Десет тези за крајната десница во Европа

18.08.2014 15:28
Десет тези за крајната десница во Европа

1. Европските избори ја потврдија тенденцијата која со години се забележува ширум континентот: спектакуларен подем на екстремната десница. Станува збор за појава незапамтена уште од 1930-тите. Во многу земји ова движење доби помеѓу 10 и 20 отсто гласови; денес во три земји (Франција, Британија, Данска) веќе достигна 25 до 30 проценти. Впрочем, влијанието на крајната десница е поголемо од нејзиното гласачко тело; нејзините идеи ја контаминираат и „класичната“ десница, па дури и дел од социјално неолибералната левица. Францускиот случај е најсериозен, бидејќи успехот на Националниот фронт ги надмина дури и најпесимистичките предвидувања. Како што неодамна беше напишано во уводникот на сајтот Mediapar, „часот е пет до дванаесет“,

2. Крајната десница е многу разнолика и се движи од отворено нацистичките партии како „Златна зора“ во Грција до буржоаските сили кои се совршено интегрирани во институционалната политичка игра, како UDC во Швајцарија. Заеднички им се шовинистичкиот национализам, ксенофобијата, расизмот, омразата кон имигрантите - особено „неевропејците“ - и Ромите (најстариот народ на овој континент), исламофобијата и антикомунизмот. На тоа во многу случаи можат да се додадат антисемитизмот, хомофобијата, мизогинијата, авторитарноста, презирањето на демократијата и еврофобијата. Што се однесува до другите прашања, на пример, ставовите за или против неолиберализмот и секуларизмот - ова движење е поделено.

3. Би било погрешно да се верува дека фашизмот и антифашизмот се појави кои му припаѓаат на минатото. Секако, денес немаме масовни фашистички партии кои можат да се споредат со NSDAP во Германија од 1930-тите, но ни тогаш фашизмот не се ограничувал само на овој модел: шпанскиот франкизам и португалскиот саларизам многу се разликувале од италијанскиот и германскиот модел. Голем дел од денешната европска крајна десница делува во директно фашистишка и/или неофашистичка рамка: тоа важи за грчката „Златна зора“, унгарската Јобик и украинската партија Слобода и Десниот сектор; но и нешто понаква, за францускиот Национален фронт, австриската ФПО, и кај бегискиот Vlaams Belang, чии основчи одржуваа блиски врски со историскиот фашизам и силите кои колаборирале со Третиот Рајх. Во другите земји како Холандија. Швајцарија, Британија и Данска - крајните десничарски партии немаат фашистичко потекло, но со фашизмот ги споделуваат расизмот, ксенофобијата и исламофобијата. Еден од аргументите со кои често се докажува дека крајната десница се променила и повеќе нема многу врска со фашизмот е нејзиното прифаќање на парламентарната демократија и изборниот пат до власта. Ќе се потсетиме дека извесен Адолф Хитлер стана канцелар на Германија со легално гласање во Рајхстагот, и дека маршалот Петен за шеф на државата го избра францускиот парламент. Кога Националниот фронт би дошол на власт по пат на избори - што за жал повеќе не е хипотеза која може да се отфрли - што би останало од демократијата во Франција?

4. Економската криза која ја мачи Европа од 2008 речиси секаде (освен во Грција) повеќе ѝ помогна на крајната десница отколку на радикалната левица. Овие две сили се неспоредливи, за разлика од европската ситуација од триесеттите, кога во многу земји антифашистичката левица расте заедно со фашизмот. Денешната крајна десница несомнено профитираше од кризата, иако таа не објаснува сè: во Шпанија и Португалија, двете држави најтешко погодени од кризата, крајната десница остана маргинална. И во Грција, иако „Златна зора“ експоненцијално растеше, тоа се одвиваше во сенка на подемот на Сириза, коалиција на радикалната левица. Во Швајцарија и Австрија, земји кои во голема мера ја избегнаа кризата, расистичката краја десница често добива повеќе од 20 отсто од гласовите. Така што треба да се чуваме од економистичките објаснувања кои често ги дава левицата.

