмот

13.08.2014 12:10
Ердоган и парадоксот на популизмот

Триумфот на Реџеп Таип Ердоган на првите непосредни избори за претседател на Турција не е изненадување. Ердоган беше турски премиер од 2003 и стекна популарност на бранот на економскиот успех. Освен што е популарен, Ердоган е и популист кој од една страна ги држи државата и медиумите во силен стисок, додека од друга страна го прогонува секој критичар (вклучувајќи ги и поранешните сојузници, како свештеникот Фетулах Ѓулен, денес иселеник).

Како што е случај и со другите популистички лидери, да речеме, унгарскиот премиер Виктор Орбан или покојниот Хуго Чавез во Венецуела, тешко е да се усогласат предизборните ветувања на Ердоган со она што навистина го прави. Таквите фигури го започнуваат својот поход кон власта со критика на корумпираните противници, обвинувајќи ги дека ги претвориле државните институции во сервис на сопствениот естаблишмент кој ги занемарува интересите на обичните луѓе. Меѓутоа, кога еднаш ќе дојдат на власт, завршуваат токму така - ја третираат државата како сопственост на својата партија и се вклучуваат во синџирот на корупција, или барем го одобруваат.

Ова очигледно лицемерие најчесто воопшто не им штети на изборните шанси на популистите, како што тоа го покажа убедливиот успех на Ердоган. Зошто?

Наспроти врежаното мислење, популизмот не е дефиниран од одредено гласачко тело - што би требало да биде ниската средна класа - или од придобивањето на масите со упростени политички пароли, како што често тврдат либералните коментатори. Напротив, популизмот е една до крајност морализаторска идеја на политиката, а популистите се политичари кои тврдат дека тие - и само тие - вистински го претставуваат народот, сведувајќи ги така сите политички ривали на улога на подли претенденти.

Зад ова тврдење стои претпоставката дека народот има заедничка волја која изворно е насочена кон општо добро, а таа волја може да ја препознае и да ја примени само автентичниот народен водач - како Ердоган, чија изборна кампања беше водена под геслото „Народна волја, народна моќ“. Според тоа, популистите не се само антиелитисти; нужно се и антиплуралисти а со самото тоа и антилиберали. Нивната политика секогаш го поларизира, го дели граѓанството на чист, морален народ и неморални останати - кои Ердоган едноставно ги нарекува „предавници“.

За популистичкиот политичар не постои легитимна опозиција. Кој и да е против водачот, автоматски е и против народот. Според таа логика, кој е против народот не може навистина да биде негов дел.

На тој начин може да се разбере и обвинувањето на Ердоган дека демонстрантите од паркот Гези кои минатото лето се побунија против плановите неговата влада да изгради шопинг центар, воопшто не се вистински Турци. Тоа ја објаснува неговата запрепастувачка изјава од почетокот на годинава, кога ја прифати номинацијата на Партијата за правда и развој да биде нејзин претседателски кандидат: „Ние сме народот. Кои сте вие?“

Често се вели дека популистите не умеат да владат или дека - штом ќе ја преземат власта - ќе стане јасно колку се неспособни. Се смета дека популистичките партии во суштина се партии на протести - а протестот не може да владее, бидејќи е невозможно да се протестира против самиот себе.

Работите сепак не се толку едноставни. Популистите обично го преземаат токму оној стил на владеење кој го критикувале за време на претходниот политички естаблишмент. Ја грабаат целата моќ што можат да ја приграбат, ја пореметуваат раздвоеноста на гранките на власта, сите државни служби ги пополнуваат со послушни кадри додека со бенефиции ги наградуваат своите поддржувачи (и само своите поддржувачи) во замена за лојалност - што политичките теоретичари го нарекуваат „масовен клиентелизам“. Австрискиот архи-популист Јерг Хајдер, на пример, буквално на „својот народ“ на улица му делеше банкноти од сто евра.

Секако, кога ќе ја освојат власта сите партии гледаат прво да се погрижат за своето гласачко тело. Меѓутоа, на популистите им е својствено да го прават тоа отворено и со чиста совст. На крајот на краиштата, бидејќи само нивните гласачи се вистинскиот „народ“, сите останати се недостојни.

Популистичките партии ревносно ја колонизираат државата. Ако само една партија вистински го претставува народот, зошто државата не би станала инструмент на тој народ? Па ако популистите се најдат во можност да напишат нов устав, зошто да не им го отежнат животот на политичките противници кога тие, по дефиниција, се непријатели на народот (често означени и како странски шпиони)?

Тоа објаснува зошто клиентелизмот и корупцијата на популистичките влади не ја намалува поддршката на гласачите за нивните лидери. Се смета дека таквите практики се во служба на моралните „ние“, а на штета на неморалните или туѓите „тие“.

Либералното уверување дека за дискредитација на популистите ќе биде доволно само да се разоткрие колку се корумпирани е јалова надеж. Нужно е да се покаже и дека на повеќето граѓани клиентелизмот не им носи никаква корист, туку напротив, дека недостигот на демократска одговорност, нефункционалната бирократија и ерозијата на владеењето на законите на подолги патеки ќе му нанесат штета на целиот народ.

Извор: Project Syndicate, 11.08.2014.