Што ни кажува Фергусон за Америка?

20.08.2014 11:36
Што ни кажува Фергусон за Америка?

Колку Фергусони има во Америка? Непропорционалноста во предградието Сент Луис е екстремна. Дури 21.000 жители се Афроамериканци, а градоначалникот е белец, исто како и пет од шест градски одборници. Во полицијата работат 50 белци, од 53 вработени. Нередите кои избија затоа што полицаец го уби тинејџерот Мајкл Браун се одраз на таквата ситуација, сметаат многумина. „Уделот на Афроамериканците во институциите на Фергусон на сите полиња е мал“, вели социологот Дарнел Хант, директор на Центарот за афроамерикански студии на Универзитетот во Калифорнија.

„Сè изгледа како во 40-тите години на минатиот век, од времето пред борбата за граѓански права.“ Па, дали тогаш Фергусон е посебен случај? Не - уверени се, судејќи според анкетите, 80 отсто од Афроамериканците кои во случајот Браун го ставаат товарот на расизмот. Кога станува збор за белите испитаници, 37 отсто од нив го гледаат тоа на начинот на кој го гледаат и црномурестите граѓани на Америка.

Трејвон Мартин (17), кој беше убиен на Флорида

„Да се држат на кратко“

„Фергусон е пример за она што во последните години и децении постојано го гледавме во оваа земја“, вели Лексер Кејми, портпарол на Водечката конференција за граѓански и човекови права, покривно здружение на највлијателните организации за борба за човекови права. Кејми укажува на повеќе случаи кога полицајците пукале во невооружени Афроамериканци. Она што тогаш ги полнеше насловните страници ширум светот е убиството на 17-годишниот Трејвон Мартин, кој беше убиен од припадник на Градската гарда на Флорида, а посебно кога убиецот пред пет години беше пуштен на слобода.

„И јас можев да бидам Трејвон Мартин“, рече тогаш американскиот претседател Барак Обама. Не постојат сигурни статистики за тоа колку често полицајците пред време посегнуваат по оружје, но изминативе години постојано излегуваат на виделина поединечни случаи. Според пишувањата на левиот либерален магазин „Mother Jones“, само од средината на јули се убиени четири невооружени лица со црна кожа.

„Меѓутоа, не се слуша за ниеден случај во кој е убиен тинејџер белец“, вели социологот Хант и нагласува дека тоа не е случајно. „Постои мислење според кое црните мажи претставуваат опасност и дека треба да ги држиме 'на кратко'.“ Факт е дека црните и белите Американци имаат сосема различни искуства во односот со полицијата. На пример, минатата година во Фергусон од вкупниот број на истраги, 92 отсто се водени против Афроамериканците, 93 отсто од приведените возачи беа граѓани со црна боја на кожата, иако полицијата многу почесто ги фаќа белите луѓе во нелегални дејствија (37 отсто) отколку Афроамериканците (22 отсто). Ни тој диспаритет не е специфичност на Фергусон. И во Њујорк во рутинските контроли на пешаците пред сè се контролираат Латиноамериканците и Афроамериканците. Во таканаречената практика „Stop-and-Frisk“ во околу 200.000 случаи се контролирани само 11 отсто белци.

И полицијата во Њујорк почесто ги контролира лицата со црна боја на кожата

Митот за еднаквоста

„Мајките и татковците на црните синови не можат никогаш да бидат сигурни дека нивните деца нема да бидат малтретирани, апсени или злоупотребувани од страна на полицијата“, вели Лексер Кејми. „Во многу заедници на лица со црна боја на кожата, родителите мораат да бидат сигурни дека нивните деца ги знаат своите права за да го преживеат контактот со полицијата.“ Нивните здруженија бараат низа промени, меѓу другите и забрана за полициска контрола врз основа на боја на кожата, поголема контрола на локалните полициски сили од страна на Министерството за правда и зајакнување на напорите за застапеност на припадниците на тие заедници во полицијата.

За социологот Хант тие познати случаи на полициско насилство пред сè се симптом на длабоко вкоренетите промени. „Имаме црн претседател, а на многу Афроамериканци во економска смисла им е многу полошо отколу пред 20 години.“ Црномурестите лица практично во сите области на животот се во помалку поволна положба: невработеноста со децении е двојно поголема отколку кај белците, семејните примања се за една третина помали од просекот на државно ниво, црните луѓе трипати повеќе живеат во сиромаштија отколку белците, а четири пати повеќе се осудувани.

„Постојано се зборува дека САД го оставија зад себе проблемот со расната еднаквост. А потоа, кога ќе се случи нешто како во Фергусон, тоа нè наведува да размислиме: Па чекај малку, овде и понатаму нешто не е во ред“, вели Хант.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото