1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Кога пред петнаесетина години ја објавив книгата за женските икони на XX век, еден машки критичар сериозно ми замери што не ја зедов Мерлин Монро: секако дека не ја зедов, бидејќи не се занимавав со машките икони. Мерлин немаше кој знае што да им каже на жените. Ми беше многу повеќе жал што во книгата не успеа да влезе Лорин Бекол.
Неодамна умре од очекувана смрт, во поодминати години (89).
По потекло од еврејско сиромашно семејство од Бронкс, инаку роднина на Шимон Перез, Бети Џоан го уредила своето име по стандардите за глумици, но го зачувала презимето на својата мајка, најчестиот сојузник во животот. Презимето е романско и потсетува на општиот балкански турцизам - бакалин. Младата манекенка постигнала молскавичен успех во 1945, во филмот со четврт век постариот Хемфри Богарт, со кој на снимањето започнала легендарна љубовна врска. Тој се развел, а за една година се венчале. Богарт умрел 1957 година од рак на грлото, предизвикан од пушење и алкохол. Некаде истата година, Лорин имала врска со Френк Синатра, зад која останала нејзината славна изјава, дека да се биде вдовица не е професија. Имала сјајна кариера во театар и на филм, сè до поодминати години, ги добила највисоките награди, на крајот и почесниот Оскар: примерно слободен живот, политички непроменет од епохата на Богарт - либерална демократка, против антикомунистичките прогонства. Смртта на Лорин Бекол е момент да се потсетиме на славата и среќата, самостојноста, паметта и стилот кои некои ѕведи умееле да ги негуваат.
Лорин Бекол стапила во видното поле на популарната култура во време кога грозничаво се барале кобни жени кои би играле во „црниот филм“ (film noir). Бранот на конзервативизмот и цензурата го преплавил американското општество, во кое било нужно да се предупреди на опасноста од женската еманципација. Светот станал поинаков по Првата светска војна, кога жените масовно почнале да добиваат нови права, пред сè гласачкото, и кога нивниот изглед темелно се променил, а нивното присуство на пазарот, како работна сила и како потрошувачки, неверојатно се зголемил. Значи, требало по секоја цена да се спречи да се случи такво нешто и по Втората светска војна. За време на војната во Холивуд се појавила кобната жена, спремна на измами и убиства, за да ја зачува својата повластена положба или да стекне моќ и пари. Бескрупулозноста на овој лик одела заедно со опасноста која на Американците - војници - им се заканувала од женска страна во Европа, на последните боишта на војната и по војната. Суровоста на поврзаностите - купувањето и продажбата, супериорноста на победникот - сето тоа давало посебно непријатен призвук на односот кон жените. Додуша, Холивуд смислил и совршено хигиенска и непорочна американска хероина - девојката од соседството, како што е Дорис Деј, но тоа навистина било само друго лице на она што американскиот маж треба да го избегнува, во својот нов статус на господар на половина свет. Лорин Бекол навидум одговарала на екстремниот производ на фантазијата за кобната жена: русокоса, со немилосрдни зелени очи и спремна да гледа дрско и самоуверено, со разбранета коса која понекогаш паѓа преку очите, со бујни усни, витка, елегантна и со длабок, малку пискав глас со кој смее да изговара скандалозни и сексуално двосмислени изјави. Поточно кажано, сè што ваквата појава би кажала добивало друго значење, така што и наједноставните изјави од нејзината уста евоцирале грев, тајна, нешто забрането. Меѓутоа, Лорин Бекол била толку посебна и толку заводлива што всушност делувала како пастиш на кобна жена. Сè што правела пред камера било обоено со хумор и дистанца - така Лорин Бекол успешно го уништила површниот и евтин мит и му дала ново значење.
За разлика од злобните домаќинки од постарите црни филмови, Лорин Бекол дури и кога играла млади и недолжни девојки, ја додавала слободата како нужна одлика на модерната жена. Таа избирала и во нејзиниот избор немало ни трошка користољубивост. Освен тоа, нејзиното тело не покажувало женски облини и никогаш не се поврзувало со вулгарноста. Со беспрекорен вкус, кој холивудските костимографи можеле само да го следат, Лорин Бекол носела строги костими, бело и црно, и најпознато од сè, пепито костими. Иако бил веќе многу популарен, и иако често го користеле креатори како Диор и Коко Шанел, пепито тешко се носи ако телото не е витко и високо, бидејќи, за жал, ги истакнува сите облини, и ги прави малите жени комични. Лорин Бекол била иронична, понекогаш цинична, секогаш во спротивност со стереотипите наменети за жените. Со неа жените низ целиот свет можеле да се идентификуваат како самостојни личности, кои немаат проблем со својата сексуалност, и кои ги бираат мажите според свои, самостојни критериуми. Доминантниот мачо не е типот кој таквата жена го бара; и покрај своето самоуверено држење, таа е способна да избере маж во проблеми, да му помогне, да го поддржи и спаси, од слабак да направи херој, ако е тоа што таа го сака. Таквата жена всушност покажува врвна лојалност, и не дозволува никакви ниски стратегии да го надвладеат нејзиниот благороден нагон. Спротивно на намерата и духот на жанрот на филм ноарот, Лорин Бекол не е несреќна, туку борбена и реална, и некаква општествена казна која ја пропишувал малограѓанскиот морал во нејзиниот случај била сосема бесмислена - делувала како поттик да му се спротивстави на лицемерието. Би можеле да кажеме дека со неа конечно умре оној film noir заснован на женскиот лик. Кога ќе ги прегледаме сите улоги кои ги играла во четириесеттите и педесеттите, и кои се смислени за да го одржат film noire, гледаме дека Лорин Бекол всушност систематски ја деконструирала намерата на Холивуд и отворала нови хоризонти за масивно деморализираните, невротизирани и во потрошувачкиот калап набиени жени, не само во Америка туку и на други места во светот. Ако нешто можеше да се носи со новите, и да кажеме отворено, комунистички сексуални фантазии на Европа, од Ана Мањани и Оливера Марковиќ до Изолда Извицкаја, тоа беше Лорин Бекол.
Не издржала долго во Холивуд, туку преминала во Њујорк и таму ја градела театарската и филмската кариера речиси без конкуренција - ненаметливо, без многуте проблеми на другите ѕвезди, секогаш слободна во своите определби и своите љубови. Ја повикувале, а таа ги прифаќала само врвните екипи, кои гарантирале вистински успех, и тоа кај одбрана публика. Била спремна да соработува во утврдувањето на историјата на филмот, посебно со нејзиниот значаен маж, Богарт.
Лорин Бекол била многу млада кога почнала да снима, но никогаш не била „девојче“. Веројатно затоа без никакви проблеми станала зрела, а потоа и стара глумица која не изгубила ништо од своето чувство за хумор, од својата дистанца и својата присутност во кадарот или на сцена. Била заводлива и на седумдесет и осум години. Зашто, конечно, секогаш сè е во главата...
Во сеќавањето на Лорин Бекол, најутешно е тоа што, ете, и во популарната култура понекогаш е важна главата. Ако морам да го изберам мојот најдраг спомен на тој лик и глас, јас би избрала два: нејзината реклама за храна за мачки, која и најлошиот мачкомразач би го натерала да ја купи таа храна за уличните мачки. И секако, оној стар цртан филм во кој Душко Долгоушко свири по нејзиниот цртан лик.
Извор: Peščanik.net