Now then (2)

15.08.2014 16:11
Now then (2)

Во почетокот на деведесеттите, научниците беа убедени дека можат да ги натераат компјутерите да предвидат што би можеле да посакаат луѓето.

Почнаа во 1992 година со еден мал тим на Универзитетот во Минесота. Тимот беше наречен GroupLens. Нивната идеја беше дека, ако можеш да собереш податоци за тоа што сакаат луѓето, па потоа да ги споредиш, ќе откриеш обрасци – и со нивна помош можеш да прогнозираш.

Тоа го нарекоа „колаборативно филтрирање“, а логиката беше фантастично буловска. Како што објасни еден истражувач – „Ако на Џек му се допаѓаат А и Б, а Џил ги сака А, Б и В, тогаш на Џек веројатно ќе му се допадне В.

Почнале со споредување новинарски статии кои ги препорачувале луѓето во групите на интернет дискусиите:

„GroupLens ги следеше оценките на новинарските статии. Откако некој корисник ќе оценеше неколку статии, GroupLens можеше да понуди препораки од други статии кои би можеле да му се допаднат на овој корисник. Резултатите беа вчудоневидувачки. Корисниците ги читаа статиите со нашата висока препорака, три или четирипати почесто отколку оние без препорака“.

Потоа, во 1994 година една млада професорна на МИТ го правеше истото со музика. Се работи за Пети Мејс, која го смисли системот наречен РИНГО. Таа направи веб страница каде луѓето наведуваа песни и бендови што ги сакаат. Еден корисник опиша како функционирало сето тоа:

„Ринго даваше дваесетина музички наслови, а потоа прашуваше за секој поединечно, дали ви се допаѓа или не ви се допаѓа и дали воопшто ви е познат. Тоа го движеше системот со мала ДНК од она што ви се допаѓа или не ви се допаѓа. Потоа, кога ќе побарате препорака, програмата ја споредуваше вашата ДНК со ДНК на сите останати во системот. Ако некое поврзување е неуспешно и ако го кажете тоа, тогаш тоа би ја усовршило низата. Следниот пат би било уште подобро“.

Повторно, успехот бил неверојатен. Мејс го почна истото и со филмови. Потоа, групата од Универзитетот во Минесота дојде до идеја. Ако овие системи можат да препознаат какви статии и песни ви се допаднале – зошто не би можеле да препознаат кои производи ќе ви се допаднат.

Така во 1997 година ја основаа фирмата Net Perceptions. А еден од нивните први клиенти беше Амазон.

Но, Грег Линден, млад програмер на Амазон, набрзо сфатил дека постои проблем со овие системи. Морало да трошите време учејќи што им се допаѓа или што не им се допаѓа на луѓето. А, како што системот сè повеќе растел, тоа се покажало како големо оптоварување.

Притоа, луѓето се каприциозни и често се предомислуваат. Или – како што би рекле некои програмери – тие се „динамични“.

Линден го открил решението. Може воопшто да не ги прашате луѓето што им се допаѓа, туку само да следите што прават. Податоците ги собирате од нивното однесување – од сето тоа што некогаш го виделе или купиле – и потоа да ги споредите со минатото на други луѓе.

Од тоа произлегле обрасци и корелации кои човечкиот мозок никако не може да ги види – но од тие корелации може да се процени што ќе посака некој во иднина.

Линден работел и во таканаречената Група за персонализација во Амазон. Рекол: „шегата што се прераскажуваше во групата е дека, кога системот би работел совршено, Амазон ќе треба да ви покаже само една книга – и тоа би била наредната книга што ќе ја купите“.

И, успеало – продажбата сконкала, а Џеф Безос, сопственик на Амазон, наводно отползел до Линден зборувајќи: „Ваше височество“.

Амазон и многу други компании од крајот на деведесеттите почнаа да градат огромен свет од минатото на своите компјутерски сервери. Историскиот универзум постојано се прекопува за денес да ви го понуди тоа што ви се допаднало вчера – со некои варијации.

Интересно е дека една од првите личности кои ги критикуваа овие „системи за препорачување“ заради несаканиот ефект во општеството беше токму Пети Мејс, коа го измисли РИНГО. Таа рече дека ефектот за стеснување и поедноставување на вашето искуство е неизбежен – што луѓето ги доведува во ситуација на заглавеност во статична, сè потесна верзија на себеси.

Заглавени во бескраен самостоен круг. Токму како и со ЕЛИЗА.

Но, како и голем дел од современиот дигитален свет – овие нови системи се многу апстрактни. И тешко може да се види што се случува навистина, освен бескрајно многу прсти на тастатурите. Многу е тешко да се расветлат сите овие ефекти.

Минатата година – во перформансот што го правев со групата Massive Attack – се обидов да ја покажам сликата на овој нов свет. Ја искористив песната од 1980 година, со наслов “Bela Lugosi’s dead” – која ја сакам заради нејзиното силно чувство за репетиција. Публиката беше опкружена со 11 екрани високи шест метри.

Не сум сигурен како успеав во тоа – но се обидував да покажам дека на луѓето константно и одново им се репродуцира нивното минато - како модерен дух. Тоа значи дека и понатаму не можеме да тргнеме напред. Како приказна која заглавила некаде.

Направив мал колаж од снимки од мобилни телефони од публиката во Њујорк. Снимката не е баш најдобра – како ни звукот – но ќе стекнете некаков впечаток.

За сите онлајн компании што ги користат овие системи, фактот дека најчесто ги потиснуваат промените е попатна последица.

Но, има и други, помоќни системи, создадени во деведесеттите, чија главна цел е токму тоа. Спречување на промените во светот и одржување на неговата стабилност.

И тие функционираат на ист начин – константно вршејќи надзор во светот и потоа пребарувајќи во своите огромни бази со податоци во потрага по обрасци и корелации.

Аладин (ALADDIN) е назив за една неверојатно моќна компјутерска мрежа со седиште го градчето Ист Веначи – во една пустелија во американската држава Вашингтон.

Аладин управува со инвестиции вредни над 11 милијарди долари ширум светот.

Тоа ја прави оваа компјутерска мрежа неверојатно моќна. Аладин е во сопственост на компанијата Блекрок, која е најголем инвеститор во светот. Таа управува со иста количина пари како сите хеџ фондови и “private equity” фирми заедно во светот. Нејзиниот компјутер врши надзор над седум проценти од вкупните светски инвестиции.

Тоа е без преседан – светот никогаш не видел таква моќ. Но, Блекрок не го раководи некој алчен, незаситен финансиер – традиционална фигура на поновиот журнализам. На чело на Блекрок е токму спротивното – многу внимателен човек чие име е господин Финк.

Еве го. Неговото име е Лери Финк.

Во 1986 година Финк полека напредуваше на скалата на Првата национална банка од Бостон, кога дотогаш незабележаниот пад на каматните стапки предизвика катастрофа за оваа банка. Тој се заколнал дека нема да дозволи тоа да се повтори – и го градел Аладин дваесет години.

Во неговата меморија е огромната историја од последните педесет години – не само финансиски – туку најразлични настани. Од милиони и милиони корелации – Аладин препознава можни катастрофи – можна иднина – и ги поместува инвестициите за да избегне таква можност.

Не можам доволно да нагласам колку системот на Блекрок влијае врз обликувањето на светот – во одредена смисла тој е помоќен и од традиционалната политика.

Се поставуваат многу важни прашања, затоа што негова цел не е да го менува светот – туку да го одржува стабилен. Да спречи секаков развој на настаните кој е премногу ризичен. А, кога за таа цел поместувате 11 милијарди долари – тоа е навистина значајна нова сила.

Но, досадна е. И нема никаква приказна. Само обрасци.

Еве една снимка од Аладин. Пред неколку недели снимав во Ајдахо – и решив да ги погледнам зградите во кои е сместен Аладин. Прашав во Блекрок дали може да ѕирнам внатре. На мое изненадување, човекот задолжен за односи со јавноста рече дека може. Но, подоцна ја напуштил компанијата, судејќи според сè, заради реорганизација.

Но, не беше важно – затоа што може да се претпостави што да се очекува внатре. Наредени сервери кои работат, опкружени со огромни батерии кои ќе го спасат системот ако снема струја.

Ова е кадар од автомобил на патот покрај компјутерските бараки во кои се наоѓа Аладин. Подвижен кадар од 37 секунди – и можете да видите колку е досадно сето тоа.

Тоа е современиот свет на моќта – и неверојатно е досаден. Нема што да се сними и со него управува внимателен човел кој не е никаков волк од Волстрит. Така функционира моќта денес. Се крие на отворено – во чиста досада и затапеност.

Не е ни чудо што е толку тешко да се раскаже приказна за тоа.

Има сè повеќе системи кои користат податоци од минатото за да предвидат дали некој во иднина ќе направи кривично дело.

На прв поглед, тоа е за секаква пофалба. Но, истовремено е и мошне чудно – додека во некои случаи може да биде лажно и опасно.

Во секој поединечен случај системот го следи однесувањето на некое лице, па потоа пребарува дали тоа лице споделува слични карактеристики со групи луѓе од базата податоци кои некогаш се однесувале опасно.

