1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Германија
Други нека зборуваат за својата срамота;
јас ќе зборувам за својата
О Германија, бледа мајко!
Како извалкана седиш
Меѓу народите!
Меѓу закашканите
Упаѓаш во очи.
Најбедниот од твоите синови
Лежи сотрен.
Кога гладта му беше голема,
Други твои синови
Дигнаа рака на него.
Тоа се расчу.
Со така подигнати раце,
Дигнати кон својот брат,
Дрско се моткаат пред тебе
И ти се смеат в лице.
Тоа се знае.
Во твојата куќа
Вриска лагата.
А вистината
мора да молчи.
Така ли е?
Зошто насекаде те фалат угнетувачите
А угнетуваните те окривуваат?
Експлоатираните
Со прст укажуваат кон тебе
А експлоататорите го фалат системот
Што во твојата куќа е измислен!
А сите гледаат
Како ја криеш својата подсукња, крвава
Од крвта на твојот
Најдобар син.
Кога ги слушаат говорите што допираат од твојата куќа,
Се смеат.
Но кој ќе те здогледа, го дофаќа ножот
Како да гледа арамија.
О Германија, бледа мајко!
Како само те средија синовите
Меѓу народите да седиш
Како ругло или ужас!
Сосед
Јас сум сосед. Јас го поткажав.
Не сакаме во куќата
Да имаме хушкачи.
Кога го закачивме знамето со кукастиот крст,
Тој не го закачи.
Кога инсистиравме тоа да го направи,
Нè запраша дали во собата
Во која живееме со четири деца
Имаме место и за копје за знаме.
Кога рековме дека пак имаме стекнато вера во иднината,
Тој се смееше.
Не ни се допадна тоа што
Го претепаа на скалите. Му ја скинаа работната облека.
Тоа не беше нужно. Баш толку работни облеки
Никој од нас нема.
Но сега, барем, замина, и во куќата владее мир.
Имаме баеги грижи во главата, па
Мора да владее макар мир.
Веќе забележавме, некои
Гледаат настрана кога се сретнуваат со нас. Но
Оние што го одведоа велат
Дека правилно сме постапиле.
Песна на додворувачот
1
Душата цела ми се возбудува,
Во мене сè се бунтува
Кога ќе видам некој човек
Од кого секој со право веднаш се трга.
Самиот себе нека се обвинува што веќе
Градот не го ни знае, ниту му оддава чест!
Зарем со него да се поздравувам било кога
Сега кога власта го жигоса!
Не, тоа не ми е можно!
Не, тоа не ми е можно!
2
Не е важно, ниту ми е грижа
Што стварно станало со него.
Горе го запишаа
Лошо - за мене со тоа отпишан е.
Секое друго чувство ми пречи.
За нив горе незгоден е, лош!
Зарем мене да ме видат со него да шетам?
Зарем да кажат: Овој со него уште зборува?
Не, тоа не ми е можно!
Не, тоа не ми е можно!
3
Што се упропасти така!
Зошто не внимаваше на својот пат!
Лошиот глас брзо се стекнува, лесно,
А после горе си омрзнат.
Но, кој го навредува мојот господар,
Кој знае дрско да му пркоси,
Зарем да речат дека јас тој го бранам,
Зарем да кажат комуњара дека сум јас?
Не, тоа не ми е можно!
Не, тоа не ми е можно!
Почеток на војната
Кога Германија ќе се вооружа до заби,
Ќе ѝ се случи голема неправда
И пастирот-тапанар ќе ја поведе својата војна.
А вие Германија ќе ја браните
Во туѓи земји, вам непознати,
И ќе се борите против луѓе вам слични.
Пастирот-тапанар ќе ломоти за ослободувањето,
А угнетувањето во земјата ќе биде неспоредливо.
И може сите битки да ги добие,
Освен последната.
Кога пастирот-тапанар ќе ја загуби својата војна,
Германија својата војна ќе ја добие.
Овие четири песни на Брехт, кои неодоливо потсетуваат на Македонија под груевизмот, напишани се помеѓу 1933 и 1937, по доаѓањето на Хитлер на власт.
Германија (Deutschland) е напишана 1933. Оваа песна е пресвртна во опусот на Брехт.
Сосед (Der Nachbar) е напишана 1934 година.
Песна на додворувачот (Lied des Speichelleckers) е од 1937 година и е фрагмент од планираната опера „Голијат“.
Почеток на војната (Beginn des Krieges) исто така е од 1937 година.
Слики: Свирачиња
Превод: П. Вулкански