Професии (4)

19.08.2014 08:51
Професии (4)

Акробат

Неговата храброст е света
- тој со заби се држи
за авион што лета.

Од кула може да скокне
во базен
што има вода една лажица.

Само тој може да
руча и спие
на затегната жица.

Акробатот ужива
во смртоносни скокови
што предизвикуваат шокови.

Сонува дека отаде градот
како на пајакова нишка
само се врти и ниша
и го постигнува складот.


Магионичар

Магионичарот е ненадминат маг.
Поради своите трикови
на децата им е посебно драг.
Од ништо тој создава сешто;
додека ние фантазираме
тој стварност создава вешто.
Кога ќе каже хокус-покус
тој ви изместува фокус;
од празниот шешир
тогаш извлекува зајак или лилјак.
Кога сака може да направи
човек сè да заборави
или набрзинка да отвори девет брави.
Гледачот од љубопитност може да зоврие
но никогаш нема да открие
како во шеширот се запалиле свеќи,
како животни излегуваат од вреќи
и како магионичарот е куртул од несреќи.
Ниту некој може да воочи
како тој од ракавот вода точи,
како во својот настап
марамчињата ги претвора во стап
а картите во чаша, од мајтап;
онака жустар, речиси срамежлив,
тој е сепак сосема непредвидлив:
во еден миг може да стане невидлив.

Пред спиење магионичарот
- а тоа ретко кој може да го сфати -
бара да го преполоват
за полесно во кревет да го стават.
Годините мои веќе од ништо не се срамат,
но признавам: магионичарите уште ме мамат.


Факир

Наместо салата факирот јаде жилети,
а како солени стапчиња му служат епрувети.

Кога другите јадат скара на пикник
факирот дома на послужавник
за ручек добива ѕиден часовник.

Обожава да јаде жица и клешти
(тогаш од радост се клешти),
полнети шпорети, фрижидери,
жилави федери и видеорикордери
(додуша залиени со блади мери).

Факирот може да изеде цигари пакло
или да спие врз смачкано стакло.
Стакло може и да јаде, наместо цвекло.

Наутро пред миењето заби тој ојачува
кога со гол стомак на кактус се качува;
и на сите тоа срдечно им го препорачува.

Луѓето мислат дека тоа е пад или испад,
но факирот најдобро се чувствува
- факт е - на железниот отпад.

Кога нешто слават факирите
храната внимателно ја избираат,
а на гостите најчесто
стари трамваи им сервираат.


Кловн

Лицето на кловнот е полно со шминка,
а устата дебела како кобасица дебрецинка.

Кловнот на очи може да пушта чад,
колегата да го мачка со мармалад
или торта да му забива в лице
- тогаш имаме слад, тогаш имаме склад.

Кловнот има ужасно црвени образи,
има предолги панталони од кои се сопиња,
има предолги чевли и затоа без да пази
постојано од нешто се опиња.

На секој кловн главниот штос
му е малку-малку да ѕвекне на нос.
Затоа носот му е голем и труби
кога ќе го притисне со прстите груби.
Има и друг штос: газот му чади
кога со лепеза се лади!

Се зборува дека во Франција
чисто од зафрканција
кловнираат кловнови...

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Илустрации: Ивица Антолчиќ
Препев: П. Вулкански

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото