Now then (1)

14.08.2014 12:00
Now then (1)

Ако денес сте политичар во Америка, покрај својата придружба имате уште еден модерен додаток. Имате таканаречен „дигитален придружник“. Тој ве следи секаде со видео камера со висока резолуција и неговите работодавачи се луѓе кои сакаат да ви ја уништат политичката кариера.

Тоа се нарекува „опозициско истражување“, а целта е непрекинато снимање на сè што ќе кажете и направите. Секоја ноќ снимките се испраќаат во големи анонимни канцеларии во Вашингтон, каде десетици истражувачи систематски го споредуваат сето тоа што сте го изјавиле денес, со она што сте го зборувале претходно.

Се бараат противречности. И, ако пронајдат некоја, ја испраќаат до медиумите, заедно со видео доказите.

Од една страна, тоа е стара политика – ископување нечистотии за противникот. Но, тоа е и дел од нешто ново, многу поголемо од самата политика. Во западниот свет се создадени нови системи чија задача е контстантно да ја снимаат и да ја набљудуваат сегашноста – а потоа да ја споредуваат со забележаното минато. Целта е да се откријат обрасци, совпаѓања и корелации и така да се пронајде начин за да се спречи промената. Да се задржи постоечката состојба.

Не можеме да видиме што точно се случува, затоа што овие системи оперираат во сосема различни области – од конзумеризам, преку грижа за телото, предвидување идни злосторства, дури и обиди за стабилизација на глобалниот финансиски систем – па до политика.

Но, сè заедно, кумулативниот ефект е џиновски ладилник што нè замрзнува, како и оние кои владеат со нас, до состојба на неподвижност, осудени постојано да го повторуваме минатото и исплашени од промените и иднината.

За да ја изострам сликата за овој систем, сакам да ја раскажам приказната за неговиот подем и неговите чудни корени – приказна за вонбрачното дете на шпионирањето и високите математички теории.

Приказната почнува со една матна фигура од почетокот на шеесеттите во Британија –приватен детектив. До тогаш, приватните детективи главно се занимаваа со разводи. Влетуваа во хотелски соби и ги затекнуваа сопружниците во неверство. Често, тоа биле однапред договорени ситуации, наместени да послужат како доказ за заобиколување на острите британски закони за развод.

Потоа, се случија две нешта. Законите за развод беа реформирани – што значеше дека детективите беа исфрлени од пазарот. Во исто време и домашните филмски камери станаа евтини и достапни. Приватните детективи почнаа да се кријат зад ќошиња и во грмушки – снимајќи што прават нивните осомничени.

Поврзав два инсерти. Првиот е снимка од старомоден детектив кој оди во хотелска соба во Брајтон за да ги „изненади“ гостите. Потоа, следи одличен материјал од 1973 година, каде еден помодерен детектив покажува дека може да ги снима луѓето без тие да го забележат. Или, барем така тврди. Според тоа што се гледа, не би можело да се каже дека е така.

Тој најчесто работи за осигурителни друштва – следејќи и снимајќи луѓе за да види дали симулирале повреди за кои барале исплата. Ми се допаѓа неговата камера од 8 милиметри.

Тука е и интервјуто со човекот што се противи на овој надзор. Новинарот вели дека тие сигурно се обидуваат да дојдат до вистината – дека филмот не може да лаже. Овој човек одговара на прекрасен начин:

„Филмот може да излаже многу лесно – инспекторот на осигурителното друштво може да го монтира филмот. Да речеме, ако некој поткривнува кога е влажен воздухот или кога некои денови има грчеви, а некои нема, и ако Филмот се пушти на суд – ги покажува само добрите денови кога нема поткривнување“.

Ова е лудо – но, тој е во право. По малку како во документарните филмови.

 

Потоа, приватните детективи во почетокот на седумдесеттите открија дека можат многу евтино да купат уште еден вид технологија.

Опрема за прислушкување.

Растеше нов бизнис – често, во собите над продавниците за електронски уреди во централен Лондон. Чудна екипа електричари и бегалци од музичката индустрија по цели денови лемеа минијатурни предаватели и микрофони и им ги продаваа на приватните инспектори.

Еве еден одличен филм за овој нов свет од 1973 година. Не само што зборува за тоа што се случувало, туку ја допира и суштината на тоа што ќе дојде. Филмот претежно се одвива во една соба со три скриени микрофони и обична камера, кои ја снимаат водителката Линда Бландфорд. Но, таа не знае каде се наоѓаат микрофоните.

Филмот евоцира чудна циркуларна природа на затворен свет каде сè се снима и репродуцира. Далеку пред своето време. Прекрасна кратка репортажа.

 

Но, потоа – кон крајот на седумдесеттите – луѓето почнаа да се загрижуваат. Почна со сознанието дека безбедносните служби не ги прислушкувале само непријателските шпиони, туку и својот народ. Синдикати, радикални новинари, политичари, на сите им биле прислушкувани телефоните.

Сомнежот брзо се прошири на општа загриженост заради силното шпионирање и прислушкување, со што не се занимавала само државата, туку и приватните инспектори и новинари. Тоа се првите моменти на загриженост дека Британија станува „општество под надзор“.

Еве една кратка репортажа од тој период за растечкиот страв. Дотогаш приватниот детектив веќе прераснал во човек од телефонската кабина кој свири со свирче во слушалката.

 

И новинарите се заинтересираа за новата технологија. Таа им овозможи да душкаат и да прислушкуваат луѓе на нов начин. Еве еден одличен инсерт од документарен филм за весникот News of the World од 1981 година.

Се појавува еден прекрасен помошник на уредникот кој е убеден дека тајната служба му го прислушкува телефонот. А новинарот Дејвид Потс ја пробува својата опрема за прислушкување која младата репортерка Тина ќе ја употреби за да демаскира педофилска група во северен Лондон.

Многу е забавно тоа што потоа се случува со ексклузивата на Потс. И, ни открива колку тогаш било тешко некој да се прислушкува. Очигледно им бил потребен полесен метод за душкање во туѓите животи.

 

Во 1987 година, растечката параноја конечно експлодираше. Прекинувач беше серијата на телевизијата BBC, со назив Тајно општество, чиј автор беше истражувачкиот новинар Данкан Кембел.

Во шест получасовни епизоди Кембел поврза сè што се случуваше – и скицираше застрашувачка слика која сè уште ја окупира фантазијата на либералната левица.

Не само што безбедносните служби и полицијата тајно ги набљудувале и ги слушале граѓаните – туку и мрачните елементи на „безбедносната држава“ одржувале корумпиран однос со приватните лица за безбедност. Овој филм покажа колку лесно инспекторите можеле да купат доверливи информации за кој било.

Во исто време, дргуите тајни бирократии граделе огромни прислушкувачки мрежи и ги држеле далеку од очите на политичарите. Една епизода зборува за плановите за лансирање шпионски сателит под називот Циркон. Кембел откри дека проектот се криел од истите оние политичари кои требало да вршат надзор.

Владата и шефот на државната безбедност дигнаа паника и извршија огромен притисок врз BBC, кој попушти и рече дека нема да ја емитува таа епизода. Се појави голем скандал – за кој изгледаше дека драматично ги докажува сите тврдења на Кембел за тајната држава која ве набљудува – но не сака да знаете.

Еве неколку инсерти од серијата. Во еден дел Кембел открива дека и приватниот сектор направил огромни компјутерски бази со податоци, полни со информации за милиони обични луѓе. Во една прекрасна сцена тој оди на пазар во Јоркшир и ги прашува луѓето дали би сакале да видат што се наоѓа во овие бази со податоци за нив.

Нивното соблазнување за она што им изгледа страшно е наивно. Како слика од изгубен свет.

Вметнав и краток инсерт од филмот за Циркон, за да видите околу што се крена толкава прашина. Филмот не остана забранет долго и од тогаш е прикажуван.

 

Од оваа перспектива се гледа дека емисиите како Тајно општество беа дел од растечката недоверба во властодржците. Како да покажуваа дека постојат скриени, корумпирани сили кои не одговараат пред никого, во срцето на британската држава.

А, паранојата околу надзорот продолжи да расте.

Но, во истиот момент додека сето ова се случуваше, се создаваше нив систем за надзор и следење на луѓето. Тој ќе го прави токму тоа што се обидувале приватните детективи, но и многу повеќе од тоа. Нема да ги снима само нашите постапки, туку ќе може да го разбере и она што ни се случува во главата – нашите желби, нашите копнежи и нашата нетрпеливост.

Тој систем се нарекуваше интернет.

Проблемот беше во тоа што успехот на системот на интернет зависеше од нашата доброволна соработка. Но, наместо да го отфрлиме, ние го прифативме. И тој процвета.

Одговорот на прашањето зошто се случи тоа, се крие во чудниот експеримент изведен во компјутерска лабораторија во Калифорнија 1966 година.

Информатичарот со име Џозеф Вајзенбаум ја истражувал вештачката интелигенција. Замислата била дека компјутерите можат да се научат да мислат и да станат како човечките битија. Ова е фотографија на господинот Вајзенбаум.

Во тоа време, имаше многу ентузијасти во светот на вештачката интелигенција. Сонуваа за создавање нов вид техно-човечки хибриден свет каде компјутерите можат да комуницираат со луѓето и да реагираат на нивните потреби и желби.

Вајзенбаум беше скептичен. Во 1966 година, направи интелигентен компјутерски систем кој го нарече ЕЛИЗА. Како што кажуваше тој, тоа е компјутерски психотерапевт кој може да ги слуша вашите чувства и да реагира, токму како вистински психотерапевт.

Но, тој го направил системот ЕЛИЗА според вистинскиот психотерапевт по име Карл Роџерс, познат по тоа што на пациентот само му го повторувал тоа што пациентот штотуку го кажал. Системот ЕЛИЗА го правел истото. Некој човек ќе седнел пред екранот и пишувал што чувствува и што мисли – а програмата само ќе му го повторела тоа што ќе го напишел – често во облик на прашањe.

Целта на Вајзенбаум била да ја пародира целата идеја за вештачката интелигенција – откривајќи ја симплификацијата на интеракцијата неопходна за машината да може да „мисли“. Но, кога им овозможил на луѓето да ја користат ЕЛИЗА, сфатил нешто многу чудно што воопшто не го предвидел.

Еве инсерт од еден документарец каде Вајзенбаум опишува што се случило.

 

Тој открил дека неговата секретарка не била невообичаена. Се вџашил – како што напишал – затоа што неговите студенти и другите биле потполно маѓепсани од програмата. Точно знаеле како работи – дека всушност само разговараат самите со себе. Но, сепак со часови седеле и ѝ се доверувале на оваа машина, изнесувајќи ги своите скриени чувства – понекогаш откривајќи неверојатно интимни детали.

Неговата реакција била разочараност од целата идеја за машините и луѓето. Во седумдесеттите Вајзенбаум напиша книга за која рече дека светот на мислечките машини не може да се создаде така што компјутерите ќе наликуваат на луѓето. Наместо тоа, требало да се направи токму спротивното – луѓето некако да се убедат да се поедностават и да станат како машините.

Но, другите тврделе дека Вајзенбаум, во период кога бил опседнат со себеси, всушност измислил нов вид огледало со чија помош луѓето ќе можат да го истражуваат својот внатрешен свет. Простор каде човекот може да се ослободи и да ги истражува своите чувства без арогантен елитизам и дефицит на традиционални авторитети.

Кога новинар прашал еден информатичар што мисли за компјутерскиот терапевт, овој одговорил дека, на некој начин, компјутерот е подобар затоа што, „на крајот на краиштата, компјутерите не се заморуваат, не те гледаат од високо и не се обидуваат да те одвлечат в кревет“.

Системот ЕЛИЗА станал многу популарен и многу истражувачи на МИТ го имале на својот компјутер. Една ноќ, професорот со име Бобров, го оставил системот вклучен. Утрото, потпретседателот на трговската компанија која соработувала со МИТ седнал пред компјутерот. Мислел дека така можел да контактира со професорот кој бил дома – и почнал да пишува на тастатурата.

Всушност, разговарал со ЕЛИЗА, но не го сфатил тоа.

Потпретседателот: Дали може да го користам компјутерот? ЕЛИЗА: Зошто прашуваш? Пп: можеби ќе можам да продадам уште некој Телком. ЕЛИЗА: Зошто си несигурен? Пп: Моите потенцијални клиенти никогаш не виделе демонстрација на систем. ЕЛИЗА: Дали тоа ти значи многу? Пп: Се разбира. ЕЛИЗА: Звучиш многу сигурно. Пп: ова е смешно. ЕЛИЗА: Како мислиш, ова е смешно? Пп: Постои ли некоја причина зошто не можам сега да го користам компјутерот? ЕЛИЗА: Кажи ми нешто повеќе за твоите потенцијални клиенти. Пп: Те молам повикај ме на 491-185.

Но, се разбира, ЕЛИЗА не го повикала. Потпретседателот седел и вриел, а потоа одлучил да го повика професорот. И, го добил следниот одговор:

Потпретседателот: Зошто се однесуваш арогантно?

Г. Бобров: Како мислиш, се однесувам ароганто?

Од ЕЛИЗА и многу други слични програми се создаде една замисла. Дека компјутерите можат да набљудуваат што прават и што зборуваат луѓето и интелигентно да ги анализираат тие податоци. Така можат да предвидат што би можеле луѓето да направат потоа или што би можеле да посакаат.

Клучен за функционирање на сето ова беше системот со назив Булова логика.

Уште во 1847 година го измислил математичарот Џорџ Бул. Еден ден шетал по ливада во близина на Донкастер и, според неговите зборови, доживеал „мистично искуство“. Бул тврдел дека почувствувал дека е „повикан да го изрази функционирањето на човечкиот ум во симболичка или математичка форма“.

Неговата замисла била дека сè што се случува во човечката глава може да се сведе на низа одлуки „да или не“, кои со симболи можат да се напишат на хартија.

Повеќе од сто години, неговата идеја ја игнорирале речиси сите – освен Луис Керол, кој, освен што ја напиша Алиса во земјата на чудата, напиша и книга со наслов Симболичка логика – во која се изложени и развиени идеите на Бул.

Но, кога беа измислени компјутерите, луѓето веднаш сфатија дека идејата на Бул може да се употреби со цел компјутерите да се натераат да „размислуваат“ на разумен начин. Компјутерите се дигитални – составени од нула и единица – што е исто како „да“ и „не“. Така, логиката на Бул стана клучна за функционирањето на компјутерите. Тие се полни со бескрајни стебла на одлучување кои велат „ако се случи ова – тогаш ова, а не ова“.

Ова е фотографија од Џорџ Бул снимена 1864 година, непосредно пред неговата смрт ја посетил новата Лондонска школа за фотографија на Риџент стрит 174 и тоа е еден од првите фотографски портрети.

кон вториот дел

Извор: BBC, блог

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет
Општество / Свет
Општество / Активизам / Свет

ОкоБоли главаВицФото