Куче тврди дека човекот не му е најдобар пријател

20.08.2014 12:54
Куче тврди дека човекот не му е најдобар пријател

Скопје, 20 август 2014

Ирскиот сетер Чарли (6) тврди дека човекот не му е најдобар пријател, како што повеќето луѓе со години сметале, соопшти утрово Институтот за анимална комуникација од Скопје.

Повеќенеделните обиди за комуницирање со Чарли минатите денови ги дале првите резултати и една од првите работи кои овој ирски сетер им ги соопштил на истражувачите била дека иако многу ги цени луѓето, а особено својот сопственик Љубе, не може за ниту еден од нив да каже дека му е најдобар пријател.

„Чарли рече дека не може да зборува во име на другите кучиња, но тој лично смета дека човекот не му е најдобар пријател. Кога станува збор за пријателите, го спомна доберманот Ристе и далматинецот Перо, со кои до скоро беше во секојдневна комуникација во градскиот парк“, изјави д-р Максим Коцевски, кој го вршеше истражувањето.

Сопственикот на Чарли, 46-годишниот Љубе Илијоски, тешко ја прими оваа вест, бидејќи тој на сите им раскажувал дека Чарли е единствениот пријател кој го разбира.

„Тажно е кога со години доживувате некого за свој најдобар пријател, убедени сте дека тој го мисли истото за вас, а потоа слушате дека сте живееле во заблуда“, изјави Љубе и додаде дека одбива целосно да поверува во ова тврдење сè додека не слушне и второ мислење од Институтот за кучешка комуникација „Мурџо“ од Крива Паланка.

Извор: www.njuz.net