Постои сервер што се користи во Министерството за труд и пензии кој ги открива измамниците, анализирајќи гласови на луѓе кои се јавуваат во кол-центарот. Ако поставувате погрешни прашања – или ако поставите вистинско прашање на погрешен начин – ќе бидете категоризирани во групата опасни.

Државата има и таканаречена единица за социјална ексклузија која има акционен план. Целта на планот е преку податоците да се предвиди кога нештата би можеле да тргнат наопаку во сиромашните семејства – дури и пред раѓањето. Според еден образец нероденото дете на бремената мајка може да биде категоризирано во потенцијални идни престапници.

Ова се базира на податоци како што се староста на мајката, нејзиното слабо образование, користењето дроги и нејзината семејна историја. Ако системот заклучи дека нероденото дете е потенцијален престапник, реакцијата не е сосема иста како кај Филип К. Дик – се испраќа социјален работник кој дава совети за родителство.

Но, најчудна програма е СТАТИК-99. Таа служи за предвидување дали сексуалните престапници ќе го повторат делото, откако ќе излезат на слобода. Во Америка се користи за одлучување дали ќе бидат задржани в затвор и по отслужување на целата казна.

СТАТИК-99 функционира така што ги рангира лицата според критериуми како што се староста, бројот на сексуални деликти и полот на жртвата. Потоа, тоа се внесува во базата податоци која покажува рецидивна стапка на групата претходни сексуални престапници со слични карактеристики. Потоа, судијата се известува за веројатноста – процентуално – дали престапникот ќе го повтори делото.

Проблемот е во тоа што веројатноста не е точна. Всушност, на судијата му се кажува каква е веројатноста луѓето во групата да го повторат делото. Не постои начин системот да предвиди што ќе направи поединецот. Во еден понов и многу критички извештај за таквите системи се вели дека можната грешка за поединците се движи од 5 до 95 проценти.

Со други зборови, програмата е потполно бескорисна. Меѓутоа, луѓето и понатаму се држат во затвор врз основа на прогнозите на таквиот систем.

Опозициското истражување – константно снимање на сето тоа што го кажува и прави политичарот, му припаѓа на истиот образец.

Но, тоа е систем кој оди уште понатаму – затоа што има непредвидена последица да ги принудува политичарите да се однесуваат како машини. Ги наведува постојано да го повторуваат тоа што го кажале претходниот ден, спречувајќи имагинативни и креативни скокови.

Секоја ноќ дигиталниот придружник го испраќа тоа што политичарот го кажал или направил истиот ден. Првата задача е да се пронајде нешто скандалозно во последната снимка што може да им се проследи на медиумите.

Типичен пример е Џон Бранинг, кој ги спореди корисниците на социјална помош со ракуни. До тој момент неговиот говор, всушност беше мошне забавен десничарски напад на, според неговото мислење, апсурдноста за заштитата на животната средина. Но, тогаш отиде предалеку.

Беше засрамен. И ги изгуби изборите.

Но, друга – поважна – задача на оние што ја истражуваат опозицијата е да поминуваат часови споредувајќи што изјавил политичарот денес, со податоците сочувани во компјутерите. Тие бараат противречности и ако пронајдат некоја, им ги испраќаат снимките на медиумите и политичарот повторно е засрамен.

Така политичарите се замрзнати и неподвижни – затоа што мораат да имаат беспрекорна историја. Што повторно е за пофалба. Но, тоа значи дека не можат да се предомислат. Не можат да се прилагодат на светот кој се менува.

Додуша, ако Аладин работи по свое, тоа нема ни да биде важно.

Џорџ Бул, кој даде придонес за сето тоа со својата Булова логика, имал интересно семсјтво.

Неговиот зет се вика Чарлс Хауард Хинтон. И тој бил математичар и се прославил кон крајот на 19 век со книгата „Четвртата димензија“.

Во таа книга тврдеше дека времето е илузија. Дека сето тоа што се случило и што ќе се случи веќе постои во четиридимензионалниот простор. Човечките суштества не го сфаќаат тоа, тврдеше Хилтон, затоа што не се способни да го видат овој четиридимензионален свет.

Нашиот концепт за врмето – вели Хинтон – е само линија која по должина го пресекува овој четиридимензионален простор. Но, не можеме да ја видиме.

Кумулативниот ефект од сите денешни системи кои складираат податоци од минатото е создавање нешто, кое наликува на светот на Хинтон. Сето тоа што веќе се случило се чува во џиновски сервери во места како што е Ист Веначи.

Никогаш не исчезнува. И, ова минато ја притиска сегашноста, која е осудена повторно да се повторува и да избегнува се што е ризично и непредвидливо.

