Еден писател, 200.000 книги!

18.08.2014 10:45
Еден писател, 200 000 книги!

Надреалистите сонуваа за автоматско пишување. Беа инспирирани од психоанализата, поезијата на Рембо и Лотреамон. Веруваа дека вистинското автоматско пишување е последица на потполна произволност и спонтаност, чин кој не е замислен претходно, а се изведува колку што е можно побрзо. Секако, без контрола на разумот. Прв автоматски текст беше „Магнетни полиња“ од 1919 година, кој во француското списание „Литератур“ наизменично го напишаа Андре Бретон и Филип Супо. Текстот на Марко Ристиќ „Пример“ од 1924 година е еден од првите автоматски текстови во српската книжевност. Кога станува збор за историјата на книжевноста, надреализмот и автоматското пишување, толку. Веројатно е дека надреалистите не ни сонувале, без разлика колку и да се занимавале со соништата, што ќе се случи во иднината во врска со автоматското пишување. Затоа што, тоа е сосема поинаква приказна.

Филип М. Паркер (1960), професор по маркетинг на „INSEAD Business School“ (Франција), повеќе од десет години има и дополнителна работа. Имено, тој создаде компјутерска програма со чија помош може да напише книга (и тоа на која било тема) за само дваесет минути! Неговиот (патентиран) алгоритам овозможува „прелистување“стотици илјади постоечки книги, текстови, разни трудови и блогови на интернет и врз основа на сето тоа – своевидна компилација – пишување нови! Всушност, на „Амазон“ можат да се пронајдат речиси 200 илјади наслови кои ги потпишал Паркер, како и уште 700 илјади трудови напишани во рамки на неговата фирма “ICON Group International”! Плоден „писател“, зарем не? Иако станува збор за светска сензација и филозофско прашање, овој факт не привлече толкаво внимание како што можеше да се претпостави, што исто така претставува прашање за кое треба да се размислува. Затоа, споменатите, вчудоневидувачки бројки не подразбираат статии како што се, да речеме, извештаи што ги пишувал за разни фирми, односно за нивни потреби („потпишани“ од втората голема фирма на Паркер “EdgeMaven Media”).

Јасно е дека професорот Паркер не може да се нарече писател, но, на крајот на краиштата, исходот е ист: неверојатен број напишани дела! Замислете раскажувач што напишал двесте илјади книги. И го признал тоа. Уште колку други такви се кријат?

За сè, на сите јазици

Треба да се има предвид дека книгите на Паркер не се баш обично четиво за читање, она што се нарекува убава книжевност или белетристика. Најголем број од насловите се речници, прирачници, на пример, за ретки болести, па дури и книги со крстозбори. Тие се наменети за учење странски јазици... Меѓутоа, сите се напишани на ист начин, автоматски, со програмата на Паркер.

Ваквиот начин на „пишување“ е можен заради постоење посебна база податоци во однос на изворот што се пребарува, односно нуди можност пребарувањето да се приспособи на одредена тема, а потоа да се создадат шаблони за податоци кои треба да бидат „спакувани“ во текст. Заради тоа што дигиталните книги (eBooks) и разни print-on-demand сервиси станаа вообичаени, одреден наслов може да биде прикажан во пребарувањето на „Амазон“, а притоа сè уште да не е ни напишан...

Во решението на Американскиот завод за патенти, издадено уште во 2007 година, системот се опишува на следниот начин: „Овој пронајдок овозможува автоматско пишување, маркетинг и дистрибуирање на текст за одредена рема. Текстот го пишува компјутер. Текстот автоматски се приспособува на саканиот формат во однос на одбраната тема. Исто така, делото може автоматски да му биде испорачано на примателот. Покрај тоа, избраното четиво – по барање – може да биде напишано и наменски, на (безмалку) кој било јазик“!!!

Јасно е дека тука, сепак, не станува збор само за програма, туку за цел компјутерски систем, замислен да пишува во рамки на одреден книжевен жанр. Базата е исполнета со содржини поврзани со саканиот жанр, односно со посебни „шаблони“, во согласност со постоечкото знаење за таа област, со што се овозможува книгата да биде напишана онака како што би ја напишал некој експерт од таа област. За да се избегнат неволји со авторските права, односно плагијати, програмата на Пракер „пишува“ изворни, но не нужно и сосема креативни страници. Со други зборови, ако каква било задача за пишување се сведе на формула што ја „разбира“ компјутерот, тогаш системот секогаш може да „пакува“ различна содржина, користејќи ја истата формула, повторно и повторно – значи, бесконечно...