5. Историските фактори неспорно одиграа одредена улога: долгата антисемитска традиција распространета во некои земји; издржливоста на колаборационистичките струи од Втората светска војна; и колонијалната култура која ги проникнува ставовите и однесувањето долго по деколонизацијата - не само во поранешните империи, туку во речиси сите европски држави. Сите овие фактори делуваат во Франција и помагаат да се објасни успехот на партијата на Марина Ле Пен.

6. Концептот на „популизмот“ кој го користат некои политиколози, медиуми, па дури и дел од левицата, е сосема несоодветен за објаснување на оваа појава и служи само за ширење конфузија. Ако во Латинска Америка од 30-тите до 60-тите терминот популизам се употребуваше за да дефинира нешто сосема конкретно - варгасизмот, перонизмот итн. - неговата европска употреба од 90-тите до денес е сè помалку јасна и прецизна. Популизмот се дефинира како „политичка позиција која се определува со народот против елитата“, што важи за речиси секоја политичка партија или движење. Кога се употребува за партии од крајната десница, овој псевдоконцепт - свесно или несвесно - се легитимира, се чини прифатлив, или дури примамлив - зашто, кој веќе не е за народот против елитата? - внимателно избегнувајќи ги вознемирувачките изрази: расизам, ксенофобија, фашизам и екстремна десница. Неолибералните идеолози исто така свесно мистификаторски го користат „популизмот“ за да ги спојат крајната десница и радикалната левица, па ги означуваат како „десничарски популизам“ и „левичарски популизам“, бидејќи и едните и другите се против неолибералните мерки, „Европа“ итн.

7. Левицата во целина, со ретки исклучоци, сериозно ја потцени оваа опасност. Не го виде кревањето на кафеавиот бран, па така не виде ни потреба да преземе иницијатива во антифашистичка мобилизација. Според одредени струи на левицата, кои ја толкуваат крајната десница како обичен нус-производ на кризата и невработеноста, мораат да се нападнат причините, а не самата фашистичка појава. Таквото типично економистичко резонирање ја разоружа левицата пред десничарската расистичка, ксенофобична и националистичка идеолошка офанзива.

8. Ниедна општествена група не е имуна на кафеавата чума. Идеите на крајната десница, особено расизмот, загадија голем дел не само од ситната буржоазија и невработените, туку и од работничката класа и младите луѓе. Ова е особено забележливо во случајот на Франција. Овие идеи немаат врска со реалноста на имиграцијата: поддршката за Националниот фронт, на пример, беше особно висока во некои рурални области кои никогаш не виделе ниеден имигрант. А Ромите имигранти, кои неодамна беа предмет на хистерична раситичка кампања - со несебично учество на тогашниот „социјалисички“ министер за внатрешни раоти Мануел Валс - ги има помалку од дваесет илјади во цела Франција.

9. Другата „класична“ левичарска анализа на фашизмот е дека во суштина станува збор за инструмент на крупниот капитал за задушување на револуциите и работничкото движење. Бидејќи работничкото движење денес е многу ослабено и не постои револуционерна закана, крупниот капитал нема интерес да поддржува десничарски движења, па така ризикот од кафеава офанзива не постои. Тоа е уште едно економистичко толкување која не ја зема предвид автономијата на некој политички феномен - гласачите навистина можат да изберат партија која нема поддршка од крупната буржоазија - и судејќи според сè, го занемарува фактот дека крупниот капитал може да се прилагоди на најразлични политички режими без многу размислување.

10. Не постои волшебна формула за борба против крајната десница. Мораме да бидеме инспирирани - со соодветна критичка дистанца - од антифашистичките традиции од минатото, но мораме да бидеме и креативни за да реагираме на новите облици на оваа појава. Мораме да знаеме да ги комбинираме локалните иницијаиви со добро организирантие и стуктурирани унитарни социополитички и културни движења, и на национален и на континентален план. Понекогаш е можно да се здружиме со духовите на „републиканизмот“, но организираното антифашистичко движење може да биде ефикасно и веродостојно само ако го предводат сили надвор од неолибералниот консензус. Тоа подразбира борба која не може да се ограничи само на една земја, туку мора да се организира на ниво на Европа во целина. Борбата против расизмот, како и солидарноста со неговите жртви, е една од основните компоненти на овој отпор.

Извор: Verso Blog

ОкоБоли главаВицФото