1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Насекаде има војна. Никогаш од завршувањето на Втората светска војна ова тврдење не звучело поточно од денес. Нова култура на војната е во подем. Германија сака повторно да ја засака бомбата. Политичарите и медиумите имаат намера да ги одвикнат граѓаните на Германија од нивниот пацифизам. Ако заговарате ненасилство како Маргот Кесман, станувате предмет на потсмев. Мораме да го спречиме тоа. Циниците кои мислат само на војна, започнаа борба за нашата душа.
Германија би требало да игра нова улога во светот. Тоа го рече претседателот Гаук, а му се придружија и министерката за одбрана и министерот за надворешни работи. Медиумите се соучесници во оваа игра. Како би требало да изгледа таа нова улога? Отприлика вака: ја поддржуваме киевската влада која пука на сопственото население, на Израел му испорачуваме ракетни фрлачи и нуклеарни подморници, додека генералниот секретар на ОН зборува за „злосторства“ во Газа, а сега сакаме да интервенираме во Ирак. „До границата на политички и воено изводливото“, изјавува Франк-Валтер Штајнмаер. „За да спречиме геноцид, а можби и нешто повеќе“, навестува Урсула фон дер Леен.
Секако, за нас е најважна возвишената цел. Зарем украинската влада нема секакво право да се брани од сепаратистите? Зарем Германија не чувствува историска вина кон Израел? Како да не реагираме додека Језидите умираат од жед во Ирак? „Совеста ни вели, оружјето е чесно, ако се носи за праведна работа“, вели Хари Хотспур кај Шекспир. За кого целта ги оправдува средствата, тој наскоро ќе биде спремен да употреби секакво средство за да ја постигне својата цел.
Џем Оздемир неодамна на ARD рече дека курдските борци спасиле илјадници језидски животи: „не го паправија тоа со простирка за јога, туку со оружје.“ Изгледа дека на лидерот на Зелените тоа му е многу забавно? Зелените некогаш беа партија која покренуваше жестоки расправи зе етиката на дејствувањето и недејствувањето. Денес, 22 години по смртта на Петра Кели, Оздемир изгледа го пронајде одговорот: мораме добро да ги вооружиме вистинските луѓе, а мирот ќе дојде сам по себе. Ако го знаевме ова порано, ќе ги избегневме сите оние дебати.
Познато е дека луѓето не учат од историјата, но вознемирувачки е колку е кратко нивното памтење. Карл-Георг Велман, политичар од CDU задолжен за надворешна политика, меѓу првите заговараше испорака на оружје за Курдите за борба против џихадистите. Курдите ги нарекува „западно ориентиран фактор на стабилност“. Истото го мислеа и Американците за муџахедините додекаа им праќаа стингер ракети за борба против Русите. Велмановиот „фактор на стабилност“ во моментов ја шири својата зона на влијание: Курдите на почетокот на јули го зазедоа богатиот со нафа Киркук. Дали Велман знае што ќе направат со оружјето кое им го испраќаме? За разлика од јогуртот, оружјето нема рок на траење.
Што е тогаш со Сребреница, Руанда или со загрозените Језиди? За тоа во Шпигел сè кажа поранешната бискупка Маргот Кесман: „Интересно е тоа што секогаш размислуваме од крајот, кога се чини дека ненасилно решение повеќе не е можно. Денес постојат институти за истражување на мирот кои развиле стратегии за избегнување или решавање на судирите. Недостасува единствено волја. Најдобар пример е Германија која годишно издвојува 30 милијарди евра за војската, а 29 милиони евра за цивилната служба.“
Јан Флајшауер ја обвинува Маргот Кесман дека иако е теолог, не може да го разбере „злото“. Притоа, уште од експериментот на Стенли Милграм и Филип Зимбардо знаеме дека злото е само прашање на околности. Милграм ги навел учесниците во својот експеримент да изложат еден бесспомошен човек на болни струјни удари. Зимбардо во својот затворски експеримент на едната група ѝ доделил улога на затвореници, а на другата на чувари, кои набрзо се претвориле во садисти.
Ние, граѓаните на Германија, знаеме за заводливоста на злото и без овие експерименти.
Да, мораме да им помогнеме на Језидите. Но нивниот противник, новото лице на исламскиот тероризам Абу Бакр ал-Багдади, баш како и неговиот претходник Осама Бин Ладен, е изданок на фаталната американска блискоисточна политика. Каде почнува „одговорноста“ за која постојано се зборува?
Украина, Газа, Ирак - никој не верува дека насилството ќе ги реши овие проблеми. Воените интервенции на Запад се капитулација на практичната политика, а воедно и на политичката креативност. Германија сака да направи нешто за светот? Тогаш, би требало да стане творец на нова мировна политика. Би требало да престанеме со расправи за „праведната војна“ и да се стремиме кон праведен мир.
„Ако сакате мир, спремајте се за војна.“ Тоа отсекогаш била опасна и бесмислена лекција. Време е да ги оставиме старите Римјани во минатото. Постои алтернатива и таа гласи: „Ако сакате мир, спремајте се за мир.“
Извор: Spiegel, 14.08.2014.
Слики: Брајан МекКарти