Успешноста и генијалноста на овој метод се состои, пред сè, во тоа што алгоритамот го поддржува мисловниот процес, низ кој човекот секако би поминал за време на пишувањето на одредена тема. Всушност, станува збор само за прецизно одредување на содржината која е уникатна за избраниот жанр. Инаку, Паркер и самиот имал одредено искуство со тоа, бидејќи напишал три книги на „стариот начин“. Најпосле, ова е и признание дека алгоритамското креирање содржини (во најголем дел) е токму она што може да се нарече вештачка интелигенција.

А, еве и неколку интересни наслови на книги потпишани од Паркер: “Webster’s Slovak-English Thesaurus Dictionary” – „Словачко-англиски речник на синоними од Вебстер (28,95 долари)“, “The 2007-2012 World Outlook for Wooden Toilet Seats” – „Преглед на дрвени даски за тоалетни шолји 2007-2012“ (795 долари), “The World Market for Rubber Sheath Contraceptives (Condoms) – „Светскиот пазар на кондоми“ (325 долари), “Ellis-van Creveld Sundrome – A Bibliography and Dictionary for Physicians, Patients and Genome Researchers” – „Синдромот Елис-ван Кревелд – библиографија и речник за лекари и истражувачи на гени“ (28,95 долари), “Webster’s English to Haitian Creole Crossword Puzzles: Level 1” – „Англиско-хаитски-креолски крстозбори, ниво 1, од Вебстер“ (14,95 долари).

Имајќи предвид дека трошокот за една ваква книга се движи некаде помеѓу 20 и 50 центи (потрошена струја и амортизација на компјутерот), прикажаните цени покажуваат дека може да станува збор за значителна заработка, дури и ако се продадат само мал број примероци.

Предизвикот наречен љубовен роман

Рака на срце, книгите што не се романи или збирки приказни, често – токму како и новинарските статии – се пишуваат мошне шаблонски. Темата се обработува преку формула: кој, што, каде, кога и зошто, со можни историски напомени или предвидувања за иднината, можеби и пократок аналитички увид за нејзиното значење. Затоа што, без оглед на тоа како е одредена темата што се претставува или до каков заклучок ќе се дојде на крајот, споменатите клучни податоци мораат да бидат присутни во текстот, дури и ако станува збор за нешто вообичаено. Инаку, Паркер не е единствениот кој дошол до замисла да го автоматизира пишувањето со помош на пребарување бази на интернет. Претпријатието „Narative Science“ од Чикаго веќе одредено време автоматски „произведува“ спортски вести и коментари на тој начин, како и статии од областа на финансиските пазари за списанието „Форбс“.

Кога станува збор за спортското новинарство, новинарите од крв и месо набрзо можат да ги стават рацете в џеб. За три секунди (доколку компјутерот за време на натпреварот бележи информации за бројот корнери, слободни удари и уште многу детали) компјутерот може да напише опширен извештај за еден фудбалски натпревар. Како да го напишал фудбалски коментатор! Истото важи и за тенис, кошарка, хокеј... По последниот свиреж, три секунди и – готово!

Извештаите настрана, се поставува прашањето на која област од книжевното творештво ќе се фокусира Паркер и ќе се обиде да го примени своето програмско решение? Не е тешко да се одговори: тоа се љубовните романи! Кога можат новопечените и неталентирани спасителки кои денес продаваат милионски тиражи, зошто не би можел и компјутер? Иако, секој роман, по правило, е плод на писателска фантазија, не е тајна дека некои книжевни жанрови вообичаени се придржуваат до проверени формули, а можеби најдобар пример за тоа се токму љубовните романи. Генерално, тие не можат да се пофалат со високи книжевни одлики, но за многумина се совршени како забава и рекреација. Меѓу другото, во САД, љубовните романи имаат најголем удел во приходот од продажба на книги – според податоците од 2011 година, станува збор за дури 1,37 милијарди долари.

За крај, старо прашање. Дали вештачката интелигенција може да го создаде она што го нарекуваме творечко дело на човекот? Којзнае? Можеби и може... Односно, можеби може подобро од некои кои денес неправедно се наречени творци!

Извор: http://politikin-zabavnik.rs

ОкоБоли главаВицФото