Плоштад слобода - Манифест

08.04.2009 16:20
Plostad-sloboda-za-DENES.gif

Скопјанки и Скопјани,
Го шириме гласот. Гласот на градот и гласот на слободата.
Тоа се двете клучни работи кои сакаме да ги допреме. Со кои сакаме да ве допреме.

Клучни како клучеви за градот-засолниште. Клучеви што затвораат пред наезди, чуми и варвари; но и клучеви што се отвораат пред големиот свет
Оти градот е свет.
Оти градот е глас,баш според славната метафора на Аристотел: градот допира дотаму до каде што допира човечкиот глас. До каде што се слушаме. Белки, до каде што се разбираме...
Нашите гласови, скопските гласови, некој (а знаеме точно кој) деновиве и годиниве се обидува да ги стиша и да ги сопре (речиси да ги сотре). Дури и да се тоа малцински гласови, гласови на различните, тоа се сепак живите гласови на градот.
Оти градот е гласовното различие. Тоа е неговата суштина. Градот не е хор. Градот не маршира исто. Градот не мисли исто. Градот е демос и полис. Градот е демократија, почитување и негување и заштита на различното и на малцинското.
Иако, низ историјата, па и денес, во голема мера паланка, варош меѓу град и село, во Скопје секогаш имало гласови низ кои одекнувал светот. Тие гласови ги минуваат (а често и ги менуваат, зашто гласот е моќен!) строгите меѓи на нивите и цврстите огради на трлата.
Го дигаме нашиот глас, денес, значи, за да го заштитиме правото да се зборува и мисли, правото на градот сфатен како слобода!

Во градот не живее народ или толпа. Во градот живеат граѓани, поединци. Во градот и во државата, барем кај нас, барем формално, според Уставот, не владее народна демократија туку демократија. Разликата меѓу демократијата и народната демократија е како разликата меѓу кошула и лудачка кошула.
Нашиот град и нашата држава се исправени пред нов терор на едноумието (сеедно дали се нарекувало вера, нација или партија). Слободата и демократијата можеме да ги задржиме и негуваме само ако му се спротиставиме на теророт на униформирањето, на теророт на оние што се закануваат и тепаат во име на своите вистини.
Знаеме дека вистинскиот терор спрема идејата на градот и слободата доаѓа од државната власт. Уличните тепачи-крстоносци домкнати од кол и од ортома се само кутри маши на неконтролираната моќ која историското време на овој град сака да го набие, како непослушна кукавица, во својот весел распеан часовник.
Токму таа неодговорна и распашана власт сака централното градско подрачје на Скопје да го претвори во лунапарковски декор на кичот, невкусот и потполната историска, политичка и естетска изгубеност. Таа варварска духовна матрица на нашата лудо раскомотена власт се обидува да го обележи градот просто како да го подмочува, обележувајќи си ја сопствената територија, својата никогаш непрежалена нива.
Моќта е ноќ, за нашиот град, во 21 век. Наликува работава на гаснење на светлата во злогласната балканска крчма.
И заради тоа се собравме. И заради тоа се буниме, и заради тоа нема да застанеме!