Недостасува втората половина од светот на Хинтон. Иднината – со сите нејзини опасности, но и можности.

Џорџ Бул имал уште една ќерка, Етел. Таа водела неверојатен живот кој покажува дека постои и поинаков начин. Затоа што Етел верувала во иднината.

Ова е Етел на семејна фотографија – снимена по смртта на нејзиниот татко. Етел стои од десната страна на нејзината мајка. (Патем, и останатите од семејството Бул од оваа фотографија, воделе неверојатни животи – но, тоа е друга приказна.)

На 15 години, Етел прочитала книга за италијанскиот револуционер Мацини. Книгата ја инспирирала и почнала да се облекува како него, да носи црно жалејќи за светот.

Во 1889 година го запознала полскиот револуционер Вилфрид Михаил Војнич. Војнич побегнал од Сибир и стигнал во Лондон без скршена пара. Се заљубиле и се венчале, а Етел заминала во Русија за да шверцува илегални револуционерни публикации.

Потоа, го запознала големиот шпион Сидни Рајли. Тој е една од најнеобичните личности во чудниот свет на шпионажата. Роден е во Украина, но се завртел против своето семејство и исценирал самоубиство за да побегне.

По разни авантури, вклучувајќи и спасување тројца британски разнузнавачи од мочуриштата на амазонската џунгла, Рајли заминал во Лондон каде поминувал време како коцкар – и тој и Етел почнале страствена афера. Побегнале во Италија каде Рајли ѝ ја отворил душата – раскажувајќи ја неверојатната приказна за својот живот.

Потоа, ја напуштил и заминал во Русија каде работел како таен агент за Британците. Наводно, Иан Флеминг го создал ликот на Џејмс Бонд според Рајли.

Етел била очајна. Го напишала романот “The Gadfly” за кој, иако никогаш не признала, нејзиниот биограф вели дека очигледно е заснован на претходните авантури со Сидни Рајли.

Тоа е неверојатна книга. Станува збор за фантастична мелодрама која се одвива во Италија. Главниот јунак, Артур, води битка против црквата и корумпираната држава – и своето подмолно семејство. Тука е и неговата страствена љубов кон Англичанката по име Џема. Романот завршува со бавно мачење и осуда на смрт со стрелање на Артур.

Пораката е револуционерна. Артур е жртвуван за човештвото да биде спасено и да ги сфати идните можности за светот, кога ќе се сруши моќта на угнетувачите.

Ова е Етел со прекрасен револуционерен поглед.

„The Gadfly“ е објавена 1897 во Њујорк – со брачното презиме на Етел, Е.Л Војнич. Ниту еден британски издавач не сакал ниту да ја допре книгата заради нејзината „скандалозна и ужасна природа“. Но, потоа била објавена во Русија и постигнала вчудоневидувачки успех. Еден писател опишува дека сите млади болшевици ја читале книгата и таа „практично станала Библија на револуцијата“.

Се проценува дека до шеесеттите години, 250 милиони руски тинејџери ја прочитале „The Gadfly“. Анкетите покажале дека Артур редовно бил омилен јунак на советската младина. Во 1955 година е снимен и филм – со музика од Шостакович – кој е награден на Канскиот фестивал.

Во 1920 година, Етел му се вратила на својот сопруг, Вилфред Војнич. Тој се преселил во Њујорк и станал еден од најголемите светски експерти и трговци со ретки книги.

Неговата најпозната инвестиција е таинсвениот шифриран ракопис кој подоцна е наречен ракописот на Војнич. Никој, никогаш не успеал да го дешифрира – изгледа дека има многу научни референци и астрономски илустрации, како и илустрации на растенија.

Војнич сметал дека го напишал филозофот Роџер Бејкон – и дека потоа стигнал во посед на легендарниот Џон Ди, математичар во дворот на кралицата Елизабета.

По смртта на Војнич, Етел го чувала ракописот триесет години во сеф на њујоршката банка – за потоа да го продаде во 1960 година. Завршил во универзитетската библиотека на Јеил. Еден голем експерт за криптографија напиша:

„Ракописот на Војнич мирно лежи во својата заштитна кутија во мракот на сефовите на Јеил, како можна темпирана бомба во историјата на науката, чекајќи го човекот што ќе го протолкува тој ракопис кој сè уште е најтаинствен во светот“.

Етел Бул почина 1960 година, на возраст од 96 години, сè уште верувајќи дека револуцијата може да го промени светот. Еве еден од најубавите делови од музиката на Шостакович за „The Gadfly“ – поврзан до сликите од чудниот свет на Бул во кој живееме денес.

Кон првиот дел

Извор: BBC

ОкоБоли главаВицФото