Лицата на луѓето од Средниот Исток

17.08.2014 11:49
Лицата на луѓето од Средниот Исток

Од 2010 година, фотографот Брендон Стантон (Humans of New York) e посветен на документирање на животот во Њујорк, забележувајќи ги портретите и приказните на лицата што ги фотографира. Неговиот проект пред сè се одвива на улиците на Њујорк, но понекогаш и меѓу славните личности на разни свечености. Во партнерство со Обединетите Нации, Стантон тргна во нов проект: 50-дневно патување во десет различни земји. Освен собирањето приказни и фотографирањето портрети, целта на ова патување е да се зголеми свесноста за Милениумските цели за развој и да се инспирираат глобалните перспективи.

Досега патувањето го однесе во Ирак и Јордан, и тоа во време на криза во Средниот Исток. Со препознатливата комбинација на интимен портрет и коментар и изјава од фотографираното лице, Стантон  ги доловува тагата, радоста и борбата на луѓето во сите сфери на животот. Неговите фотографии на луѓето се необично моќни во овој контекст и овозможуваат поглед во личните животи на индивидуи чиишто приказни и проблеми често се игнорирани од медиумите.

„Целта на патувањето не е да 'кажам' нешто за светот, туку повеќе да посетам далечни места и да слушнам што е можно повеќе луѓе. Она што најмногу ме погоди е колку хуманитарната трагедија се зголемува кога ќе погледнете во личните приказни. Секој што страда поради немирите во Ирак, или воопшто поради војна, е длабоко повреден на личен начин. Слушањето на овие животни приказни една по една, со сите детали, е многу отрезнувачко“, вели Стантон.

Во продолжение, претставуваме 16 фотографии со коментари на фотографираните лица, кои ги откриваат нивните лични приказни, животни проблеми, желби и погледи на светот.

„Ако зборуваш љубезно, ќе најдеш добри луѓе каде и да одиш. Ако наидеш на некој лош човек, само продолжи кај следниот.“ (Петра, Јордан)

„Сакам да бидам пилот за да можам да летам секаде.“ (Дана, Јордан)

„Кога бев примен на магистерската програма на Универзитетот во Дамаск, мислев дека го имам целиот свет во раце. Последните три недели пред испитот учев по 20 часа дневно. Очите ми беа толку уморни што веќе не можев да читам. Кога слушнав дека положив, почувствував: ништо не е невозможно. Сите пријатели и роднини беа околу мене и ме бакнуваа.“
„Како прослави?“
„Па, бевме сиромашни. Купив Пепси и го поделив со пријателите.“ (Ербил, Ирак)

„Би ја дал душата да можам да ѝ го поправам умот.“ (Дохук, Ирак)

„Моите родители беа заробени кога имав шеснаесет години. И двајцата умреа во затвор.“
„На што се сеќаваш од денот кога ги однесоа?“
„Извинете. Мислам дека не можам да го правам ова. Може ли да престанеме?“ (Шаклава, Ирак)

„Јас сум студент. Родителите не сакаа да седам дома цело лето, па ме натераа да станам овчар.“ (Калак, Ирак)

„Таа нè одгледа самата. Кога дипломирав, го сметав тоа повеќе за нејзин успех отколку за мој.“ (Аман, Јордан)

„Се плашам од денот кога ќе почнат да бараат работи што не можам да си ги дозволам.“ (Шаклава, Ирак)

Додека нивните родители беа во паника за роднините заробени во планините, овие деца најдоа тивко место за да си играат. Ги затекнав како удираат по некои конзерви и ги прашав што прават. „Правиме автомобил“, рекоа.
„Зарем не е симпатично. Си замислуваат дека конзервите се автомобили“, си помислив.
Кога се вратив по 5 минути, тие имаа направено дупки во сите четири конзерви. Користеа две метални жици како оски, а направија тркала од конзервите и прикачија пластична гајба. Навистина - направија автомобил. (Дохук, Ирак)

„Бевме свршени шест месеци, но нејзините родители ја натераа да се омажи за побогат човек.“
„Што беше последното што ѝ го кажа?“
„Ѝ реков: Направив сè што можев да направам. Ти посакувам среќа во животот.“ (Петра, Јордан)

„Што сакате да станете кога ќе пораснете?“
„Доктор.“
„Доктор.“
„Кој ви е најтежок предмет сега?“
„Математика.“
„Математика.“ (Ербил, Ирак)

„Живееме во многу конзервативна култура, но сакам децата да бидат со отворен ум. Се обидувам да ги однесам на што повеќе места: трговски центри, галерии, концерти. Сакам да видат што повеќе различни видови луѓе, и што повеќе различни видови идеи.“ (Ербил, Ирак)

„Само сакаме да бидеме заедно и да не се плашиме.“ (Ербил, Ирак)

„Што се случило со твојата рака?“
„Се симнував по скалите и гледав во скалите.“ (Аман, Јордан)

„Најсреќни моменти во мојот живот се оние кога мајка ми е среќна.“
„Кога си ја видел најсреќна?“
„Кога бев дете, едни германски доктори ни рекоа дека можам да се оперирам во Италија и повторно ќе можам да ги користам нозете. Таа беше толку среќна што заплака. Но никогаш не собрав пари за операцијата.“ (Ербил, Ирак)

„Таа зборува повеќе јазици од сите во семејството. Затоа што си игра со сите деца на улицата.“ (Ербил, Ирак)

Извор: Distractify

Слични содржини

Фотографија / Свет
Фотографија / Свет
Јавни простори / Фотографија
Јавни простори / Фотографија / Живот

ОкоБоли главаВицФото