Олимпијада за хомосексуалци

19.08.2014 12:45
Олимпијада за хомосексуалци

Како домаќин на Геј игрите или ЛГБТ Олимпијадата, поранешниот „град на челикот“ Кливленд сака да го поправи својот имиџ. Спортистите од целиот свет се чувствуваат добро, а локалната ЛГБТ заедница се надева на полиберална клима.

 

Тереза Бејерле е одушевена: „Како некој што живее во Охајо, не можев да замислам дека Геј игрите некогаш ќе дојдат овде“, вели боди-билдерката и професорка на Универзитетот во Акрон, град 50 километри јужно од Кливленд, кој заедно со својот двојно поголем сестрински град ги организира годинешните Геј игри. „33 години отворено живеам како лезбејка и видов како животот овде се промени. Апсолутно е фантастично тоа што Геј игрите се баш овде.“

Тоа што ЛГБТ Олимпијадата после толку привлечни места, како што се Сан Франциско, Њујорк, Амстердам или Келн, сега дојде во мирниот Кливленд, многумина го гледаат како шанса. Впрочем, Кливленд во трката за улогата на домаќин победи против Вашингтон и Бостон!

Цела недела 8.000 спортисти од САД и 38 други земји во Кливленд и Акрон ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини. Со овие игри, некогаш богатиот град кој сега се бори за својата егзистенција, сака да го поправи својот имиџ и да направи нешто за ЛГБТ заедницата во Охајо. Во својата видео порака на церемонијата на отворањето и претседателот Обама повика на поголема толеранција - не само во далечната Африка или Русија, туку и дома.

Дискриминација во Охајо

Џо Цимперман, член на Демократската партија на Обама, за Дојче Веле зборува без ракавици: „Нашиот град се наоѓа во држава која не дозволува истополови бракови. Во држава во која можат да те отпуштат затоа што си геј. Цврсто верувам дека со одржувањето на Геј игрите во Кливленд помагаме во борбата против дискриминацијата на ЛГБТ заедницата во Охајо.“

САД доживеаја општествена револуција во последната година, по пресудата на Врховниот суд, кога повеќе држави ги легализираа истополовите бракови. Охајо на североистокот на САД и понатаму спаѓа во мнозинството од 50 држави кои го негираат правото на истополовите двојки да склучат брак.

Ударна вест, до душа кратко, беше дека таксистите во Кливленд одбија да постават на своите возила реклами за Геј игрите. Главно станува збор за муслмани кои тврделе дека проблемот е во верски причини, вели такситот Нел Нвоке. Тие на крајот се распоредени по други делови на градот. Нвоке и самиот е муслиман, доаѓа од Нигерија, но нема ништо против Геј игрите.

Градот полн со знамиња со боите на виножитото

Сепак, не може да стане збор за резервираност или дури непријателство. Знаме со боите на виножитото и други знаци за добредојде има секаде, вели Марк Торпам, еден од учесниците.

Повеќе од 35 натпреварувања ќе се одржат на годинешните геј игри. Тоа вклучува традиционални спортови како пливањето, хокејот или фудбалот, но и „Ballroom“, единствено натпреварување во танц со истополови двојки.

Изгледа дека геј игрите не ги интересираат многу младите хомосексуалци. „Не видов многу млади учесници ниту млада публика. Повеќето имаат 40 или 50 години. Не го кажувам ова радо, но изгледа дека Геј игрие се за нешто постарите генерации“, признава Тереза Бејерле.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото